Македонија
Ковачевски уверува дека од Бугарија не може да има дополнителни блокади за патот на Македонија кон ЕУ

Не може да има дополнителни блокади од Бугарија поради билатерални прашања бидејќи тие се решени во договорот, тврди премиерот Димитар Ковачевски за европската интеграција на Македонија. Тој од Германија посочи дека секој може да даде само забелешки на реформите, а за малцинските права смета дека се уредени на врвно ниво.
„Не постојат дополнителни услови во преговарачката рамка, со тоа не може да има дополнителни блокади“, рече Ковачевски.
Објасни дека во процесот на преговарање секоја земја членка може да даде забелешки на начинот на спроведување на реформите. Пример даде со поглавјето за заштита на животната средина.
„Сите можеме да видиме дека Вардар е најзагадена река во Европа. Заштитата на животната средина е една од точките за пристап во ЕУ. За таа цел, побаравме кредит за пречистителна станица. И тој проект не се работи оти Данела Арсовска не работи на тој проект. И на тоа секоја земја од ЕУ може да даде забелешка. Други прашања од билатерална природа се решени во билатералниот договор со Бугарија“, посочува Ковачевски.
За историските прашања – ќе одлучува историската комисија.
„Има историска комисија, која носи свои одлуки, што на реципрочна основа се имплементираат. Тие не влијаат на процесот на интеграција во ЕУ. Во однос на малцинските прашања, ние се гордееме бидејќи ако ги споредите нашето законодавство и начинот на кои се уредени малцинските права – не постои земја во која се уредени на овој начин. Тоа е уредено на врвно ниво“, додаде Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чекање до 45 минути на Табановце и Пелинце, а на Богородица околу 30 минути

Со зголемувањето на летните одмори и интензивните туристички патувања, на македонските гранични премини повторно се бележат големи гужви. Најголемиот притисок се чувствува на ГП Табановце и ГП Пелинце, каде времето на чекање изнесува околу 45 минути, додека на ГП Богородица возачите чекаат околу 30 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини засега нема подолги задржувања за влез и излез од земјава, но надлежните предупредуваат дека состојбата може брзо да се промени со оглед на високата фреквенција на сообраќај.
Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено во критичните делници низ планински и речни региони.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сигнализација. Особено внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од одрони“, изјавија од АМСМ.
Најмногу возила има од и кон Србија и Грција, а засилено движење се очекува и во текот на викендот, кога се очекува нов бран на заминувања и враќања од одмор.
Македонија
Денес сончево и топло, попладне дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне претежно во северните делови ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Кон крајот на денот ветерот ќе го промени правецот во северен. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и топло, попладне со умерен развој на нестабилна облачност. Во делови од котлината ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен, а кон крајот на денот од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 22, а максималната ќе достигне до 38 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од утре ќе настапи позначителна промена на временската состојба. Ќе преовладува променливо облачно, нестабилно и посвежо време со услови за повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни и проследени со грмежи, особено во вторник.
Дневната температура ќе биде во опаѓање и до средината на следната седмица се очекува да опадне за 8 до 10 степени во споредба со денешната.
Македонија
Мицкоски вечерва на Македонскиот фолклорен фестивал во Пустец, Албанија

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ќе ја посети Општина Пустец, Албанија. Генералниот секретаријат најави дека премиерот ќе се обрати на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа кој се огранизира во Пустец, Албанија.
Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец со почеток во 18 часот. Ќе настапат фолклорни групи и културно-уметнички друштва од Северна Македонија и Мала Преспа, кои ќе ги претстават богатствата на македонското културно наследство.
Настанот се одржува под мотото „Единство, традиција и гордост на едно место“, а го организираат Општина Пустец, македонското друштво „Преспа“, и институции од Албанија и Македонија, со поддршка од Министерството за економија, култура и иновации на Албанија.