Македонија
(Видео) Гаревски: „За среќно“ – експертизата за мостот „Беласица“ најдоцна до среда, потребна е санација – употреблив од септември
На мостот „ Беласица“ нема посериозни оштетувања и затоа нема да биде потребно негово зајакнување вели во интервју за „Макфакс“ професорот Михаил Гаревски од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени. Најоптимистички е дека мостот може да се пушти во употреба во септември.
Испитувањата практично се завршени, вели тој, појаснувајќи дека ќе следи уште едно ласерско скенирање кое, како што додава, нема да смени многу.
„Најсовремено ласерско скенирање на мостот, за добивање на континуирани геодетски резултати на деформација на мостот. Со ова ласерско скенирање кое што ќе биде во тек деновиве, ќе се добие континуитет на поместувањата. Практично ова и не е потребно, но се спроведува за понатамошното пробно товарање, при што ласерски ќе се мониторира мостот кога ќе се донесат камионите“, прецизира Гаревски.
Додава дека експертизата ќе биде готова во понеделник или најверојатно до среда наредната недела.
„Однапред е јасно според нашите анализи, практично не е потребно зајакнување на мостот. Но како што кажав многупати дури и како што кажа градоначалничката ќе треба извесно рефреширање односно лесна санација“, вели професорот.
Објаснува и зошто било направено снимањето со дрон а зборува и за класификацијата на оштетување на мостот.
„Може да се каже дека се приближува накај повеќе оштетен мост, но сепак класификацијата која ќе ја дадеме ќе биде лесно оштетен мост бидејќи никаде не успеавме да видиме откриени кабли. Ризикот е многу поголем кога каблите се откриени“, вели Гаревски.
Тој прецизираше и можен датум кога мостот би можел да биде повторно пуштен во употреба додавајќи дека никој не е крив за тоа што се касни. Истакна дека целиот процес зависи од многу фактори, а сега најмногу од тоа, за колку време ќе бидат отстранети цевките под мостот.
За спротивставените изјави со Арсовска, за тезгарењата, состојбата со другите мостови во државата и слично во интервју за„ Макфакс“ одговара Михаил Гаревски, од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.
Македонија
Кисела Вода со прочистувачи ќе го чисти воздухот во градинките
Во градинките на територијата на општина Кисела Вода се поставуваат прочистувачи за воздух. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја посети градинката „Синоличка“ при ЈДГ „Весели цветови“, една од градинките каде што веќе се поставени прочистувачи.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, при посетата, таа разговарала со вработените за значењето на оваа мерка, која директно придонесува за подобрување на условите за престој, како и за заштита на здравјето и благосостојбата на најмладите.
Покрај во градинките, прочистувачи за воздух се поставени и во спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како и во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу“.

-Оваа активност е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за создавање почиста и поздравa животна средина, особено во објектите каде што секојдневно престојуваат деца и млади. Општина Кисела Вода и претходно презеде низа конкретни чекори во оваа насока, посочуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека прочистувачи за воздух биле поставени во сите училници во сите основни училишта на територијата на општината, како и во поголемите паркови, со цел да се подобрат условите за престој и секојдневно функционирање на граѓаните.
-Грижата за здравјето на нашите најмлади е еден од нашите највисоки приоритети. Со поставувањето на пречистувачи за воздух во градинките, училиштата и спортските објекти, создаваме поздрави услови за престој и развој на децата. Ова е дел од стрстегијата на Општина Кисела Вода за почиста животна средина и за подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани, заложба од која нема да отстапиме, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Откажани и одложени повеќе летови на Меѓународниот аеродром Скопје
Маглата го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб страница, има повеќе откажани и одложени летови.
На официјалната страна на Меѓународниот аеродром Скопје, од утринава откажани се летовите Истанбул, Измир, Венеција и Љубљана, како и повеќето полетувања.

Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, вчера од 00:00 часот до 18 часот, како што информираа од ТАВ Македонија имло 16 откажани и 11 пренасочени летови, додека три авиони слетале и три авиони полетале после пладне, кога се подобриле временските услови.

