Македонија
Апсењето на Тодоровиќ е за „Скопје 2014“, закажана и прес-конференција на обвинителот Лапе

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција закажа прес-конференција за постапувањето по предметот за „Скопје 2014“. Ова доаѓа по апсењето на поранешниот градоначалник на Центар и сопственик на синџирот маркети „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ, и на Владимир Здравев, исто така поранешен функционер на Општина Центар.
„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја презеде надлежноста на предметот по згаснувањето на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите со одлука на јавниот обвинител на РСМ по предметот продолжи да постапува јавниот обвинител Љубомир Лапе, кој ќе ве запознае со текот на постапката“, велат од Обвинителството.
Пред 5 години Финансиската полиција поднесе кривична пријава против три лица, меѓу кои и ексградоначалникот на општина Центар, за криминал за изградбата на пешачкиот мост „Око“, кој е дел од проектот „Скопје 2014“.
Здравев беше претседавач на Советот на Општина Центар во мандатот на градоначалникот Владимир Тодоровиќ, од 2009 до 2013, кога Советот ги донесе сите измени на плановите за да се изведе „Скопје 2014“.
Обвинителството најави и прес-конференција за овој случај во 13 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.