Македонија
Натепаниот Кадриески се враќа во Струга за да се бори за Бугарите, нема привилегии како што доби Пендиков
Натепаниот копретседател на бугарското здружение во Струга, Бекир Кадриески е во добра состојба. Тој со канила на раката, се сликаше со Виктор Стојанов, основач на фондација во земјава, кој има забрана за влез во Македонија. Кадриески делувајќи како Христијан Пендиков, а ставајќи етничка етикета на тепачката, доби лекување во Бугарија, но не и живеалиште, државјанство, обезбедување како што претходно беше случај. Тој ќе се врати во Македонија, најави Стојанов.
„Бекир Кадриески е добро и наскоро ќе се врати во Северна Македонија за да ја продолжи борбата за човековите права на Бугарите во Македонија“, напиша Стојанов, кој потоа додаде: Напаѓачот на Бекир Кадриески не е обвинет за тепањето што му го нанел и е во бегство. Ова е државата Северна Македонија. Нема да има правична истрага, како што бара Министерството за надворешни работи на Бугарија“.
На оваа тепачка и се стави етнички предзнак по изјавата на Кадриески дека бил навреден од страна на тепачот. МВР соопшти дека станува збор само за нарушување на јавниот ред и мир и дека нема дело, но ќе има соодветен поднесок. Од бугарските власти дојде осуда и барање за правична истрага.
Кадриески бараше лекување во Бугарија, како што претходно тоа го направи Пендиков. Тврдеше дека се сомнева оти во Македонија ќе биде лекуван како што треба. Бугарските власти му го овозможија и беше транспортиран. Стигна и известување дека е во стабилна состојба, без тешки повреди. За разлика од Пендиков кој доби обезбедување, стан, државјанство – Кадриески ќе се врати без вакви привилегии.
Инаку, Стојанов, објавувачот на веста за враќањето на Кадриески, има забрана за влез во Македонија. Тој заедно со други бугарски политичари е на црната листа на нашата земја и беше вратен од граница.
Инаку против Пендиков обвинителството отвори постапка, поради неговите навредливи изјави против Македонија и Македонците, во кои кажуваше дека Бугарите не се безбедни во оваа земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

