Македонија
Бочварски – Рустеми: Вратена во сообраќај делницата од Подмоље до Охрид за сите возила

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заменик-министерот Беким Реџепи и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска извршија увид на реконструираната делница од Подмоље до Охрид.
Од денеска, во согласност со привремениот режим, делницата ќе биде вратена за сообраќај, а со тоа граѓаните и туристите повторно ќе може да го користат за сообраќај овој дел од влезот во Охрид.
Делницата Подмоље – Охрид како дел од автопатската делница Кичево – Охрид, во согласност со привремениот режим, беше затворена за сообраќај поради градежни активности на изградба на клучката кај Охрид, и тоа изградба на бетонски мостови, земјени и асфалтерски работи на овој дел од трасата и таа требаше да се биде пуштена до 10 јули, а сообраќајот беше пренасочен преку регионалниот пат Охрид – Подмоље.
Силниот ангажман на тимот од Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта во соработка со МВР и други институции, како и изведувачот и надзорниот орган, придонесе градежните активности на овој дел од патниот правец да бидат завршени и пред зададениот рок, сè со цел сообраќајот да се врати во првобитниот режим и да се обезбеди нормализирање на туристичката сезона.
„Пред извесно време бевме тука заедно со директорот и ветивме дека ќе ги завршиме градежните работи на овој дел од влезот во Охрид. Денеска сме тука и пред рокот што го најавивме за да се увериме дека активностите се завршени. Од денеска повторно ќе ја вратиме во режим на привремен сообраќај делницата од Подмоље до Охрид и ќе овозможиме сообраќајот да се одвива по главната траса. Ветивме дека сè што правиме е во насока на создавање подобри услови за туристичката сезона, така ќе продолжиме и во наредниот период“, истакна министерот Бочварски.
„Направивме силни напори со сите институции и изведувачи делницата на главната траса да ја ставиме во функција. Од денеска сообраќајот од Подмоље до Охрид се одвива повторно по главната траса, а ние со исто силно темпо продолжуваме да работиме и на другите позиции на автопатската делница Кичево – Охрид“, истакна директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Правдата за албанскиот народ не може да се гради врз политички процеси наметнати од Русија, ниту врз „докази“ фабрикувани од Србија

Од Демократската унија за интеграција известуваат дека претседателот на оваа партија, Али Ахмети, на 17 октомври, во последниот ден од изборната кампања, одлучил да ги откаже сите планирани партиски активности и да учествува на општонародниот протест во Тирана, свикан, како што појаснуваат, од организациите произлезени од војната на ОВК.
„Протестот ќе се одржи на плоштадот „Скендербеј“ во Тирана, со почеток во 17:00 часот, под мотото: „Правда за ослободителите, против неправдата во Хаг“. Али Ахмети, кој беше присутен и на протестот организиран во Приштина, како еден од основачите на Ослободителната војска на Косово, ја прифати поканата на организаторите да биде дел од овој голем општонароден протест.
За ДУИ и за нејзиниот претседател, војната на албанскиот народ предводена од Ослободителната војска на Косово била праведна, неопходна и поддржана од целиот демократски, западен и слободољубив свет. Периодот по војната и бројните судски процеси, домашни и меѓународни, јасно ја потврдија чистотата на таа војна за слобода, демократија и независност“.
Според ДУИ, правдата за албанскиот народ не може да се гради врз политички процеси наметнати од Русија, ниту врз „докази“ фабрикувани од Србија.
„Претседателот Али Ахмети е неразделен дел од борбата за слободата на албанскиот народ и токму поради тоа силно го поддржува протестот свикан од организациите произлезени од војната на ОВК, откажувајќи ги сите изборни партиски активности“.
Македонија
Министерството за енергетика покрена 17 постапки за наплата на долгови од 32,8 милиони денари

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини воспостави системски пристап за заштита на државата во сите судски постапки и за првпат активно покренува тужби за наплата на долгови од должници, соопшти министерката за енергетика рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
„За првпат, воспоставуваме системски пристап со кој државата активно се брани во сите постапки и истовремено се покренуваат нови тужби за наплата на долгови од должници. Во изминатите години државата била оставена без активна правна заштита – не биле оспорувани клучни докази, не биле преземани мерки за застареност на побарувањата и не биле бранети државните позиции. Министерството го менува тој пристап: активно се вклучува во секоја судска постапка, бара стручни вештачења, ја координира одбраната со Владата, иницира постапки за наплата на долгот на државата. Обврска ни е да ги штитиме средствата на граѓаните и ставаме ред во правните постапки“, вели Божиновска.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со превземањето на надлежностите затекна шест судски предмети по поднесени Тужби за вкупна вредност од 421.862.824,00 денари, поднесени против Министерство за Економија.
„Правниот сектор при МЕРМС, уште при превземање на предметите изврши увид во истите и зема учество во судските постапки преку превземање на правни дејствија. Веќе има конкретни резултати: две тужби против државата во вредност од 315 милиони денари се одбиени, со што буџетот е заштитен од огромни трошоци, а вкупната вредност на предметите против Министерството е намалена од 421,8 милиони на 106,8 милиони денари“, рече Божиновска.
Секторот за правни работи при увидот во преземената документација утврдил дека воопшто нема поднесени тужби против должници (физички и правни лица) за наплата на долг кој произлегува од неплатен надомест. Сепак, во соработка со Секторот за минерални суровини, беше констатирано дека постојат повеќе застарени побарувања по основ на концесиски надомест, како и побарувања за неплатен концесиски надомест за кои не се поведени судски постапки, а има основ државата да бара исплата.
„Министерството покрена 17 постапки за наплата на долгови во вкупна вредност од 32,8 милиони денари, од кои дел веќе се завршени со спогодби и позитивни пресуди. Истовремено на Управен суд се водат околу 20 предмети поврзани со концесии, од кои веќе има позитивна пракса за одбивање на тужби и предлози за времена мерка“, велат од Министерството.
Македонија
МВР го објави регистарот на напади врз новинари

Министерството за внатрешни работи на својата веб-страница постави линк до регистарот на напади врз новинари кој води до страницата на Здружението на новинари на Македонија каде е објавен регистарот. Овој регистар прикажува случаи на повреди на правата на новинари — со детали за видот на нападот, локацијата, статусот на пријавата и постапката.
„Безбедноста на новинарите за Министерството за внатрешни работи е еден од врвните приоритети и во изминативе години интензивно се работи на ова поле, а видливи се и резултатите од ваквата посветеност. Меѓу другото, беше одредена и контакт-точка, што многу придонесе за побрзо и поефикасно расчистување на случаите што се поврзани со новинарите. Се разбира, во координација со ЗНМ, Министерството за внатрешни работи продолжува да работи на ова поле“, велат од МВР.
Од таму информираат дека формирањето на националниот комитет за заштита на новинари претставува меѓуресорско тело комбинација од владини институции и невладини организации меѓудругото поврзани во новинарската фела. Процесот на формирање е во тек и по неговото финализирање една од примарните задачи ќе биде носењето на Национален акциски план за заштита на новинарите. Ова е процес кој се спроведува во рамки на кампањата на Советот на Европа Safety of Journalists, во координација со националната контакт точка.
Од МВР велат дека координацијата помеѓу полицијата, обвинителството и новинарските организации е на високо ниво и тоа многу придонесува за брзо и ефикасно решавање на случаите кои се однесуваат на новинарите.
„Ваквата соработка треба да продолжи и во наредниот период со цел понатамошно ефикасно расчистување на било каков случај на напад врз медиумски работник. Водејќи се од мотото „Секогаш може подобро“, полицијата, обвинителството и новинарските организации во голема мера во блиска иднина ќе ја зголемат и подобрат веќе постоечката висока меѓусебната соработка“, велат од Министерството.
МВР апелира до сите новинари доколку се соочат со закани, вербални или физички напади, или друг вид на притисок, веднаш да ги пријават случаите. Министерството за внатрешни работи е обврзано да ги санкционира сторителите и да го заштити правото на јавноста за слободно информирање.