Свет
Вагнеровци се спакуваа за назад, останува мистерија што го премисли лутиот Пригожин

По драматичните моменти во Русија откако шефот на Вагнер објави бунт против руското раководство и ги поведе борците кон Москва, во вечерните часови ситуацијата се смири кога Евгениј Пригожин објави дека неговите војници ќе го запрат движењето кон Москва „за да не се излее Руска крв“.
Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко разговараше со Пригожин и како резултат на преговорите што траеја цел ден, Пригожин се согласи да ја деескалира ситуацијата.
Прес-службата на Лукашенко соопшти дека преговорите се воделе во договор со рускиот претседател Владимир Путин.
„Пригожин се согласи да го прекине маршот кон Москва и да преземе чекори за деескалација на ситуацијата“, се вели во соопштението.
Како дел од договорот, борците на Вагнер ќе добијат безбедносни гаранции, пишува Би-Би-Си.
Што друго му било понудено на Пригожин и неговите платеници не е познато.
Во меѓувреме, од Минск беше соопштено дека рускиот претседател Владимир Путин и Лукашенко разговарале за преговорите и дека рускиот лидер му се заблагодарил на својот белоруски колега за ангажманот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Фото) Маринците пристигнаа во Лос Анџелес

Стотици американски маринци пристигнаа во Лос Анџелес, а подоцна денес се очекуваат уште, по наредба на претседателот Доналд Трамп, кој претходно распореди 4.000 војници на Националната гарда за да ги смират протестите и покрај противењето на локалните лидери.
Немирите беснеат во градот со денови откако администрацијата на Трамп започна серија имиграциски рации во петокот, иако локалните власти изјавија дека протестите вчера биле во голема мера мирни.
Marines with 2nd Battalion, 7th Marines, who were placed in an alert status over the weekend to support #USNORTHCOM mission, prepare to depart for the greater Los Angeles area June 9. pic.twitter.com/xUDw0byvqd
— U.S. Northern Command (@USNorthernCmd) June 9, 2025
Околу половина од околу 700 маринци на кои Трамп им нареди да влезат во Лос Анџелес пристигнаа доцна синоќа, а останатите ќе влезат во градот денес, изјави американски функционер за Ројтерс.
Карен Бас, градоначалничката на Лос Анџелес, изјави за телевизијата KABC дека повеќе од 100 лица биле уапсени во понеделник, но дека повеќето од демонстрантите биле ненасилни.
Во текот на викендот, демонстрантите фрлаа камења и други предмети кон полицајците и возилата и запалија неколку автомобили. Полицијата одговори со шок бомби и солзавец.
Европа
ЕУ подготвува нов удар врз Путин, објавени се деталите

Европската комисија (ЕК) денес предложи 18-ти пакет санкции против Русија, главно насочени кон руските приходи од енергија и банкарскиот сектор.
„Предлагаме 18-ти пакет строги санкции, насочени во суштина кон два сектора, рускиот енергетски сектор и банкарскиот сектор. Ги прошируваме забраните за извоз и ги зајакнуваме мерките против заобиколување на санкциите“, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Извршното тело на ЕУ за прв пат предлага забрана за трансакции со гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, како и намалување на максималната цена по која може да се продава руска нафта од 60 на 45 долари за барел.
Намалувањето на максималната цена за продажба на руска нафта е мерка усвоена од групата Г7, која ќе разговара за тоа на самитот во Канада оваа недела.
Новиот пакет санкции вклучува дополнителни 77 бродови кои се дел од таканаречената руска флота во сенка, бродови кои пловат под знамиња на трети земји и кои ги користи Русија за заобиколување на санкциите. На листата веќе има 342 брода.
Фон дер Лајен изјави дека на почетокот на војната, руските приходи од извоз на енергија во Европа изнесувале 12 милијарди евра месечно, но благодарение на досегашните санкции, тие паднале на 1,8 милијарди евра. „Тоа е сè уште премногу“, рече таа, додавајќи дека една третина од приходите на Русија доаѓаат од продажба на нафта.
Во банкарскиот сектор, ЕК ја проширува забраната за пристап до SWIFT, систем за размена на комуникации меѓу банките, до целосна забрана за трансакции.
Се предлага и забрана за извос во Русија во вредност од над 2,5 милијарди евра, што би го оневозможило пристапот на руската економија до критични технологии и индустриски стоки, вклучувајќи машини, метали, пластика и хемикалии.
Со неа се ограничува и извозот на стоки и технологии со двојна употреба што се користат за производство на беспилотни летала, ракети и други системи за оружје. Санкциите се насочени и кон 22 руски и странски компании кои обезбедуваат директна или индиректна поддршка на рускиот воено-индустриски комплекс.
Земјите-членки, кои треба едногласно да го потврдат пакетот санкции, започнуваат дискусии за предлогот оваа недела.
Регион
(Фото) Пијан Македонец удри во паркиран автомобил во Загреб, казнет е со 4.860 евра

45-годишен државјанин на Северна Македонија бил вклучен во сообраќајна несреќа на улицата Радничка во Загреб околу 6 часот наутро во неделата, објави хрватски Индекс.
Тој управувал со „фолксваген пасат“ со загрепски регистарски таблички и возел југозападно низ паркинг на северната страна од пристапниот пат до ресторан.
Пристигнувајќи до куќата број 27, тој се вратил на пристапниот пат, застанал и возел напред. Во тој момент, предниот лев дел од неговиот автомобил удрил во задниот дел од „рено клио“ со загрепски регистарски таблички, сопственост на 40-годишна жена, кое било паркирано.
Со истрагата и алкотестот е утврдено дека 45-годишниот возач управувал возило со 1,76 промили алкохол во крвта.
Сообраќајната несреќа предизвикала материјална штета. Возачот бил уапсен и сместен во посебни простории додека не исчезнат ефектите од опојната материја. Потоа бил изведен во Општинскиот прекршочен суд во Загреб.
Во обвинителниот акт, полицијата предложила возачот да биде казнет со парична казна од 5.360 евра и затвор, како и да му се изрече заштитна мерка забрана за управување со моторно возило Б категорија во траење од 12 месеци.
Судот го прогласи обвинетиот за виновен, му изрече парична казна од 4.860 евра и му изрече заштитна мерка забрана за управување со моторно возило Б категорија во траење од 12 месеци, објави Индекс.