Македонија
Пендаровски: Македонско-американското пријателство е на добра основа и нема елементи кои можат да го загрозат
Претседателот Стево Пендаровски се обрати на конференцијата „Односите на Соединетите Американски Држави и Северна Македонија во ера на геополитички превирања“ во организација на Претседателскиот центар за политичко образование. На конференцијата се обрати и Анџела Прајс Агелер, амбасадорка на Соединетите американски држави во Република Северна Македонија.
Осврнувајќи се на меѓусебните односи претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија во САД секогаш гледа како на стратешки партнер. Земјава, како што истакна претседателот Пендаровски е една од неколкуте држави којашто со САД има потпишано Договор за стратешко партнерство. Во таа насока, додаде претседателот Пендаровски, националниот интерес на САД е Северна Македонија да остане во овие граници, да биде демократска и функционална, мултиетничка држава.
„Нашето партнерство со САД е засновано на јасни премиси, јасни вредности кои ги споделуваме. Нашите граѓани во огромен број, и Македонците и Албанците, бидејќи тука има разлика во перцепции, сепак не гледаат друг геополитички актер кој би требало да ја замени улогата кои сами ја имаат како модел на демократија на која се угледуваме“, истакна Пендаровски.
Говорејќи за влијанието на трети земји во државата, но и воопшто во регионот, претседателот Пендаровски подвлече дека истите не се закана за разнишување на партнерството на САД со Северна Македонија.
„Македонско-американското пријателство, стратешко пријателство е на добра основа и тука нема елементи кои можат да го загрозат до степен некој да размислува, следна Влада, следен Парламент, да размислуваат за фундаментална промена на стратешкиот курс на Македонија“, заклучи претседателот Пендаровски.
Според амбасадорката Агелер, нашата земја е несомнено побезбедна како членка на НАТО, има безбедносна гаранција од САД и од другите меѓународни партнери. Придонесот на Северна Македонија од приклучувањето во Алијансата, како што посочи Агелер е извонреден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци, правда ќе има
Го разбираме револтот на граѓаните од одлуката на правосудните органи со 2 посто доверба од граѓаните за случајот со Артан Груби. Тоа незадоволство доаѓа по 7 годишна агонија на правосудните органи кои беа под политичка тортура и притисок на криминалната банда СДС-ДУИ и серија неказнивост за политичарите кои од просечно ситуирани граѓани станаа олигарси на грбот на граѓаните. Тоа време заврши, а криминогениот и до гуша во афери Артан Груби ќе одговара, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршната власт во овој случај има обврска да го обезбеди бегалецот пред органите на правдата и тоа МВР го направи.
Што се однесува до лицемерието на СДС тоа се гледа и во фактот што до вчера велеа дека власта го пуштила да избега, а од денес велат дека е договорено неговото обезбедување пред органите на прогонот. Вистината е дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите заедно ќе одговараат. Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци. Правда ќе има“.
Македонија
Дефокус не го полни фрижидерот, потребна е 600 евра минимална плата, велат од СДСМ
Со дефокус нема да ја тргнете темата за 600 евра минимална плата. Дефокус не го полни фрижидерот, истакнуваат од СДСМ.
„Со дефокус не можете да ја тргнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари. Повеќе не можете така да поминувате. На сите им е сè јасно. План за ребаланс на буџетот и кратење на луксузот ви дадовме. Прифатете го предлог-законот, откажете се од авионот, мебелот и луксузирањето. Дајте им на работниците тоа што го заслужуваат за пристоен живот.
Џабе ви се 40% од медиумите во сопственост на Орбан – гладен стомак не можете со пропаганда да го убедите дека е сит. Луѓето живеат тешко додека вие ги полните џебовите со тендери“.
Секојдневно ја задолжувате државата за вашите тендери, ги полните своите џебови додека луѓето едвај врзуваат крај со крај, реагираат од СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ.
„Вашите црни кампањи, така наречени новинари како Латас, Ивона, Геро и „суперхероите“ како Бетмен не поминуваат повеќе. Вашите Алфа/Алта мрежи не можат да го запрат незадоволството кај народот.
Прифатете го законот заради работниците – доста беше од вашите игри.
Ќе дојде ден кога правосудството ќе биде слободно – сите ќе одговарате“.
Македонија
Поради одрон на патниот правец Катланово – Велес, сообраќајот се одвива по една коловозна лента
Од 08:40 часот поради одрон на патниот правец А1 Катланово – Велес, на 2,5км после Б.П. Детоил сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 20 – 25 метри, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево

