Македонија
Ковачки: Дрин Ахмети со фирмата што ја купи „Соравија“ работи на Коридорот 8

Внукот на Али Ахмети со фирмата што ја купи „Соравија“ работи на Коридорот 8 и други патишта, се крие како подизведувач, вели Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.
„Во документите што стигнаа до нас од страна на свиркачи, а се анализа на банката на фирмите на Ахмети, е наведено дека ‘Тор нидустриес’ е формирана во 2020 година за да учествува во големите градежни проекти што се планирани во Македонија.
Дрин Ахмети со „Тор индустриес“, заедно со уште една фирма од кланот од Зајас за која ќе зборуваме деновиве, е вклучен во изградба на Коридорот 8, договорот што го имаат двете фирми е 1,3 милион евра за ископ и други градежни работи“, рече Ковачки.
„Кога голем број фирми едвај наоѓаат работа, фирмата на Дрин е најпосакуван партнер и дежурен подизведувач на многу поголеми фирми. Дали зад тоа се крие Ахмети и дали има трговија со влијание?
Покрај на Коридорот 8, како „Тор индустриес“ на внукот на Али, Дрин Ахмети, е вклучена и во изградба на патот од Кичево до Дебар, поточно делницата Извор – гарски мост. Исто како и на Коридорот 8, така и на оваа делница внукот на Али Ахмети е вклучен со уште една фирма од кланот од Зајас, а средствата што треба да ги инкасираат, според документите доставени до нас од свиркачи, се помеѓу 6 и 9 милиони евра.
Потенцираме дека очекуваниот приход од 6 до 9 милиони евра пред банката на „Тор индустриес“ е изнесен токму од Дрин Ахмети и тоа е заведено во анализата на банката.
Дали по истиот модел „Тор индустриес“ ќе продолжи со изградба на новите делници од Коридорот 8 и дали ЈО ќе продолжи да биде нем набљудувач?“, прашува Драган Ковачки.
„Ова се мултимилионски бизниси, од кои кланот од Зајас дебело профитира, а народот се иселува од државата.
Додека Ахмети е пратеник и лидер на ДУИ, неговите внуци профитираат од зделки со државата како подизведувачи на други фирми. Мислејќи дека ќе го избегнат окото на јавноста, се кријат како втора рака заборавајќи дека трагата на парите секогаш води до главата на шемата. А главата е семејството Ахмети.
Со сегашното ЈО кланот од Зајас е заштитен, но одговорност ќе има по промената на власта кога секој ќе треба да го докаже имотот што го стекнал“, додава Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.