Економија
„Еуромакс ресоурсис“: Надлежните институции без одлагање да овозможат реализација на најголемата странска инвестиција
Еуромакс Ресоурсис со особено внимание ја следи правната разврска за остварувањето на нашите права како странски инвеститор. Сите правни аргументи се на страната на Еуромакс Ресоурсис. Токму затоа, очекуваме без понатамошни одлагања надлежните државни институции да продолжат да ги усвојуваат сите неопходни одлуки за да почне реализацијата на една од најголемите инвестиции од независноста на државата до денес. Впрочем, Република Северна Македонија како полноправен член на НАТО Алијансата и држава која ги отпочна преговорите за полноправно членство во ЕУ, меѓу другото има должност и обврска да обезбеди правна сигурност и ефикасност во спроведување на законите за домашните, но и за странските инвеститори.
Одлуката на Управниот Суд по која постапи Владата на Република Северна Македонија не е прва судска пресуда во полза на Еуромакс Ресоурсис. Имено, во март и ноември 2020, Управниот и Вишиот Управен Суд правосилно го поништија Решението на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос која се однесуваше на барањето за издавање дозвола за експлоатација на минерални суровини. Искрено се надеваме дека нема да се повтори праксата од 2020 година, кога надлежните државни институции во пресрет на тогашните локални избори одлучија да ја стават концесијата на Иловица – Штука во дневно – политичка агенда. Еуромакс Ресоурсис останува доследна на принципот дека ќе ги исцрпи сите домашни правни механизми за да ја реализира инвестицијата со добра волја и чесни намери. Сепак, доколку увидиме дека на прашањето на нашата ивестиција повторно се напаѓа владеењето на правото како уставна загарантирана темелна вредност, тогаш ќе бидеме принудени да покренеме соодветна постапка пред Меѓународната Арбитража во Вашингтон, САД. Првичните проценки се дека вкупните штети кои потенцијално ќе се наплатат од Буџетот на Северна Македонија изнесуваат повеќе од 1 милијарда евра, без пресметани камати.
Прецизирањето на правните околности и издавањето на соодветни дозволи за почеток на работа на рудникот Иловица – Штука ќе го отвори патот за реализација на директна странска инвестиција од 340 милиони евра и тоа само во првите две години на изградбата на рударскиот комплекс. Проектот ќе овозможи отворање на повеќе од 3.000 нови директни и индиректни работни места. Со отворањето на рудникот, согласно проектот, 24 милиони евра годишно ќе се слеваат во државниот Буџет на име даноци, надоместоци и концесии, од кои околу 4 милиони директно на буџетските сметки на општините Босилово и Ново Село. Функционирањето на рудникот ќе придонесе и за повеќе приходи и нови вработувања во голем број на компании во регионот. Согласно проектот, предвидени се договори со локални компании во висина од околу 180 милиони евра само за време на изградбата на рудникот. Во следните години на годишно ниво се предвидува дека преку договори за набавки кон локални компании да бидат исплаќани по 74 милиони евра.
Почитувајќи ја грижата на жителите на Општините Ново Село и Босилово, регионот, целокупната јавност, во оваа прилика, сакаме веднаш да ja потенцираме најважната работа. Во технолошкиот процес во рудникот Иловица – Штука ќе се применуваат најбезбедни и наjсовремени техники и практики за експлоатација на минерални суровини. Нема никаква основа за било каква грижа дека здравјето на граѓаните и животната средина се под некаква закана. Највисок приоритет за нашите светски реномирани инвеститори е Еуромакс Ресоурсес да ги имплементира сите највисоки стандарди за одржливо рударство на 21-от век. Затоа, ги охрабруваме граѓаните и јавноста да поставуваат прашања и да ги отвораат сите евентуални дилеми. Ние сме подготвени да го објасниме секој чекор од процесот на експлоатација на рудникот. Истовремено, апелираме да не се потпаѓа по лажните вести кои се наменети да се спречи по секоја цена економскиот развој и забрзаниот прогрес на регионот и цела Северна Македонија.
ПР ТЕКСТ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Потврда за квалитет и доверба: „Реплек“ по петти пат сертифициран со EU GMP сертификатот
„Реплек“ по петти пат ја потврдува својата усогласеност со највисоките европски стандарди за квалитет, безбедност и добра производна пракса. Најновото сертифицирање со EU GMP сертификатот е доказ за континуираната посветеност на компанијата кон унапредување на производствените процеси, што ја потенцира нејзината доверливост и професионалност во секоја фаза од производството. Новиот, петти по ред, EU GMP сертификат вклучува проширување на опсегот на производството со три нови форми, и тоа супозитории, вагитории, како и гранулати за орална употреба (сакети). Ова е потврда на континуираното проширување на капацитетите со нови фармацевтски форми, што е резултат на интензивни инвестиции во модернизација на производствените линии, примена на најсовремени технологии, како и постојано усовршување на вработените.
Во своите завршни забелешки инспекторите нагласија дека „Реплек“ демонстрира висок степен на зрелост во спроведувањето на добрата производна пракса, високо стандардизирани оперативни процеси, како и робусен систем за квалитет, што ја потенцира доверливоста и професионалноста на компанијата во секоја фаза од работењето. Сертификатот е веќе официјално објавен на дата базата на Европската агенција за лекови (EMA).
„Новиот EU GMP сертификат е потврда за нашата долгорочна посветеност кон квалитетот, иновациите и безбедноста на производственото портфолио. Проширувањето на опсегот на производство е резултат на континуирани инвестиции во технологија и знаење, како и на посветеноста на целиот тим на ‚Реплек’. Сертификатот е признание кое дополнително ја зацврстува довербата кај пациентите и партнерите, и ја потврдува позицијата на компанијата како современа, конкурентна и подготвена да одговори на најстрогите европски и меѓународни стандарди. Станува збор за признание кое е резултат на постојани вложувања во човечкиот капитал, експертизата на вработените и иновативните технологии“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Ваквата потврда ја зацврстува позицијата на „Реплек“ како сигурен и кредибилен партнер на европските и меѓународните пазари, истовремено реафирмирајќи ја континуираната посветеност кон примена на највисоките стандарди во сите сегменти од оперативните процеси. Со новото сертифицирање уште повеќе се засилува стратешката поставеност на „Реплек“ на 450-милионискиот пребирлив европски пазар, каде што компанијата веќе пласира сериозен дел од своето портфолио. Овој европски GMP сертификат служи како референтен и за партнерите од голем број на останатите пазари, што значи дека се прошируваат можностите за пласман на производите на „Реплек“ и во тие држави.
Овој успех ја потврдува долгорочната стратегија на компанијата за одржлив и стабилен раст и развој, зацврстувајќи ја нејзината позиција на меѓународните пазари, каде што „Реплек“ пласира над 75 отсто од своето портфолио и продолжува да го зголемува својот удел преку висока доверба од потрошувачите. Континуираното унапредување на високите стандарди за квалитет и усогласеноста со европските регулативи се неразделен дел од корпоративната стратегија на „Реплек“. Квалитетот на производството се рефлектира и во финансиските резултати на компанијата за 2025 година, при што е постигнато значајно унапредување на профитабилноста, односно раст за 39% во однос на 2024 година.
(ПР)
Економија
МЕМО и словенечката енергетска берза БСП потпишаа договор со кој започнува имплементацијата на пазарот во тековниот ден
Во просториите на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, денеска официјално беше потпишан Договор со словенечката енергетска берза БСП, како избран економски оператор за обезбедување услуги на трговски платформи и клиринг платформа за пазарите на електрична енергија во сегментите ден-однапред (Day-Ahead Market) и пазар во тековниот ден (Intraday Market).
Пазарот ден-однапред во нашата земја успешно функционира од 10 мај 2023 година, кога започна тргувањето на организираниот пазар на електрична енергија и од тогаш соработката меѓу МЕМО, БСП и ЕПЕКС СПОТ бележи континуиран раст. Дополнително, во заедничка соработка до крајот на вториот квартал од 2026 година ќе биде воспоставен и пазар во тековниот ден.
Договорот, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го потпишаа управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, и извршниот директор на словенечката енергетска берза БСП и претседател на управниот одбор на групацијата АДЕКС, Анже Предовник.
Со овој Договор, МЕМО прави значаен исчекор во насока на унапредување на функционалноста на организираниот пазар на електрична енергија и негова подготовка за идно поврзување со единствениот европски пазар, информираат надлежните.
„Договорот претставува континуитет на соработката со БСП и ЕПЕКС СПОТ, важен чекор во развојот на македонската берза за електрична енергија и зајакнување на нејзината техничка и институционална подготвеност за пазарна интеграција со Европската Унија. Изборот на реномирани берзи како БСП и ЕПЕКС СПОТ, со кои веќе имаме воспоствено соработка базирана на доверба и резултати е потврда за нашата посветеност кон транспарентен, сигурен и ефикасен пазар“, изјави управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека по потпишувањето на Договорот се одржа и kick-off состанок со претставници на БСП, на кој официјално започнаа активностите за дополнително воспоставување на пазарот во тековниот ден, со цел истиот да биде ставен во функција до крајот на вториот квартал од 2026 година.
„„МЕМО и Северна Македонија денес направија значаен и стратешки исклучително важен чекор кон интеграција во европскиот пазар на електрична енергија. Потпишувањето на договорот за воспоставување на пазарoт во тековниот ден и имплементацијата на проектот, чија реализација е предвидена да заврши во вториот квартал од 2026 година, претставуваат важна пресвртница во процесот на интеграција на земјата во европскиот пазар на електрична енергија.
Со јасна и амбициозна насока, како и со силна поддршка од надлежната министерка и министерството, Северна Македонија продолжува да остварува убедлив напредок на патот кон целосна интеграција во европскиот пазар на електрична енергија – препознаен и во регионот и во рамки на Европската Унија. Високоефикасните тимови на МЕМО и БСП и ЕПЕКС СПОТ, заедно со поддршката од министерката и Министерството, претставуваат силна и јасна гаранција дека Северна Македонија ќе биде меѓу првите земји во регионот што ќе се приклучат кон Единствениот европски пазар на електрична енергија.
Ова е наша заедничка и силна заложба, изградена врз експертиза, доверба и одлично партнерство. Горд сум што јас и мојот стручен тим од БСП сме дел од овој значаен проект“, изјави Предовник.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека воспоставувањето на пазарот во тековниот ден е суштински чекор за модернизација на македонскиот енергетски сектор и негова реална интеграција во европскиот пазар.
„Со вакви конкретни проекти ја градиме стабилноста, транспарентноста и конкурентноста на пазарот. Министерството активно и континуирано ја поддржува институционалната и техничката подготвеност на пазарните оператори. Нашата цел е јасна – функционален, сигурен и европски усогласен пазар на електрична енергија. Пазарот во тековниот ден, носи поголема флексибилност, подобро управување со обновливите извори и намалување на системските ризици. Тоа е директна придобивка и за учесниците на пазарот и за енергетската стабилност на државата“, нагласи Божиновска.
Економија
РКЕ најави паметни броила – граѓаните од телефон ќе може да ја следат потрошувачката на струја
Задолжително тестирање на критичната инфраструктура, воведување на сет на меѓународни безбедносни правила, секоја енергетска компанија да подготвува одделен буџет во кој приоритет имаат инвестициите за сајбер безбедност, назначување на офицер за сајбер безбедност – се дел од сетот на мерки што по налог на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги имплементираат клучните енергетски компании со цел зголемување на отпорноста од сајбер напади.
Целта на овие мерки е зголемување на отпорноста на енергетскиот систем на сајбер напади, заштита на критичната инфраструктура и обезбедување континуирано и сигурно снабдување со електрична енергија за граѓаните и стопанството.
„Анализите покажаа дека до 2024 години ниту една компанија немаше имплементирано ниту еден стандард за сајбер безбедност. Некои имаа воспоставено локални политики во оваа сфера, процедури, но тоа не беше доволно за да се следи и паралелно да се надоградува безбедносниот сајбер обрач. Во овој момент две енергетски компании го имплементираа меѓународниот ИСО стандард (систем за управување со безбедноста на информациите), додека три компании се во финална фаза на имплементација. Факт е дека кај приватните компании имплементацијата е полесна, затоа што не се обврзани да распишуваат тендери како јавните претпријатија.“ посочи Апостолчо Рамов, раководител на сектор за информатичка технологија и статистика во РКЕ кој беше учесник на 3 Конференција за дигитализација во организација на Американската стопанска комора.
Со законските измени во 2023 година, РКЕ стана пионер во регионот во воспоставување на правила за сајбер безбедноста, посочи Рамов кој најави дека регулаторната дигитализација ќе продолжи, а следен чекор е воведување на паметни броила.
„Законот е на сила, а операторите на пренос и дистрибуција треба да направат анализа за воведување на паметни мерни системи (smart meters). Целта е секој граѓанин сам, преку свој мобилен уред или он лине да следи како оди потрошувачката. Во овој момент се прави техничка анализа. Дигитализацијата ќе ја зголеми довербата – ќе нема повеќе дилеми дали е сметката реална или претпоставена.“ посочи Апостолчо Рамов, раководител на сектор за информатичка технологија и статистика во РКЕ.
Со цел да се намалат ризиците од нарушување на континуирано снабдување со електрична енергија РКЕ уште во 2023 година во соработка со НАРУК (National Association of Regulatory Utility Commissioners) и УСАИД донесе Правила за сајбер-безбедност. Со нив, за првпат системски се уредуваат обврските на енергетските субјекти во однос на заштитата на мрежите, информациските и оперативните технологии. Во периодот што претстои овие правила ќе бидат усогласени и со новиот Закон за безбедност на мрежни и информациски системи што е предуслов за стабилен, сигурен и модерен енергетски систем.

