Македонија
Владата од Брисел барала да им се врши притисок на ВМРО-ДПМНЕ за да прифатат уставни измени, тврди Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска, по разговорите со Манфред Вебер, претседател на Европската народна партија, ги повтори старите ставови дека „ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков договор кој ќе биде под бугарски диктат“.
Тој рече дека целта на разговорите на вмровската делегација, во која се и потпретседателите Александар Николоски и Тимчо Муцунски, е ВМРО-ДПМНЕ да ги „презентира своите позиции, аргументи и ставови поврзани со проблемот што го создала Владата на ДУИ подржана од СДСМ“, а бил изненаден што во Брисел слушнал дека претставниците на власта ја кодошеле опозицијата.
„Она што најмногу зачудува, а што го слушнав овде во Брисел од соговорниците, е дека нашите членови на македонската Влада, кои кога доаѓаат во Брисел, ние мислиме работат за државата, а тие покрај тоа што го уживаат комфорот на своите функции, единствената работа и цел им е да ја кодошат опозицијата овде во Брисел и да бараат од луѓето од Брисел да вршат притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да прифати договор кој ниту го преговарала ниту учествувала во него, а предупредила дека нема намера да го прифати“, вели Мицкоски.
Тој рече дека мора итно да има избори за да биде ослободено општеството.
„Потребни се избори за да дојде една легитимна влада, која е избрана од народот, а не поставена како оваа Влада на Ковачевски“, додаде Ковачевски.
Тој повтори дека нема прифаќање бугарски диктат и дека се потребни избори побргу за да може да има легитимна влада, која ќе биде предводник на еден реформски процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обилни дождови, студ и снег на планините – од среда промена на времето

Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималните температури ќе се движат од 5 до 14, а максималните од 17 до 24 степени.
Во Скопје ќе преовладува слично време – променливо облачно со сончеви периоди и слаб северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 12, а дневната ќе достигне до 22 степени.
Од среда попладне до петок се очекува нов влажен бран со врнежи од дожд, локално пообилни над 30 литри на метар квадратен. Во четврток и петок, со продор на постудена воздушна маса и засилен северен ветер, на повисоките планини ќе има услови за повремен снег. Температурите значително ќе опаднат.
За време на викендот се очекува стабилизирање на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Судот оваа недела ја завршува оценката на обвинението за „Пулс“

Скопскиот Кривичен суд најави дека до петок ќе ја донесе одлуката дали обвинението за пожарот во кочанската дискотека ќе биде прифатено. Судиите треба да утврдат дали актот е јасен, правно издржан и поткрепен со доволно докази.
Постапката се одолговлекуваше поради тоа што дел од адвокатите на обвинетите не биле достапни за прием на документацијата, но сега, според судот, сите рокови истекуваат на 3 октомври.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази незадоволство од начинот на кој обвинителството ја води постапката и порача дека сите поврзани со случајот мора да одговараат. Од опозициската СДСМ, пак, обвинија дека власта ги штити своите функционери кои биле чести гости во дискотеката.
Во пожарот загинаа 62 млади луѓе. Паралелно се води и истрага за 29 полициски службеници, за кои сè уште се анализираат доказите.
Македонија
Можност за воведување на нови авиолинии, тема на средбата меѓу вицепремиерот Николоски и шведскиот амбасадор Солстром

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со новоименуваниот амбасадорот на Шведска, Ола Солстром.
На средбата, вицепремиерот Николоски го запозна амбасадорот со владината програма во делот на капиталните проекти и вклученоста на Македонија во регионалните инфраструктурни проекти со што сe дава придонес во развој и промоција на регионалната соработка.
Се разговараше и за можностите и услови за инвестирање што ги нуди Македонија и јакнење на економската соработка.
Исто така, вицепремиерот Николоски ја отвори и темата за поквалитетна поврзаност меѓу двете земји и можностите за зголемување на авиолиниите меѓу Македонија и Шведска.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Шведска кои традиционалнo се пријателски. Двајцата соговорници ја нагласија потребата од интензивирање на соработката во дејностите од заеднички интерес за двете земји.