Спорт
Вимблдон зад сцената – како од Македонија да дојдете до билет за Вимблдон
Од специјалниот известувач од Вимблдон
Ако после прочитаниот наслов, веднаш влеговте во „филм“ како сте на Вимблдон, гледате тенис и јадете јагоди со шлаг, пред да продолжите со читањето, најпрвин расчистете со две работи: прво, ако добивањето британска виза ви е невозможна мисија, тогаш овој текст не е наменет за вас. И, второ, веднаш заборавете дека присуството на тенискиот турнир, значи и можност дека ќе најдете начин да купите билет за машкото финале. Во моментов тој чини од 10.000 евра нагоре, но го нема во продажба. Сè помеѓу овие две крајности, е реална опција за секого на светот, па и за
било кој Македонец, желен да присуствува и гледа тениски мечеви на Вимблдон.
Но, да тргнеме со ред, додуша, обратен, а тоа е дека имате виза и билет и сте се упатиле кон Лондон. Вообичаено, тенискиот турнир се оддржува секоја година во последната седмица од јуни и првата од јули (но, не и оваа година).

Од која год страна да го нападнете Лондон, односно дали кон центарот ќе се приближувате од Хитроу, Гетвик, Лутон или Станстед, прво што ќе ви падне во очи, движејќи се од периферијата кон центарот и Пикадили, е дека и на еден ден пред почеток на турнирот, но и за сите четиринаесет дена додека трае турнирот, во Лондон нема да забележите никаков билборд, реклама или било каква најава, која ќе ви сугерира дека во градот се одржува најстариот и најпрестижен тениски турнир во светот.
Од друга страна, на сите страни ќе ве опкружуваат знамиња со бои на виножито, бидејќи периодот кога се одржува тенискиот турнир, се поклопува со т.н. Месец на гордоста. Се чини, како остатокот од светот повеќе да го почитува и е опседнат со турнирот, отколку самиот град кој е домаќин.
Инаку, Вимблдон е населба во Лондон, исто како, на пример, мојата Кисела Вода во Скопје. Дури кога ќе пристигнете во оваа населба, ќе забележите турнирски знамиња, постери, големи жолти тениски топки и убаво декорирани саксии со цвекиња во пурпурна боја, која е карактеристична боја за турнирот. Да, пурпурната, а потоа темно зелената, но не и белата. Сепак, и тука паралелно ќе ги гледате и знамињата на виножито, па оправдано ќе се прашате: зошто во остатокот на Лондон нема знамиња на Вимблдон, а во Вимблдон има знамиња со боја на виножитото.

Самиот комплекст на тениските игралишта се наоѓа во таканареченото Вимблдонско село, и сите осумнаесет терени се сконцентрирани едни покрај други, а сè заедно е заградено со висока ограда, така што влез внатре во селото е можен само со билет или пропусница. Значи, дојдовме до клучното прашање од почетокот на текстот – како да се
набави билет.
Првата можност (која е тешко спроведлива за некого кој живее во Македонија, но не и за Македонец во Лондон) е преку гласачки ливчиња. Тоа значи дека поголемиот дел од билетите ѝ се продаваат на пошироката јавност со јавно гласање што го одржува Ол Ингланд Клубот во јануари секоја година. Апликациите се испраќаат во текот на цел декември.
Успешните апликанти се избираат по случаен избор на компјутер и оној кој ќе биде избран има временски рок до кога треба да го купи доделениот билет. Проценките се дека при изборот, за секој билет има по четворица кандидати. Она што е важно да се знае е дека местата и деновите за кои ви се однесува билетот се распределуваат по случаен избор, така што вие плаќате билет, без да знаете за кој ден и кој натпревар се однесува.

Втората можност, која е пореална за тенискиот ентузијаст од Македонија, е да се купи билет за целиот комплекс на Вимблдонското село, што ви овозможува цел ден да ги гледате тениските натпреаври на сите стадиони, освен на оние за кои е потребен посебен билет, а тоа се Централниот терен, Теренот број еден, два, три и четири (иако
и за нив организаторот знае дневно да пушти по стотина билети во продажба).
Како и да е, ви остануваат на располагање повеќе од десетина игралишта на кои цел ден можете да гледате тенис, јадете јагоди со шлаг и пиете Пимс (газиран алкохолен пијалок од џин и пунч, привлечен на изглед, но грозен на вкус. Како декорација на чашата, каде обично се става лимета или портокал, на Вимблдон го служат со округло
исечено парче краставица (Среќа што е свежа, а не кисела).
Таквиот билет во првата седмица чини околу 30 фунти (да, добро прочитавте, околу 35 евра) ако го купите на
почеток на денот, а може да падне и на пет фунти(!) ако го платите при крај на денот, кога повеќето мечеви се завршени или се при крај.

Во втората седмица овие билети се уште поевтини. Звучи парадоксално, но има логика: иако втората недела се играат поквалитетни натпревари, тогаш нивниот број е многу помал од првите седум турнирски денови, кога мечевите започнуваат од 11 часот, и се играат до почеток на стемпување, околу 21 часот.
Но, тоа што се ефтини овој вид на билети, значи дека е многу потешко да се дојде до нив. Ако за гласачките ливчиња односот беше четири апликанти за еден билет, овдека проценката слободно може да биде и десетина кандидати за еден билет. За да добијат пристап до овие терени, фановите, вообичаено, треба да чекаат во ред преку ноќ.
Најупорните доаѓаат некаде околу 22 часот за изутрината да бидат меѓу првите пред касата. Чекањето за билети на Вимблдон е претворено во класично кампување, со шатори, полска опрема, вреќи за спиење и тука можете да сретнете луѓе од целиот свет.
Локалците ги сметаат за скитници, иако тие го вреднуваат таквото искуство, па, и по цена да не успеат да купат билет. Следната година повторно ќе пробаат. Некои пробуваат и по пет години и се безуспешни.

Оние среќните, кои ќе дојдат до такви целодневни билети и се наоѓаат внатре во Вимблдонското село, имаат можност да купат билети на препродажба за Централниот и Стадионот број еден. Шемата е следна: на гледач кој решил порано да го напушти мечот, неговиот билет се скенира и местото како слободно се става на препродажба до завршување на натпреварот. Цената на таквиот билет е симболична 10-15 фунти, а парите се наменети за хуманитарни цели. За Инстаграм его триповите многу поефтино, отколку што ќе потрошат во некој скопски клуб, за да снимат селфи.
Последната можност да дојдете до билет и тоа за главните терени и за блокбастер мечевите е татко ви да е ЦЕО или член на бордот на Најк, Адидас, Ролекс, Јагуар, Шлезингер, Евиан и други партенри на турнирот, па да ви го даде гратис.
Има уште една опција, многу поблиска за читателите на Макфакс и Топспорт, а тоа е лично да го познаваат авторот на овој текст. Секој мај, акредитираните странски известувачи од Вимблдон добиваат понуда од организаторот да аплицираат за билети за главните терени и доколку барањето им биде одобрено, билетите ќе можат да ги продадат на пријатели. Но, исклучиво по куповна цена. Доколку има заинтересиран, нека ми се обрати во втората половина на наредниот мај. А, до тогаш, нека бара начин како да ја преброди визната бариера.
Ненад Живановски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Махачев едногласно ја освои титулата во велтер категорија
Ислам Махачев (34) е новиот шампион на УФЦ во велтер категорија (до 77 кг). На настанот УФЦ 322 во Њујорк, тој доминираше над поранешниот шампион, Австралијанецот Џек Дела Мадалена (29) и победи со едногласна одлука на судиите по пет рунди (50-45 x3).
Дагестанецот стана 11-от борец во историјата на УФЦ кој бил шампион во две различни тежински категории, откако претходно беше шампион во лесна категорија.
Со оваа победа, Махачев стигна до својата 29-та победа во 30 професионални настапи и го израмни учинокот на својот пријател Хабиб Нурмагомедов, но и уште еден рекорд кој со години се сметаше за недопирлив.
Махачев сега е на 16 последователни победи во кафезот на УФЦ, го изедначи рекордот на Андерсон Силва, кој беше единствениот борец со таква серија досега.
Во следниот настап, Дагестанецот ќе има можност да го надмине Бразилецот и да биде сам на врвот.
Покрај тоа, тој стана 11-от борец во историјата што ја освоил титулата на УФЦ во две различни тежински категории. Тој веќе се издвојуваше како рекордер по бројот на одбрани на појас во лесна категорија, од кои собра четири, а со новата титула дополнително го зацврсти својот статус како еден од најголемите борци во историјата на УФЦ.
Новиот шампион заработил помеѓу два и два и пол милиони долари по оваа борба, пишува порталот „Спортстер“. Дела Мадалена заработил нешто помалку, помеѓу еден и пол милион и два милиони долари.
Махачев знае каде сака да го брани шампионскиот појас. „Доналд Трамп, одиме. Дајте ни ја Белата куќа, ние доаѓаме.“
Доналд Трамп претходно објави дека на 14 јуни, на неговиот 80-ти роденден, ќе одржи настан на УФЦ во Белата куќа.
„На 14 јуни следната година, ќе имаме голема УФЦ борба во Белата куќа, токму во Белата куќа, на теренот на Белата куќа“, рече американскиот претседател за време на говорот во Норфолк, Вирџинија, по повод 250-годишнината од американската морнарица.
Шефот на УФЦ, Дана Вајт, близок пријател на Доналд Трамп, веќе објави минатиот август дека Белата куќа ќе одржи настан на MMA по повод 250-годишнината од Соединетите Американски Држави. Првично планираниот датум беше 4 јули, кога се слави Денот на независноста во САД.
Спорт
(Видео) Шоутајм на Јокиќ и Дончиќ во НБА – Србинот со трипл дабл, Словенецот постигна 41 поен
Денвер Нагетс ги победија Минесота Тимбервулвс на гостински терен во саботата навечер со 112:123 (31:29, 29:26, 26:32, 26:36).
Српскиот ас Никола Јокиќ, иако еден ден претходно тимот го наведе како „под знак прашалник“ поради „истегнување на левиот зглоб“, забележа нов трипл-дабл – седми во сезоната (од 12 натпревари), 171-ви во лигашкиот дел од НБА и 189-ти кога се сметаат и плејофот.
Јокиќ натпреварот го заврши со 27 поени (8/5 од поле, 3/6 за три и 8/8 од поле) со 12 скока и 10 асистенции.
Денвер играше без двајца кошаркари од стартната постава, Кристијан Браун (повреда на левиот глужд) и крилото Кам Џонсон (повреда на бицепсот на десната рака).
Сепак, другите стандардни стартери во тимот на Дејвид Аделман му беа поддршка на Јокиќ: Арон Гордон и Џамал Мареј дадоа по 23 поени со дабл-дабл, првиот имаше 10 скока, а вториот подели 11 асистенции, ист број на поени постигна и Тим Хардавеј.
Кај Минесота Џулиус Рендл и Ентони Едврдс постигнаа по 26 поени.
Во Милвоки, блескаше Лука Дончиќ. Лејкерси славеа убедлива победа 119:95. Словенецот постигна 41 поен и влезе во историјата на НБА лигата.
Дончиќ ја премина границата од 40 поени по 50-ти пат во својата кариера пред да наполни 27 години. Пред него, само три легенди успеаја да го направат тоа – Мајкл Џордан, Вилт Чемберлен и Боб Макаду.
Актуелните шампиони, Окалхома сити Тандер ја забележаа 13-та победа во 14-от натпревар од почетокот на сезоната. Очекувано Тандер славеа во Шарлот 109:96.
Кај Тандер, Шеј Гилџис-Александер беше најдобар со 33 поени и седум асистенции. МВП-то од минатата сезона се приближува до бројката од 100 натпревари во кои постигнал 20+ поени.
Меѓу другите, се истакна Чет Холмгрен со 25 поени и осум скока, Ејџеј Мичел го заврши натпреварот со 14 поени, додека Ајзеа Хартенштајн имаше 12 поени и 11 скока.
Спорт
Грција и Белорусија им ги расипаа сметките на Данска и Шкотска
Драмата во Групата Ц, за пласман на Светското првенство ќе продолжи до самиот крај.
Данска и Шкотска се репрезентациите кои во претпоследното коло влегоа со 10 поени. На Днците им требапе победа, но кикснаа во Копенхаген против Белорусија, додека Шкотите загубија во Атина од Грција.
Грците ги победија Шкотланѓаните со 3:2 (1:0) во возбудлив натпревар, домашната екипа немаше што да изгуби, а избраниците на Иван Јовановиќ успеаја да слават голема победа на крајот, победа која дава самодоверба и ништо повеќе од тоа.
Грција нема шанси да се пласира во следната фаза, Шкотланѓаните ќе бараат победа во последното коло против Данска за да се квалификуваат за Светското првенство. Реми ќе им одговара на Данците.
Данците, против аутсајдерот Белорусија запошнаа според планот, со гол на Дамсгард во 11-та минута.
Вистонски шок фаворитите доживеаја во вториот дел. Два гола постигнаа Белорусите за само три минути. Стрелци беа Громико и Демченко.
Напаѓаше Данска до самиот крај, но само успеа да избегне пораз со голот на Исаксон во 79-та минута.
За три дена во решавачкиот меч, Шкотска ќе ја пречека Данска.

