Македонија
ЦУК: По невремето во Скопско по полноќ, поројната вода навлегла во куќи во селата Ласкарци и Буковиќ во Сарај

По силниот пороен дожд што го зафати град Скопје во ноќните часови, во с. Ласкарци и с. Буковиќ, во општина Сарај, поројната вода навлегла во поголем број куќи, подрумски простори и на повеќе улици, известуваат од Центарот за управување со кризи.
„На терен беше БППЗ на Град Скопје со 3 пожарникари и 1 ПП-возило, при што интервенирале на најзагрозените реони. Во утринските часови контактирано е со ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје и од нив е добиена информација дека во текот на денешниот ден ќе излезат на терен за расчистување на улиците од кал и за испумпување на водата од куќите. За настанатата состојба беше известена Општина Сарај за понатамошна постапка“, се истакнува во информацијата.
Од таму додаваат дека според најавите на УХМР за денеска, иако времето од утрово е сончево со мала до умерена облачност, од пладневните часови на повеќе места во државата времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и појава на град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поефикасна, попродуктивна и поуслужна администрација за граѓаните: Минчев на Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, присуствуваше на свеченото отворање на Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025, кој оваа година се одржува во Скопје во Музејот на современа уметност во организација на Министерството за дигитална трансформација.
Министерството за јавна администрација активно придонесува во процесот на дигитална трансформација на јавниот сектор, преку воведување и унапредување на системски решенија кои имаат за цел да ја направат администрацијата поефикасна, попродуктивна и поуслужна кон граѓаните и бизнисите.
Еден од клучните проекти на Министерството е модернизација на Информациониот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР), кој овозможува централизирано и транспарентно управување со кадарот во јавниот сектор.
Покрај тоа, во тек е и надградбата на ЛМС платформата за е-учење, со што се создаваат услови за систематски и континуиран професионален развој на административните службеници.
Во фокусот на Министерството е и интероперабилноста, односно автоматизирана и безбедна размена на податоци меѓу институциите, која е истакната во двете платформи и претставува основа за модерна, дигитализирана и координирана јавна администрација. Ова значително ќе го подобри квалитетот на јавните услуги и ќе го олесни пристапот на граѓаните до тие услуги, без непотребни административни процедури.
Министерството за јавна администрација останува посветено на процесот на дигитална трансформација, со цел создавање на транспарентен, ефикасен и граѓански ориентиран јавен сектор.
Македонија
(Видео) Механизација на Дрисла, оградување на Вардариште, нов центар за рециклажа и 15 нови паркови, најави Шукова

Скопје мора конечно да го расчисти најголемиот срам – загадениот воздух, дивите депонии и недостатокот на зеленило. Ова не е партиска тема, туку здравствено и човечко прашање за секој граѓанин“, изјави Каја Шукова, кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, претставувајќи го делот од својата програма посветен на екологија и животна средина.
Шукова најави решенија што, како што рече, „ќе почнат веднаш“ – вклучувајќи ги Дрисла, Вардариште, отпадот, парковите, загадувањето и екологизацијата на јавниот простор.
„Ќе го оградиме Вардариште, ќе поставиме 24/7 обезбедување и ќе ставиме крај на дивото фрлање и палење ѓубре. Паралелно, Дрисла ќе добие нова механизација, а процесот на управување со отпадот ќе биде под стручна и јавна контрола. Тоа го должиме на секој скопјанец“, истакна таа.
Како суштинска промена, Шукова го најави отворањето на Центар за селекција и рециклажа, кој ќе овозможи 50% од отпадот да се рециклира наместо да завршува на депонија.
„Ќе поставиме паметни контејнери, ќе промовираме селекција од домаќинствата и ќе ја отвориме економијата на рециклирање. Отпадот е ресурс – само треба некој конечно да се фати со работа, а не само со изговори“, рече таа.
Во планот за здрава и зелена животна средина, Шукова вклучува и проект за урбано зеленило.
„Во првите 15 месеци – 15 нови паркови и 10.000 нови дрвја. Ќе засадиме, ќе одржуваме и ќе го раззелениме секое маало. Зеленото Скопје не е луксуз, тоа е основа за здравје и живот“, порача Шукова.
Најави и субвенции за приклучување на централно греење за домаќинствата кои сè уште се греат на дрва.
„Ние ќе го поддржиме секој граѓанин кој сака да премине на почист начин на греење. Загадувањето нема да го решиме само со апели, туку со конкретна помош и одговорна политика“, додаде таа.
Посебно внимание како што најави, посветено и на уредувањето на реката Вардар и кејот, како нов простор за рекреација и екологија.
„Ќе воведеме еко-патрола 24/7 долж Вардар, ќе уредиме пешачки и велосипедски патеки, нови зелени површини и ќе го направиме кејот гордост на Скопје. Тоа треба да биде место за дружење, не за отпад“, рече Шукова.
Таа го најави и проектот за зелени покриви на јавни згради.
„Во првата година – 10 зелени кровови кои ќе ја намалат урбаната топлина, ќе ја подобрат климата и ќе понудат нов јавен простор. Овие мали, но важни потези го прават градот попријатен и похуман“, порача кандидатката.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Филипче, кажи што си договорил со Бугарите и кој бонбона бизнис им го нудиш, кога веќе еднаш подметна француски предлог

СДС и Венко Филипче деновиве од петни жили се трудат да испратат сигнали до Бугарија дека се спремни да направат се, да клекнат и да прифатат секоја позиција, па излегоа со наводна резолуција.
Резолуцијата не е за Венко не е за Македонија, таа е за Бугарија, знак и сигнал на што се е спремен да направи, договара, преговара и дополнително да ја понижува државата, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче, кажи што си договорил со Бугарите и кој бонбона бизнис им го нудиш, кога веќе еднаш подметна француски предлог?
Дали преку таквата резолуција се нудиш како Заев што се нудеше своевремено?
СДС и Филипче мислат дека тоа што поминало еднаш, ќе помине и втор пат. Забораваат една работа, народот е мудар и не можат да го прелажат“.
Од километар се гледа, додава тој, намерата на Филипче и минирањето на македонските позиции.
Ако Венко Филипче е искрен, оцени Петрушевски, тој ќе застане зад позициите на Владата, а не од национални теми да прави шибицарски фори.