Македонија
Дескоска: Уставниот суд да го укине спорниот дел од Законот за матичната евиденција
Одлуката на Уставниот суд да почне постапка е добра вест, а законот е почитуван бидејќи тој предвидува националност во матичните книги, а не во изводот. Изводот не мора да ги содржи сите податоци од матичната книга, смета професорката и ексминистерка за правда, Рената Дескоска.
Таа образложи дека етничката припадност спаѓа во групата сензитивни податоци, кои подлежат на посебна заштита во согласност со правилата за заштита на личните податоци. Други такви податоци, вели Дескоска, се податоци за религиозна припадност, политичка определба, здравствена состојба, сексуална ориентација.
„Мислам дека е добра веста што дојде од Уставниот суд дека ќе го искористат судскиот активизам и ќе поведат постапка за оцена на уставноста на упатството. Би била одлична вест доколку како епилог на таа постапка, Уставниот суд го поништи новото упатство, а го укине спорниот дел од законот повикувајќи се на меѓународните акти, кои ги имаме потпишано и ратификувано“, вели професорката.
Дескоска очекувала дека надлежното министерство ќе предложи измена на Законот за матичната евиденција заради усогласување со меѓународните обврски, а не измена на упатството за примена на законот.
Оцени дека ова што се случува сега е ретрограден процес и непочитување на меѓународните обврски што сме ги презеле како држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

