Македонија
Грковска – Матуела: Мора да се искористи новиот момент во проширувањето на ЕУ

Во рамките на работната посета на Брисел заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска се сретна со Микела Матуела, вршителка на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија. Разговорот се фокусира на прашањето на уставните измени и динамиката со која се одвива реформскиот процес во Северна Македонија и особено на важноста да се искористи новиот момент во проширувањето на Унијата. Матуела нагласи дека полноправното членство на Северна Македонија е заедничка цел и дека Европската комисија продолжува со целосна поддршка на нашата земја.
Поаѓајќи од улогата на координатор на антикорупциските институции во државата, вицепремиерката Грковска оцени дека клучен проблем е состојбата во правосудството затоа што двојните стандарди и неказнивоста ја продлабочуваат недовербата во системот и оневозможуваат поголем исчекор во борбата со корупцијата и владеењето на правото. На средбата се разговараше и за последните настани во Судскиот совет, но и за можните начини како да се подобри севкупната состојба во правосудниот систем преку постојните законски инструменти за јакнење на интегритетот
Грковска одржа состанок и со Марк Јорна, скрининг-координаторот за Северна Македонија и експерт за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија. Се разговараше за чекорите што Владата ги презема во насока на исполнување на стратешките цели на државата. Соговорниците се согласија дека проблемите со Бугарија мора да се надминат бидејќи никој нема бенефит од нарушените меѓусоседски односи, а уставните измени не носат суштински измени во Уставот, кој секако забранува дискриминација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ поддржува отворени листи

Поддржуваме отворени листи, конечно граѓаните да ги изберат најдобрите кандидати, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„За една изборна единица ние нашиот став го кажавме, ние сме, да седнеме и да разговараме да се смени тој изборен модел, да разговараме за опцијата да има една изборна единица, со тоа што таа одлука се носи со консензус. Затоа што различни се аспектите, мислењата, на помалите и на поголемите партии кога станува збор за една изборна единица“, рече тој.
Филипче додаде дека помалите партии имаат легитимни аргументи коишто секако дека треба да се слушнат на маса.
„Посебно што сметам дека е добро, и за што сметам дека треба да има консензус е листите да бидат отворени. И кочено да се гласа за секој еден на листата без разлика на кое место на листата е. Така ќе дадеме можност, вистински, квалитетни луѓе да бидат препознаени од граѓаните и ќе влезат на соодветните места. Тоа ќе биде нешто што ќе го разговараме за следниот циклус парламентарни избори“, рече Филипче.
Македонија
Филипче: Во Берлин ги бранев македонските интереси, го повикувам ВМРО-ДПМНЕ заедно да се бориме амандманот да не помине

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, во одговор на новинарско прашање, посочи дека посетата во Берлин ја искористил како можност да лобира и да разговара со присутните европратеници за да остане неутралната дефиниција за македонскиот јазик – а не, како што е наведено во амандманот на извештајот на Европскиот парламент за Македонија, каде се предлага зборот „современ“ да се додаде како квалификација за македонскиот јазик.
Тој потенцираше дека со неактивноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, се влошува преговарачката позиција на Македонија во однос на ЕУ.
„Јас лично лобирав и во име на партијата, меѓутоа и во име на државата. Жал ми е што не гледам дека тоа го прави Владата, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ го прави – да остане неутралната дефиниција за македонскиот јазик. Сметам дека со оваа неактивност и со сè што Владата прави, практично нашата преговарачка ситуација и позиција во рамки на ЕУ се влошуваат. И еве сега, овие работи што се наведени во извештајот, практично укажуваат и го отвораат прашањето, зошто е тоа така, и зошто Владата навистина не сака видливо да лобира тоа да не се случи“, рече Филипче.
Притоа, тој ја посочи дека констатацијата на европратениците кои биле присутни во Берлин е дека ваквите додавки во однос на македонскиот јазик се резултат на провокациите од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите констатираат една работа – дека таквите додавки на македонскиот јазик доаѓаат како резултат на провокациите што доаѓаат од нашата Влада. Тоа е сериозно влошување на нашата положба во ЕУ“, изјави Филипче.
Во одговорот на прашањето, Филипче ги повика ВМРО-ДПМНЕ да лобираат заеднички за амандманот да не помине.
„Сакам да упатам уште една директна порака,апелирам до ВМРО-ДПМНЕ заеднички да лобираме тоа да не се случи, да нема таков амандман во ЕП, туку да помине неутралната дефиниција македонски јазик, без никакви додавки. Затоа што тоа е и заслуга на политиките на нашата Влада изминативе седум години- јасен, чист македонски јазик, потпишан на македонски јазик со сите земји членки на ЕУ. Не гледам ниту една причина, освен тие провокации, зошто сега таа позиција би била загрозена“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Утре, сончево време со температури до 38 степени

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.