Македонија
Потпишан меморандум за разбирање за заеднички проектни активности меѓу Јавното обвинителство и Мисијата на ОБСЕ во Скопје

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, и амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата ОБСЕ во Скопје, денеска потпишаа меморандум за разбирање меѓу двете институции за спроведување заеднички проектни активности во периодот 2023-2025 година.
Целта на меморандумот е да се создаде правна рамка за идната соработка во клучни области.
Соработката меѓу Јавното обвинителство и Мисијата на ОБСЕ во Скопје во следниот период ќе се реализира врз основа на годишни програми со конкретни проектни активности во рамките на проектот „Зајакнување на владеење на правото и човековите права во Северна Македонија III“.
На средбата при потпишувањето на меморандумот јавниот обвинител Јовески го информира амбасадорот Вал за повеќе актуелни прашања поврзани со работата на Јавното обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Директор и вработени во Општина и Министерство пустошеле во Националниот парк Маврово, заработиле над 3 милиони денари

Полицијата поднесе кривична пријава за вработен во општина Маврово Ростуше, директор во ЈУ „Национален парк Маврово“, раководител на Одделение за одржливо користење во ЈУ „Национален парк Маврово“ и вработен во Министерството за шумарство и земјоделство за пустошење на заштитена шума во Националниот парк Маврово.
На овој начин пријавените, се стекнале со противправна имотна корист од извршената нелегална сеча, се до продажба на дрвната маса на претходно договорени купувачи, на штета на ЈУ „Национален парк Маврово“ во износ од 3.005.625 денари.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х.И.(40) од општина Маврово и Ростуше, директор во ЈУ „Национален парк Маврово“, Г.А. (44) од с. Ниќифорово, раководител на Одделение за одржливо користење во ЈУ „Национален парк Маврово“ и А.Б. (54) од Гостивар, вработен во Министерството за шумарство и земјоделство, за сторени две кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“ на штета на ЈУ „Национален парк Маврово“.
Во текот на март и април 2025 година, првопријавениот ги пречекорил своите службени овластувања, така што со третопријавениот усно договорил вршење нелегална сеча на техничко дрво-ела во ЈУ „Национален парк Маврово“ на место викано „Брана“, а за вонреден инспекциски надзор за наведената сеча бил задолжен второпријавениот. Првопријавениот најпрво испратил барање до Државен инспекторат за шумарство и ловство, упатено до третопријавениот во кое побарал да биде извршена сеча на наведената локација за наводно оштетени стебла од дрво -ела, оштетени од атмосферски влијанија. Првопријавениот со повреда на законските прописи и со пропуштање на должен надзор врз второпријавениот овозможил да се изврши пустошење на заштитена шума во Националниот парк Маврово, без претходно се објави оглас за сечата за да истата биде јавна и транспарентна.
Од страна на третопријавениот е наведено да се изврши ознака и сеча, а според извршеното мерење вкупната дрвна маса од сите три оддели требало да изнесува 403м3 дрво-ела и 55м3 дрво- бука, што не соодветствува со реалната и фактичката состојба подоцна утврдена на лице место.
Второпријавениот со повреда на законските прописи овозможил да се врши пустошење на заштитена шума во Национален парк Маврово и согласно спецификација од Шумска полиција Гостивар, сечата е извршена само во одделот 67а, каде исечени се вкупно 858.75 м3 повеќе кубатура од предвиденото. Третопријавениот на 10.03.2025 година изготвил записник за извршен инспекциски надзор и Решение во кои внел лажни и невистинити податоци.
Македонија
Пуштен во употреба експресниот пат Фариш – Дреново, инвестиција од 45 милиони евра

Денес го пуштаме во употреба експресниот пат Фариш- Дреново, во должина од 10,2 километри, со вредност од речиси 45 милиони евра- проект што е директна инвестиција во развојот, безбедноста и иднината на овој регион, на државата, на секој граѓанин, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека овој пат е од витално значење и за Кавадарци, и за Прилеп, и за Битола, и за Ресен, и за сите општини од Пелагонија.
„Овие пари, како во минатото, по принципот како до сега, не завршија во нечии џебови, не исчезнаа во провизии, тендери и фиктивни договори. Туку се тука, пред вас. Во асфалтот. Во оваа делница. Во реални, опипливи дела. Дојде време кога државата не е банкомат за моќници, туку мотор на развојот. Дојде време кога проектите не се рекламираат на хартија, туку се градат на терен. Дојде време кога парите од граѓаните- се враќаат назад кај граѓаните, преку проекти, патишта, училишта, фабрики“, рече Мицкоски.
Додаде дека патот Фариш- Дреново, не е само обичен пат туку тој е и порака.
„Порака дека можеме поинаку. Порака дека ако се сака- се може. И доказ дека Македонија нема да биде вечно во застој ако што беше изминатите седум години, туку цврсто граби на патот кон напредокот. Граѓаните имаат очекувања. И ние тие очекувања нема да ги изневериме“, рече Мицкоски.
Македонија
СДСМ да се огради од Костадинов, а ЈО да го праша како планира да му се освети на Латас, реагира ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ молчи и по 15 часа од заканата на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов кон новинарот Драган Павловиќ – Латас, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот од редовите на владејачката партија, Бране Петрушевски, рече дека СДСМ и нивниот лидер, Венко Филипче, преку Костадинов имаат за цел трајно да го исплашат новинарот и кај него да внесат постојана несигурност.
„Ги повикуваме СДС јавно да се оградат и да го осудат Костадинов, во спротивно ќе докажат дека нападот врз новинарите е нивна партиска политика. Дополнително ги повикуваме медиумските здруженија да го осудат истиот. А воедно, упатуваме апел до ЈО да го повика Костадинов и да го праша дали и како планира да ја изврши осветата, за која сам пишува дека е од траен карактер, а потоа и да поведе постапка против него“, рече Петрушевски.
Претходно Латас рече дека таткото на Костадинов ја искоцкал куќата, а Костадинов за пет години го вратил тоа, заработувајќи куќа, коли, мотори. По ова се огласи Костадинов на социјалните мрежи, со објава дека татко му е починат, а кај нив кога некој ќе ја чепне честа на мртов човек, правдата не се моли туку се зема. Неговата објава е насловена „Проглас и аманет до сите родени и неродени Костадинови!“, а во продолжение додава: „И кога ќе ми се роди внук, ќе знаеш дека некој Костадинов некаде знае кој си. И кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – бидејќи не знаеш од каде ќе ти дојде наплатата. Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности“, се вели во објавата.
ВМРО-ДПМНЕ ја осуди пораката на Костадинов како повик за убиство и линч врз новинарот и во соопштение до јавноста порача до МВР да го повика градоначалникот на распит.