Македонија
Судијката и обвинителката полагаа тестови што јас ги прегледував, рече Рашковски по пресудата

Рашковски, по изречената пресуда, истакна дека му е мило оти она што го кажал од самиот почеток како теза се покажало како точно во однос на притворот.
„Би сакал да се има предвид дека во однос на сè друго имам поднесено жалби до Стразбур“, рече поранешниот генерален секретар на Владата од судницата на Основниот кривичен суд, каде што денеска доби пресуда од осум години затвор за случајот „Софтвери“.
Рашковски посочи дека судијката и обвинителката полагале тестови што тој ги прегледувал.
„Целокупниот материјал, како обвинителката со овој суд се договара, како да бидеме осудени, како да бидат изнесувани доказите и како обвинителката и вие како судија ја нарекувате правобранителката проста жена и сè друго почнувајќи од 2005 година, ќе бидат дадени на јавноста. Вклучително и 2009 година кога вие и обвинителката полагавте тестови што јас ги прегледував“, рече Рашковски по пресудата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ве чекам во 20 часот, на плочникот кај Градски ѕид“, Герасимовски повика на концерт

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика сите скопјани, вечерва да бидат дел од културната манифестација „Центарска симфонија“ што ќе се одржи на плочникот кај Градски ѕид (Клуб на новинари, зади Соборниот храм) со почеток во 20:00 часот.
Александар Тарабунов и камерниот оркестар вечерва ќе ги интерпретираат најпознатите мелодии од македонската и светската кинематографија, специјално аранжирани во ново, симфониско руво. Меѓу нив се и култните музики од „Исправи се Делфина“, „До Балчак“, како и новата песна на музичката ѕвезда Тарабунов „Заедно“, која за првпат ќе биде изведена со камерен оркестар.
„Оваа вечер ја посветуваме на музиката која нè обединува, Центар повторно станува сцена на културното доживување. Повелете сите, со пријателите, со семејствата, заедно да уживаме во спојот на класичното и модерното, на звуците што раскажуваат приказни. Музиката е најубавиот начин да се сплотиме, Ве поканувам на добра музика и убава летна саботна вечер. Ве чекам во 20 часот, на плочникот кај Градски ѕид“, вели Герасимовски.
Влезот е слободен за сите граѓани. Настанот е во организација на Општина Центар, во партнерство со МГ Мјузик продукција.
Македонија
Филипче на конгрес на СПД во Берлин: Средба со германскиот вицеканцелар Клингбајл

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска, ќе присуствува на конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), кој под слоганот „Промената започнува со нас“ се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија, соопшти утрово СДСМ.
Во рамки на конгресот претседателот Филипче ќе има средба со актуелниот вицеканцелар на Германија и сојузен министер за финансии, Ларс Клингбајл кој воедно е и ко-претседател на СПД. Предвидени се и билатерални средби со европски политичари и функционери присутни на конгресот.
На конгресот, на кој, меѓу другото, ќе се избира и новото раководство на СПД, ќе присуствуваат истакнати актуелни германски политичари и функционери, како и претседатели на социјалдемократски партии од Европа.
Поканата за присуство на Филипче на овој конгрес од СДСМ ја сметаат за израз на заедничката заложба за европска иднина, социјална правда и регионална соработка, засновани на вредностите на социјалдемократијата – еднаквост, солидарност и демократија.
Македонија
УХМР: Денес температури до 36 степени и ветер кој на места ќе дува и со над 70 километри на час

Управата за хидрометеоролшки работи за денес прогнозира сончево време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец кој локално може да достигне и над 70 километри на час.
Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со умерен до засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 34 степени.