Македонија
Се поминува на црвено, се вози бесно, се користат телефони: во Македонија сообраќајните правила тешко се почитуваат
Во текот на вчерашниот ден 700 возачи се казнети за брзо возење. Полицијата направи контроли во Скопје, Битола, Штип и Тетово. Во сите градови, најголем дел од изречените казни биле за брзо возење.
„Од нив, 82 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 10 возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволенота брзина. Притоа, 331 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 369 надвор од населено место“, посочија од МВР.
Во Скопје се казнети 193 возачи. Меѓу нив имало и такви кои минувале на црвено светло.
„За возење повеќе од дозволената брзина 50 санкции, 20 санкции за управување под дејство на алкохол, 20 мерки за возење без возачка дозвола, 23 санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл. Изречени се четири санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло), три санкции за некористење сигурносен појас, 18 мерки за технички неисправни и нерегистрирани возила“, додаваат од МВР.
За шест часа во Битола казнети се 161 возач.
„122 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 39 надвор од населено место. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци“.
Во Штип за време на контролата биле казнети 85 лица.
„Од кои 62 надвор од населено место и 23 во населено место и тоа: 30 на подрачјето на Штип, 18 Свети Николе, 12 Делчево, 11 Берово, 9 Кочани, 3 Пробиштип и 2 Виница. Санкционирани биле и 21 други видови на прекршоци, од кои 8 за управување возило без возачка дозвола, 3 за нерегистрирано возило, 5 за возач почетник, 3 за некористење сигурносен појас, 1 за користење мобилен телефон и 1 за некористење заштитна кацига“, велат од МВР.
Во Тетово за шест часа казнети се 68 возачи.
„Кои ја пречекориле максимално дозволената брзина надвор од населено место (Тетово-39 и Гостивар-29).Четири од нив (Гостивар) се движеле со над 70 километри повеќе од пропишаната брзина, а 26 возила (Тетово-11 и Гостивар-15) со брзина за 50 до 70 километри на час повеќе од дозволената. Покрај ова, биле санкционирани и 39 пречекорувања на брзината во населено место (Тетово-37 и Гостивар-2), како и 6 други видови сообраќајни прекршоци (Тетово-3 и Гостивар-3)“, посочуваат од МВР.
Казните кои се изречени се во износ од 45 до 400 евра. На дел од возачите ќе им бидат одземени и возачките дозволи од три месеци до една година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.
Македонија
Кисела Вода со прочистувачи ќе го чисти воздухот во градинките
Во градинките на територијата на општина Кисела Вода се поставуваат прочистувачи за воздух. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја посети градинката „Синоличка“ при ЈДГ „Весели цветови“, една од градинките каде што веќе се поставени прочистувачи.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, при посетата, таа разговарала со вработените за значењето на оваа мерка, која директно придонесува за подобрување на условите за престој, како и за заштита на здравјето и благосостојбата на најмладите.
Покрај во градинките, прочистувачи за воздух се поставени и во спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како и во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу“.

-Оваа активност е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за создавање почиста и поздравa животна средина, особено во објектите каде што секојдневно престојуваат деца и млади. Општина Кисела Вода и претходно презеде низа конкретни чекори во оваа насока, посочуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека прочистувачи за воздух биле поставени во сите училници во сите основни училишта на територијата на општината, како и во поголемите паркови, со цел да се подобрат условите за престој и секојдневно функционирање на граѓаните.
-Грижата за здравјето на нашите најмлади е еден од нашите највисоки приоритети. Со поставувањето на пречистувачи за воздух во градинките, училиштата и спортските објекти, создаваме поздрави услови за престој и развој на децата. Ова е дел од стрстегијата на Општина Кисела Вода за почиста животна средина и за подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани, заложба од која нема да отстапиме, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Откажани и одложени повеќе летови на Меѓународниот аеродром Скопје
Маглата го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб страница, има повеќе откажани и одложени летови.
На официјалната страна на Меѓународниот аеродром Скопје, од утринава откажани се летовите Истанбул, Измир, Венеција и Љубљана, како и повеќето полетувања.

Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, вчера од 00:00 часот до 18 часот, како што информираа од ТАВ Македонија имло 16 откажани и 11 пренасочени летови, додека три авиони слетале и три авиони полетале после пладне, кога се подобриле временските услови.

