Спорт
ФК Академија Пандев: Од денеска клубот се вика АП Брера Струмица и има ново лого
Македонскиот прволигаш Академија Пандев се ребрендира и во иднина ќе има ново име – Академија Пандев Брера Струмица. Компанијата „Брера Холдинг“ пред повеќе од еден месец купи 90% од акциите на Академија Пандев.
Променето е и логото на клубот, избран е нов Одбор на директори, а за претседател е назначен Горан Пандев, информираат од клубот.
„По купувањето на 90 отсто од акциите на ФК „Академија Пандев“ АД од страна на „Брера Холдинг ПЛЦ“, ја информираме јавноста дека нашиот клуб од денес се ребрендира како ФК „АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ БРЕРА СТРУМИЦА“ АД.
Преименувањето е во согласност со позитивната законска регулатива во земјава, откако во Собранието на клубот влегоа новите акционери, при што беше избран нов Одбор на директори, а за претседател е назначен Горан Пандев.
Согласно веќе донесените акти, новата сопственичка структура одлучи новото име да биде спој на досегашното со името на новите инвеститори како и на градот Струмица како локација и место од кое произлегоа плејада на квалитетни фудбалери познати на домашната и меѓународна сцена. Како клуб во иднина ќе настапуваме со кратенката ФК „АП Брера Струмица“, а за комерцијална употреба „Брера Струмица“.
Освен името се менува и официјалното лого на клубот. Во новото се додаваат боите на инвеститорот Брера, грбот на општина Струмица, а составен дел ќе биде и досегашниот амблем на клубот при што на латинично писмо ќе пишува Брера Струмица.
Мисијата на ФК Академија Пандев Брера Струмица ќе биде градење на фудбалски клуб според европските стандарди од организациски, стручен и комерцијален аспект. Фокусот ќе биде насочен кон градење на стабилен прв тим каде место ќе се даде на фудбалери од сопствените младински школи, инвестиции во младинските погони со организација и учество на силни турнири, подобра фудбалска инфраструктура, размена на искуства со познати европски фудбалски центри како и градење на квалитетни фудбалери со можност да бидат дел од големи фудбалски клубови во странство, но и соработка со сите останати фудбалски клубови од Струмица и Македонија“, се вели во соопштението на струмичкиот прволигаш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Македонија со пораз од Данска го започна Европското првенство
Ракометната репрезентација на Македонија, со пораз го започна настапот на 17-то Европско првенство во Данска, Шведска и Норвешка. Во првото коло, во Б групата, Данска ја победи Македонија 36:24 (17:12).
Македонските репрезентативци, во Хернинг, дадода се од себе, но Данска го демонстрираше својот квалитет и покажа зошто е најдобриот тим во светот.
Македонија се држеше во првото полувреме, најмногу поради тактички добрата игра во нападот, одбраната не можеше да ги задржи ѕвездите на данската селекција.
Десет минути беше нерешено, а потоа Данците со молскавична серија 5:0 се одвоија на 8:3. Успеа Македонија да фати каков таков приклучок, намали на три гола и не реализира напад за минус два. На крајот првиот дел заврши 17:12.
Во вториот дел Данците го засилија темпото во одбраната, во првите 15 минути Македонија тешко доаѓаше до чисти позиции. Данците стекнаа двоцифрена предност и забележаа очекувана победа.
Најефикасни играчи во македонската репрезентација беа Серафимов со шест, односно Кузмановски и Митев со по четири гола. Најдобрите Данци, Питлик и Гидсел со девет осносно осум гола ја предводеа својата репрезентација.
Второто коло во Б групата на програмата е в недела, Македонија од 18 часот ќе игра против Португалија, а од 20.30 Данска ќе се соочи со Романија.
Foto/ EPA
Спорт
Тер Штеген пред трансфер во Џирона
Марк-Андре тер Штеген ќе ја напушти Барселона до крајот на преодниот рок. Германецот мора да брани доколку сака да биде во германската селекција на Мундијалот во САД, Мексико и Канада.
Според шпанските медиуми, речиси сè е договорено, германскиот голман да се пресели во Џирона. Тер Штеген ги прифатил условите, а сè што останува е клубовите да ги дефинираат деталите за позајмицата.
Тер Штеген го загуби местото како прв голман со доаѓањето на Џоан Гарсија, а се мачеше и со повреди во претходниот период.
Бидејќи сè уште има што да покаже, логичниот следен чекор беше да ја напушти Барса, засега само привремено, а ќе видиме на лето кои ќе бидат следните чекори.
Foto/ depositphotos
Спорт
Скандал на ЕП во ватерполо – Покрената е истрага поради обложување
Неколку ватерполисти од репрезентацијата на Малта се под истрага поради сомнение дека се обложувале на гол-разликата на натпреварот од Европското првенство против Црна Гора во Белград.
Информацијата ја објави порталот „Тајмс оф Малта“. Според истиот извор, по повод настанот е покрената истрага, а повеќе детали ќе бидат познати во наредните денови.
Селекцијата на Црна Гора го доби споменатиот дуел од групната фаза со резултат 21:12. Малта беше поразена во Белград од Франција (22:13), Унгарија (21:6), а денес во битката за пласман од 13-то до 16-то место го победи Израел 16:15.
Foto/ EPA

