Црна хроника
Охриѓанец ловел крап со харпун, ја нападнал и полицијата, која интервенирала поради незаконит риболов
Пред неколку дена, сакајќи да фотографира ново семејство лебеди, жител кај Грашница регистрирал човек што лови крап со харпун.
Тој, како што е напишано на социјалните мрежи, отпрвин не бил сигурен, но добил потврда од жител на населбата дека се работи за индивидуа што лови крап со харпун.
Практиката, според информацијата на социјалните мрежи, траела извесно време, обично пред стемнување, кога крапот се спуштал на мрест.
„Ова не е првпат и не е само на оваа локација, постојат повеќе сведоштва. Повторно се десеткува риба при мрест на начин што е забранет со законот“, истакнуваат од невладиното здружение „Охрид СОС“.
„Во Законот за рибарството и аквакултурата, член 93 (Забрани), е наведено дека во риболовните води е забрането ‘ловење риби за време на мрестењето на рибите или за време на ловостој утврден во риболовната основа’, како и ‘ловење риби со ости, подводни пушки, непосредно со раце, трокуки, како и со мрежичка на трска, а за рекреативен риболов’. Дополнително, во член 112 е предвидена глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ако физичко лице ‘лови риби за време на мрестењето на рибите или за време на ловостој’, ‘и се движи или задржува во непосредна близина на риболовните води со носење мрежа, експлозив или други забранети риболовни средства (член 93)’“, пишува во објавата.
Министерство за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден објави дека во 4 часот изутрина, кај месноста Грашница во Охрид, лишен од слобода бил 38-годишен охриѓанец.
Тој претходно физички ги нападнал полициските службеници, кои презеле службени дејства во врска со незаконит риболов.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информира портпаролот на СВР Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Фрлил кеса и се обидел да побегне: полицијата приведе малолетник и 27-годишен маж
На 10 декември 2025 година, околу 17:40 часот, полициски службеници од ОВР Делчево привеле 16-годишник и А.М. (27), двајцата од Македонска Каменица.
При службени дејствија, полицијата ги затекнала на место викано „Горен водопад“ на реката Каменичка, каде што малолетникот фрлил кеса и се обидел да побегне, но бил спречен и приведен. На местото биле пронајдени и одземени кеса со марихуана, дигитална вага и дробилка.
Подоцна, со судска наредба и во присуство на неговиот татко, извршен бил претрес во домот на малолетникот, при што доброволно предал пакување со два цвета од растението канабис.
За случајот е известен јавен обвинител и по целосно документирање ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Повреден маж во пожар во куќа во Шуто Оризари
На 11 декември 2025 година, околу 05:20 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари настанал пожар во куќа сопственост на Д.Р. (31) од Скопје.
Сопственикот се повредил при излегување од објектот и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.
Екипа на Бригадата за противпожарна заштита на Скопје го изгаснала пожарот. Извршен е увид.
Црна хроника
Млад мопедист повреден кога излетал од патoт кај Дојран, му биле измерени 1,60 промил алкохол
На 11 декември 2025 година, околу 01:20 часот, во ОВР Гевгелија било пријавено дека на регионалниот пат Стар Дојран – Нов Дојран, на место викано „Калдрма“, мопедист излетал од коловозот.
Д.Б. (22) од Нов Дојран, управувајќи мопед „хамачи“ со гевгелиски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од патот, при што се здобил со телесни повреди констатирани во Општата болница Гевгелија.
По преземените мерки, полицијата утврдила дека возачот бил под дејство на алкохол – измерени биле 1,60 промили алкохол во крвта.
За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија. По целосно документирање, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.

