Македонија
СДСМ: Скопје се гуши во ѓубре

Со ДПМНЕ на Скопје постојано му се случува нов хаос, овој пат со ѓубрето, велат од СДСМ преку соопштение.
„Наместо развој и модернизација како што Христијан Мицкоски ветуваше пред граѓаните кога ја бараше поддршката, на главниот град постојано му се случува нов хаос, одново и одново.
Овој пат ДПМНЕ создаде хаос со сметот, Скопје се гуши во ѓубре.
ДПМНЕ треба итно да преземе нешто, да се надмине проблемот и да се обезбеди функционалност на ЈП Комунална хигиена.
Скопјани ваков однос не заслужуваат. Скопје ова не го заслужува“, се вели во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Планина поместивме да го изгрaдиме експресниот пат од Фариш до Дреново, рече Николоски

Експресниот пат делница Фариш – Дреново, кој од денес е пуштен за сообраќај, е втората најтешка делница за работа, после автопатот Кичево-Охрид, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Изјави дека патот ќе го користат граѓаните од Тиквешкиот регион, од Прилеп, Битола, Ресен, Могила, Новаци, Кривогаштани и оние што сакаат полесно да патуваат до Охрид и таму да го поминат одморот.
„Навистина честитки до сите кои беа вклучени во реализацијата на можеби втората најтешка делница од сите што ги работиме во моментов. Гледано како подвиг после автопатот Охрид-Кичево, ова е дефинитивно најсложениот подвиг кој што беше за решавање. Тунелите позади нас и планинанта позади нив беа голем предизвик. Буквално планина се помести за да се изгради овој експресен пат и да е безбеден што е многу значајно“, рече Николоски.
Министерот појасни дека отворањето било поместено за неколку месеци, за да се добие максимално безбеден експресен пат по кој граѓаните ќе можат да сообраќаат, но исто така и да ги отстранат сите пречки кои што стоеле на реализацијата на овој пат.
„Замислете претходната Влада не помислила дека ако цела карпа стои на патот дека е возможно во дадени временски услови недајбоже истата да се сруши и на патот. Затоа на крајот на минатата година заедно со Премиерот донесовме одлука да се реши тој проблем, еве денеска е решен, ќе може да се види позади овие тунели дека планината не постои и тоа ќе е најлесниот и најбезбедниот начин за комуникација“, рече Николоски.
Истакна дека со новиот пат од Скопје до Прилеп да се доаѓа за 1 час и 15, односно 1 час и 20 минути , а од Скопје до Битола да се патува за 1 час и 40 минути, а после реализацијата на автопатот Прилеп – Битола кој што доста интензивно се работи и за многу, многу пократко.
Свое обраќање имаа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.
Претходно беше пуштен за сообраќај експресниот пат делот од Градско до Дреново.
Македонија
Директор и вработени во Општина и Министерство пустошеле во Националниот парк Маврово, заработиле над 3 милиони денари

Полицијата поднесе кривична пријава за вработен во општина Маврово Ростуше, директор во ЈУ „Национален парк Маврово“, раководител на Одделение за одржливо користење во ЈУ „Национален парк Маврово“ и вработен во Министерството за шумарство и земјоделство за пустошење на заштитена шума во Националниот парк Маврово.
На овој начин пријавените, се стекнале со противправна имотна корист од извршената нелегална сеча, се до продажба на дрвната маса на претходно договорени купувачи, на штета на ЈУ „Национален парк Маврово“ во износ од 3.005.625 денари.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х.И.(40) од општина Маврово и Ростуше, директор во ЈУ „Национален парк Маврово“, Г.А. (44) од с. Ниќифорово, раководител на Одделение за одржливо користење во ЈУ „Национален парк Маврово“ и А.Б. (54) од Гостивар, вработен во Министерството за шумарство и земјоделство, за сторени две кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“ на штета на ЈУ „Национален парк Маврово“.
Во текот на март и април 2025 година, првопријавениот ги пречекорил своите службени овластувања, така што со третопријавениот усно договорил вршење нелегална сеча на техничко дрво-ела во ЈУ „Национален парк Маврово“ на место викано „Брана“, а за вонреден инспекциски надзор за наведената сеча бил задолжен второпријавениот. Првопријавениот најпрво испратил барање до Државен инспекторат за шумарство и ловство, упатено до третопријавениот во кое побарал да биде извршена сеча на наведената локација за наводно оштетени стебла од дрво -ела, оштетени од атмосферски влијанија. Првопријавениот со повреда на законските прописи и со пропуштање на должен надзор врз второпријавениот овозможил да се изврши пустошење на заштитена шума во Националниот парк Маврово, без претходно се објави оглас за сечата за да истата биде јавна и транспарентна.
Од страна на третопријавениот е наведено да се изврши ознака и сеча, а според извршеното мерење вкупната дрвна маса од сите три оддели требало да изнесува 403м3 дрво-ела и 55м3 дрво- бука, што не соодветствува со реалната и фактичката состојба подоцна утврдена на лице место.
Второпријавениот со повреда на законските прописи овозможил да се врши пустошење на заштитена шума во Национален парк Маврово и согласно спецификација од Шумска полиција Гостивар, сечата е извршена само во одделот 67а, каде исечени се вкупно 858.75 м3 повеќе кубатура од предвиденото. Третопријавениот на 10.03.2025 година изготвил записник за извршен инспекциски надзор и Решение во кои внел лажни и невистинити податоци.
Македонија
Пуштен во употреба експресниот пат Фариш – Дреново, инвестиција од 45 милиони евра

Денес го пуштаме во употреба експресниот пат Фариш- Дреново, во должина од 10,2 километри, со вредност од речиси 45 милиони евра- проект што е директна инвестиција во развојот, безбедноста и иднината на овој регион, на државата, на секој граѓанин, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека овој пат е од витално значење и за Кавадарци, и за Прилеп, и за Битола, и за Ресен, и за сите општини од Пелагонија.
„Овие пари, како во минатото, по принципот како до сега, не завршија во нечии џебови, не исчезнаа во провизии, тендери и фиктивни договори. Туку се тука, пред вас. Во асфалтот. Во оваа делница. Во реални, опипливи дела. Дојде време кога државата не е банкомат за моќници, туку мотор на развојот. Дојде време кога проектите не се рекламираат на хартија, туку се градат на терен. Дојде време кога парите од граѓаните- се враќаат назад кај граѓаните, преку проекти, патишта, училишта, фабрики“, рече Мицкоски.
Додаде дека патот Фариш- Дреново, не е само обичен пат туку тој е и порака.
„Порака дека можеме поинаку. Порака дека ако се сака- се може. И доказ дека Македонија нема да биде вечно во застој ако што беше изминатите седум години, туку цврсто граби на патот кон напредокот. Граѓаните имаат очекувања. И ние тие очекувања нема да ги изневериме“, рече Мицкоски.