Македонија
Македонија го презеде претседавањето со Транспортната заедница од Црна Гора, Бочварски најавува засилен развој на транспортниот сектор во регионот
Република Северна Македонија од денеска го презема претседавањето со Транспортната заедница и следната в година ќе биде домаќин на активности и настани што ќе придонесат за усогласување со транспортните политики на земјите од Западен Балкан и Европската Унија.
Министерот Бочварски и заменик-претседателот на владата на Црна Гора и министер за капитални инвестиции, Ерван Ибрахимовиќ, во присуство на Матеј Закоњшек, претседателот на Секретаријатот на Транспортната заедница, извршија примопредавање на претседавањето и во тој контекст ја потенцираа улогата на Секретаријатот на Транспортната заедница во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан како стратешки цели.
„Евидентни се резултатите од напорите на претседавањето на Црна Гора, а особено е значаен моментот на завршување на процесот за ревизија на транспортните мрежи во регионот на Западен Балкан, со што нашиот Коридор 8 стана дел од европскиот коридор за Западен Балкан – Источен Медитеран како дел од мрежата на главните трансевропски коридори. Во текот на нашето претседателство со Транспортната заедница ќе продолжиме со активностите, кои се важни за целиот регион, кои ги содржат активностите за реформските мерки за поврзаност, како составен дел на агендата за поврзаност. Како еден од приоритетите со претседавањето, а со цел подигнување на нивото на соработка, ќе реализираме низа активности со кои ќе ја засилиме регионалната соработка“, истакна министерот Бочварски.
Верувам дека Транспортна заедница на подолг рок ќе придонесе за подобрена ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на услугите за корисниците на транспортот преку отворање на пазарите и зајакнување на конкуренцијата, додаде министерот Бочварски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Удово – Валандово
Сообраќајот на патниот правец P1105 – Удово – Валандово, кој поради излевање на Калковска Река беше во прекин, е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 05:25 часот и се пренасочуваше на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Македонија
Сиљановска-Давкова учествува на Светскиот самит на владите во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, по повод учеството на Светскиот самит на владите.
Претседателката ќе биде главна говорничка на сесија посветена на демографските промени. Таа ќе говори за перспективата на државава во однос на демографските промени и нивните импликации врз националниот развој.
Сиљановска-Давкова ќе учествува на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, како и на Светскиот самит на лауреати, што се одржува за прв пат во пресрет на Светскиот самит на владите, со вклучување на носители на Нобеловата награда и водечки научници во дебатите за креирање политики.
Предвидени се повеќе билатерални средби на Сиљановска-Давкова со учесници на самитот.
Централна тема на настанот е „Обликување на влади на иднината“.
Светски самит на владите е глобален форум што поврзува шефови на држави и влади, меѓународни организации, експерти, претставници од приватниот сектор и други креатори на политики со цел да се промовира глобална соработка, иновации и решенија за идни предизвици на светско ниво. Самитот ги истражува најновите трендови и најдобрите практики во управувањето, технологијата, одржливиот развој и други клучни области за подобрување на животот на луѓето ширум светот.
На годинешното издание на самитот е најавено учество на над 35 шефови на држави и влади, повеќе од 150 владини делегации и околу 6.000 учесници.
За време на работната посета на ОАЕ, претседателката Сиљановска-Давкова ќе биде придружувана од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.

