Македонија
(Видео) Очекував пресудата да не помине, пречки за спојување притвори кај Јанакиески нема, уверува адвокатот Миланов за „Титаник“
Законски пречки за спојување на притворите и засметување во казната за „Титаник“ кај Миле Јанакиески – нема, уверува неговиот адвокат Еленко Миланов. Тој смета дека тоа го кажува толкувањето на законските одредби. Тој посочи дека пресудата има низа суштествени повреди. Потенцира разлики во записникот, па дури посочи и дека во него не е наведено кој обвинет за кое дело признал вина. Пресудата од Апелација адвокатите ја немаат добиено.
„Она што можеме да го направиме е да поднесеме барање затоа што законски пречки за такво спојување нема. Дури и законските одредби на кои се повикуваме укажуваат на тоа дека без оглед за кое кривично дело, доколку има лишување од слобода за кое било кривично дело, судот треба да ги засмета. Никаде не е определено ниту дека од разни предмети може да се спојуваат, но исто така никаде не е забрането тоа да се прави. Ако се толкуваат законските одредби онака како што во нив е наведено, таква законска можност постои, со што ќе се обратиме до судот затоа што ако веќе има издржано четири години и шест месеци точно до овој момент, што е за една година повеќе од она што е актуелно правосилна казна, со вчера објавената пресуда, што само на порталот ја имаме видено, сметам дека има можност и основа да биде засметан дел од овие четири години и шест месеци во оваа казна, а доколку има друга казна, преостанатата една година, или доколку постои понатаму притвор или куќен притвор, тој да биде засметан во други предмети доколку настапи некоја осуда“, рече Миланов.
Воведот во записникот што го водел Осман Шабани во Кривичниот суд се однесувал на сосема друг предмет, додава Миланов, што според адвокатот е основ за пресудата да биде укината, а не да опстои.
„Таа пресуда имаше толку суштествени повреди, нема идентитет помеѓу она што е на записникот кога е признаена вината, признавањето вина оди по обвинителен ранк, кој воопшто не стои во тој записник и не се однесува по тој предмет. Воведот на тој записник е во однос на трет предмет, самата пресуда воопшто нема кој обвинет за кое дело признал вина. Тоа се, мислам, суштествени елементи и искрено очекував дека оваа пресуда не може да помине, но очигледно пресијата на судството и понатаму продолжува, стравот од сите внатрешни и надворешни фактори сметам дека доведува до тоа да се потпаѓа под влијание, да пресуди, кои во нормални услови не би смееле да опстанат, се потврдуваат“, додава Миланов.
Од сите жалители во Апелација за предметот „Титаник“, само Миле Јанакиески доби затворска казна. Сите други добија ублажување во условни казни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

