Македонија
Се бара спас од ѓубрето: Во Ѓорче Петров ќе се чисти со машини од Велес, во Аеродром помага Штип

Скопските градоначалници почнаа да бараат помош од други градови да им испратат возила за собирање на комунален смет поради бојкотот на скопските комуналци и натрупаноста на Скопје со ѓубре.
Велат дека поради хаосот кој настана поради штрајкот во јавното претпријатие „Комунална Хигиена“, неопходно е веднаш самите да го решаваат проблемот со натрупаниот смет во контејнерите.
„Побарав помош од градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, кој ќе испрати соодветни возила за собирање на комунален смет. Вечерва екипите на Комунален пункт на Општина Ѓорче Петров заедно со механизација од Општина Велес ќе бидат на терен“, објави градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски.
Помош од Велес побарал и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, а помошта ќе стигне уште вечерва.
„Граѓаните на општина Бутел не смеат да бидат заложници на нечие несовесно работење“, истакна тој.
Аеродром ќе го чистат комуналците од Штип. Градоначалникот Тимчо Муцунски порача дека најважна е грижата и здравјето на граѓаните.
„На мое барање, Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов одобри испраќање на механизација и работници кои со поддршка на општинските капацитети, вечерва ќе спроведат акција за расчистување на натрупаниот смет од контејнерите. Благодарност до Иван и Општината Штип за поддршката и помошта. Ние, утре со своите расположливи капацитет продолжуваме да работиме на расчистување на сметот и контејнерите“, вели Муцунски.
Градоначалникот на Гази Баба, Стефковски пак остварил телефонска комуникација со градоначалниците на општините Илинден и Петровец, Александар Георгиевски и Борче Митевски со кои се договориле да испратат камиони за собирање на сметот од контејнерите во општина Гази Баба.
„Ја мобилизирав дел од администрацијата и целото ЈКП Гази Баба и во текот на вечерта ќе се превземат теренски активности за подигање на сметот. Граѓаните пред и над се!“, рече Стефковски.
Претходно денес, Општина Центар објави дека сама ќе го собира отпадот оти состојбата е алармантна.
Комуналците бојкотираат и не го собираат отпадот откако директорката Косана Мазнева не им го продолжи договорот на стотина лица, за кои тврди дека 20 години земале плата, а не оделе на работа. Вработените во Јавното претријатие синоќа се собраа на протест пред дирекцијата од каде на Мазнева и’ порачаа дека бараат да им ги врати колегите и да им ги покачи платите за 50 отсто. Во жестока дискусија пред дирекцијата, Мазнева им вети К15 и порача дека законите мора да функционираат за сите.
Преговорите помеѓу директорката Мазнева и вработените продолжуваат од понеделник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утрово ведро и посвежо, преку денот ќе биде сончево и потопло

Во поголем дел од земјава утрово ќе биде ведро и посвежо, во источните делови променливо облачно со услови за слаб локален дожд. Преку денот времето ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, долж Повардарието и во источните делови засилен ветер од северен правец (над 70 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 11, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а дневните температури ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 11 до 13 часот, корисниците од викенд населба село Кучково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Тошковски за тендерот за униформите: Се фокусиравме на квалитетот и цената, нема неправилности

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, реагира на обвинувањата за тендерот за униформите за припадниците на полицијата, велејќи дека постапката била предмет на задолжителна управна контрола од Бирото за јавни набавки, при што не биле најдени никакви неправилности.
По обвинувањата од опозициската СДСМ дека тендерот го добиле две фирми, од кои едната со двајца вработени, а другата отворена 20 дена пред постапката, Тошковски образложи дека нивната логика е поттикнување на конкуренцијата и фер пристап.
Премногу строги критериуми, вели Тошковски, често ги елиминираат малите и средни претпријатија, кои во Македонија се најконкурентни и често можат да понудат најдобри цени. Наша цел, додава министерот, е да добиеме најдобар квалитет по најповолна цена, а тоа го постигнуваме со овозможување на поширок круг на понудувачи.
„Законот за јавни набавки не предвидува исклучување на фирма само поради тоа што е новорегистрирана или има помал број вработени и ние целосно постапуваме согласно неговите одредби“, дециден е Тошковски.
Министерот појасни и дека МВР нема склучено договор за директна, еднократна исплата на наведената сума одеднаш, туку склучена е рамковна спогодба која претставува максимална вредност за набавки во наредните три години. Самата рамковна спогодба, вели тој, не предизвикува директна финансиска обврска за Министерството, односно финансиски обврски се преземаат само кога ќе има реална потреба и се склучуваат посебни, поединечни договори за конкретни нарачки, со динамика на испорака според потребите.
„Наместо само на историјат на понудувачите, ние се фокусиравме на она што е најважно, реалниот квалитет на производот. Затоа, клучните услови беа задолжителна достава на мостри и лабораториски анализи. Секој понудувач мораше да достави примероци од униформите и делови од униформа, а мострите беа предмет на лабораториски анализи и испитувања од независни акредитирани лаборатории. Важно е да се нагласи и дека техничките спецификации за униформите и нивните делови се уредени со Правилник кој е јавно објавен во Службен весник. Тоа значи дека тие се стандардизирани и нема можност за какво било влијание врз нивната содржина, што обезбедува еднаков пристап за сите економски оператори“, се вели во реакцијата.
Покрај квалитетот, како што се додава, клучен фактор е и цената. Анализата покажала дека разликата помеѓу највисоката и најниската понудена цена во постапката е 14,4 отсто за дел 1 и 27,9 отсто за дел 2 од набавката, што ја потврдува конкурентноста на тендерот и добиените поволни цени.
Во врска со тоа дека обвинувањата доаѓаат од СДСМ, Тошковски рече дека токму тие што ги оставија полицајците без униформи, принудени сами да си крпат, шијат или позајмуваат делови од пензионирани колеги имаат образ да зборуваат за наводни криминални тендери.