Македонија
Ристевска-Јорданова: Шолц кажа дека не треба да има нови услови, но малку ли се досега со Уставот и протоколот
Поранешната директорка на Институтот за европска политика и актуелен член на Управниот одбор, Малинка Ристевска-Јорданова ја коментираше изјавата на германскиот канцелар дека нема да има нови условувања од Бугарија на патот на Северна Македонија кон ЕУ.
Според, Ристевска-Јорданова и досега има многу условувања, а тука не е вклучена само промената на Уставот, туку и протоколот.
„Не ми е јасно што не е јасно. Шолц само кажа дека не треба да има нови услови во билатералните односи, надвор од оние досега утврдени во ЕУ. А малку ли се досега такви? Промена на Устав + спроведување Протокол + сѐ што може да се изведе од нив во кластерите/поглавјата…“, вели Ристевска-Јорданова.
Уставните измени беа во фокусот на синоќешната средба на премиерот Димитар Ковачевски и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој рече дека сега од централно значење е планираната промена на Уставот за да се ослободи патот за ЕУ. Шолц потоа кажа дека нема да има нови условувања од Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова во Охрид се сретна со македонскиот атлетичар Дарио Ивановски
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Вила Билјана во Охрид се сретна со македонскиот атлетичар на средни и долги патеки, маратонецот Дарио Ивановски, којшто утре ќе се натпреварува на 8. издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“.
Претседателката Сиљановска Давкова упати честитки до најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски и неговиот тренер, мајорот Игор Јакимовски за пласманот на Летните oлимписки игри во Париз оваа година.
Ивановски ја запозна претседателката со текот на подготовките за настапот на олимпијадата во Париз.
Претседателката порача дека успесите на македонските спортисти претставуваат голема гордост за целата држава и неопходно е да се грижиме за нашите најуспешни репрезентативци на секое поле. Таа, истакнувајќи дека спортот и физичката култура се едни од најважните фактори за здравјето на нацијата, за внатрешна кохезија и надворешна промоција на државата, му посака на Ивановски многу успех на Олимписките игри, како и во натамошната кариера.
Ивановски е еден од најдобрите балкански атлетичари со голем број на македонски и балкански рекорди и засега е единствениот македонски спортист кој е со потврден настап на Летните олимписки игри.
Македонија
Голема полициска акција во Скопје за дрога: приведени 28 лица, двајца се во притвор
Во рамки на криминалистичка истрага која од декември 2023 се спроведуваше по насоки на надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје, во текот на ноќта во голема заедничка акција на Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, САЕ Тигар и СВР Скопје – Единица за недозволена трговија беа преземени низа координирани мерки и активности на подрачјето на Скопје со цел сузбивање на улична продажба на кокаин, амфетамин и марихуана.
Притоа, во текот на криминалистичката истрага од слобода се лишени 28 лица.
„Во акцијата за сузбивање на улично дилерство на дрога изминатата ноќ лишени се од слобода В.Г.(46), М.В.(22) и С.Б.(21), кај кои бил пронајден кокаин, Д.Т.(24) од Кочани, како и С.В.(28) од Скопје, кај кои при претрес биле пронајдени поголеми суми пари за кои постои сомнение дека потекнуваат од продажба на наркотична дрога. Покрај ова, извршени се претреси на седум локации во Скопје, при што кај Ѓ.Ш.(41) од Скопје биле пронајдени марихуана, вага и други предмети поврзани со кривичното дело, кај А.П.(29) пронајден е куршум и запалка за бомба, кај Б.П.(34) се пронајдени остатоци од кокаин и други предмети поврзани со кривичното дело. Од слобода се лишени и А.Б.Ј., поради сомнение за уништување докази, како и М.Д.(37) од Скопје, кај кого бил пронајден кокаин. При претрес кај Ф.Д.(41) од Скопје пронајдени се поголема сума пари, марихуана, лични карти и пасоши на повеќе лица оставани како залог за купопродажба на дрога, а при преземени мерки за негово лишување од слобода, тој не застанал на издадена наредба за запирање, при што оштетил три службени возила, извршувајќи и кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ и за него е издаден распис за негово пронаоѓање и приведување“, велат од МВР.
Покрај 28-те вкупно приведени лица, во текот на криминалистичката истрага обезбедени се повеќе материјални докази за инволвираност на лицата во улична продажба на кокаин, амфетамин и марихуана, за две лица е веќе поднесена кривична пријава и одредена е мерка притвор, одземен е мотоцикл „хонда“ како и патничко возило „форд мондео“ за кое се обезбедени докази дека било користено за продажба на кокаин.
Во текот на денешниот ден од страна на СВР Скопје до ОЈО Скопје ќе биде поднесена кривична пријава против 7 лица.
Македонија
Започна полагањето на државната матура
Со тест по мајчин јазик, вкупно 14.834 ученици го започнаа полагањето на државната матура во учебната 2023-2024 година. По овој повод, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги посети струшките средни училишта „Нико Нестор“ и „Др. Ибрахим Темо“ каде, посакувајќи им успех на матурантите, рече дека очекува процесот да помине во најдобар ред, затоа што истиот е пракса веќе 16 години.
„Клучна новина годинава е тоа што учениците полагаат во пошироки просторни услови, односно во холовите и салите на своите училишта, или во најблиското каде има соодветни услови, наместо како досега во училниците. Идејата е да се обезбеди поголема транспарентност и објективност на процесот“, посочи министерот.
Тој додаде дека оние кои се вклучени како набљудувачи и тестатори во државната матура, на овој начин имаат полесна контрола и увид во однесувањето на учениците за време на полагањето и како што рече, очекува да бидат елиминирани обидите за манипулации и злоупотреби одредени начини или помагала при пополнувањето на тестовите.
Согласно Концепцијата за матура и завршен испит, учениците и годинава полагаат 2 екстерни предмети, 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик и тој се полага денес, додека следниот испит ќе биде на 8 јуни. Прелиминарни резултати ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следи можноста за поднесување приговори.
Државната матура се спроведува од 2008 година, како законска обврска и услов за упис на високообразовна установа. Во процесот, годинава вклучени се 2000 наставници како тестатори и околу 250 набљудувачи од државните институции.