Македонија
СДСМ ќе направи сè за исполнување на стратешката цел: членство во ЕУ до 2030 година

СДСМ, заедно со коалициските партнери, заедно со граѓаните, ќе направи сè за Македонија да продолжи напред по европскиот пат и да ја исполниме стратешката цел: членство во ЕУ, потенцираат од оваа партија.
„Можеме во тоа да успееме. До 2030 година да стоиме рамо до рамо со своите европски партнерски земји како рамноправна членка на Европската Унија. ЕУ е нашата единствена алтернатива, а визијата на СДСМ за просперитетна земја обединета со Европа отсекогаш била во суштината на партиското делување. Членството во ЕУ значи интегрирање на признаениот македонски идентитет, јазик и култура во богатиот европски мозаик“, се истакнува во соопштението од страна на СДСМ.
Според нив, државата нема да добие подобар одговор.
„Ново вето од надвор нема да има, за што потврда има од сите релевантни меѓународни фактори. Сега е време за одлука и реализација на уставните измени. СДСМ ќе направи сè и ги повикува сите релевантни политички партии да се приклучат на процесот. Заедно да изградиме иднина каде што нашите млади ќе можат да ги остварат своите соништа, каде што нашата економија напредува и каде што нашите демократски вредности јакнат“, додаваат од партијата на власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.