Регион
Не дај Боже да ви дојде војна, па да нема кој да ви помогне, му одговори Зеленски на Радев, кој го одби за оружје
Бугарскиот претседател Румен Радев му кажа на својот украински колега Володимир Зеленски, кој е во посета на Софија, дека уште во првите часови ја осудил руската агресија во Украина.
„Сакам да ја изразам нашата солидарност со народот на Украина и со жртвите на оваа сурова војна, која сè уште беснее во моментот. Во првите месеци Бугарија им подаде рака на илјадници граѓани на Украина, а многу од нив продолжуваат да бидат под заштита на бугарската држава,“ рече шефот на бугарската држава.
Тој ја истакна и декларацијата за воена поддршка од Бугарија за Украина потпишана денеска.
„Оваа декларација е важен чекор во развојот на нашите односи, но јас не прифаќам предавање муниција, особено од резервите на бугарската армија. Јас како претседател, како и вие, имам заложба дека одбранбените капацитети на Бугарија не треба да се намалуваат бидејќи безбедносното опкружување е алармантно и во нашиот регион, за сите нас е уште посериозно што конфликтот се шири и добива нови димензии“, истакна и Радев и додаде дека непријателствата стануваат сè пожестоки, а сè повеќе луѓе умираат, вклучително и Бугари од заедницата во Украина.
„Овој конфликт нема воено решение и сè повеќе оружје тешко води до ова мирно решение, кое не се постигнува. Во овој поглед важно е да се обрне внимание на конзистентните напори за деескалација и барање мирни решенија со дипломатски средства, многу се надевам дека побргу ќе видиме мирно решение, се надевам дека тоа ќе се случи во пресрет на длабоките културни врски меѓу нашите народи“, истакна Ремен Радев, пренесе „Бнр.бг“.
Тој ја отвори иницијативата на претседателот Зеленски за „Формула за мир“, која е во 10 точки.
Украинскиот претседател, пак, уште еднаш се заблагодари за поканата да ја посети Бугарија и за поддршката што Бугарија им ја дава на илјадниците украински бегалци, кои побараа поддршка и засолниште во Бугарија.
„Ова не е конфликт, туку војна, војна за уништување на Украина, да се убиваат Украинци, а не други земји и фала му на бога“, истакна тој.
„Ако ова е конфликт, тогаш земјата нема да ја остават милиони луѓе. Ние мора да ги поставиме точките, инаку некој друг ќе ги постави. Ние го имаме ова право бидејќи војната е на наша територија, така што знаеме дека ова е војна, а не конфликт“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
„Господинот претседател рече дека нè поддржува да ни се даде муниција за да не ослабне вашата армија или да не го поддржувате зајакнувањето на Украина. Вашата армија, што и да имате, нема да биде доволна да се борите ако Русија дојде овде… Ваше право е да не поддржувате помош за Украина. Добро е да им давате на луѓето за да се бранат да не ви дојде војната. Не дај боже да стане трагедија и да ви дојде војната, што ќе правите тогаш ако никој не ви помогне?“, го праша Румен Радев.
Володимир Зеленски изрази уверување дека неговата земја ќе стане членка на ЕУ:
„Украина и Европа имаат заеднички вредности. Русија сака да ги уништи НАТО, ЕУ, Европа. Ова се нивните цели. Дали разбирате? Ова не е конфликт, господине претседателе! Путин не води само војна против нас, Русија сака да нè уништи, а ние само сакаме да живееме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Регион
Сараево меѓу најзагадените градови во светот утрово
Сараево утрово се најде на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница IQAir.
Според податоците, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафеава категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување или ознака за воздух опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 355, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.
Следниот град со најголемо загадување на воздухот во светот беше Лахор во Пакистан со индекс од 271, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.
Концентрацијата на фини честички прашина во воздухот ПM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и може трајно да го оштетат здравјето во Сараево, беше 53 пати поголема од годишната референтна вредност дозволена од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).
Сараево е на листата на најзагадени градови во светот од синоќа. Ваквата ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога има температурна инверзија, па добиената магла го покрива сараевскиот басен, а честичките штетни супстанции се акумулираат под него.
За најголеми загадувачи на воздухот во Сараево се сметаат многуте согорувачки постројки, кои користат цврсти горива, како и густиот градски сообраќај, кој вклучува голем број стари возила. Локалните власти со децении не успеваат да го решат овој проблем, според медиумите во регионот.
Фото: депозитфотос
Регион
Американец загина во Словенија: се искачувал на Триглав
Американски државјанин загина во Словенија, најверојатно откако паднал од планинарска патека на Алпите, соопшти словенечката полиција.
Семејството на 33-годишникот изјави дека тој тргнал на планинарење во понеделник наутро до Триглав, највисокиот врв во Словенија, а потоа исчезнал, објави словенечката новинска агенција СТА.
Неговото тело е пронајдено вчера околу 1 часот наутро на дното од планинарска патека. Полицијата соопшти дека првичните наоди укажуваат дека паднал по стрмна падина.
Идентитетот на починатиот не е објавен.
Словенија е популарна дестинација за планинари и алпинисти поради бројните патеки во Јулиските Алпи.

