Македонија
Деструктивна и криминална до коска, Арсовска веднаш да си даде оставка, бара ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од градоначалничката на Скопје, велат дека e деструктивна и криминална до коска.
Според партијата на Мицкоски, неспособноста на Арсовска беше закана за масовна зараза во Скопје, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и го чистеа ѓубрето.
„Со денови не се собира ѓубрето во Скопје поради неспособноста на Арсовска и градската власт. Вчера, во текот на вечерта и доцна во ноќта екипи формирани од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ со екипи и механизација од градови од внатрешноста помогнаа значаен дел од ѓубрето наталожено со денови да се исчисти од улиците. Но, неспособноста и примитивизмот на Арсовска немаат граница, а тоа се виде кога нејзиниот директор во ЈП ‘Дрисла’ одбиваше да го прими ѓубрето однесено со камиони“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Фрустрациите на Арсовска, како што оценуваат, одат до таму што не само е неспособна туку не може да се справи со фактот што градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои управуваат со далеку помали системи на локална организација, успеаја да го решат проблемот што таа го создаде.
Додаваат дека за фрустрациите и другите состојби на Арсовска не може да ѝ помогнат.
„За тоа има други институции, но за Скопје е најдобро да си даде оставка, и тоа што побргу“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Костовски и оваа изборна кампања ветува поликлиника во Бутел: За два месеци ќе почне да се гради, за 18 месеци ќе да биде завршена

За два месеци ќе биде поставен камен-темелник за нова поликлиника во Бутел, а ќе биде изградена за 18 месеци, најавија денес градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски и министерот за здравство Азир Алиу. Поликлиниката ќе се гради на местото на амбулантата до општинската зграда, која минатата власт ја смести во пластични контејнери. Градоначалникот Костовски денешната прес-конференција рече дека има историски контекст оти се материјализира она што е најбарано од жителите на Бутел и околината.
„Станува збор за модерна поликлиника. Ќе се простира на околу 1.500 квадратни метри и граѓаните на општина Бутел ќе бидат опслужени и по однос на примарното и по однос на секундарното здравство. Тендерската постапка очекуваме да трае некаде околу еден месец. Откога ќе заврши тендерската постапка, откога ќе биде избрана фирмата, веднаш ќе бидат удрени темелите. Тоа очекувам да биде не повеќе од два месеци од сега. Во условите за градба, предвидено е градењето да трае 18 месеци, сигурен сум дека ќе стигне во тој рок. Бидејќи ќе се гради на местото на старата амбуланта, модуларната која е веднаш до Општина Бутел, матичните лекари кои во моментот работат таму ќе бидат дислоцирани во зградата на поранешниот дом ‘25 Мај’ во соодветни, квалитетни услови. Таа зграда има свој паркинг и е во срцето на општина Бутел, ќе биде пристапно за сите граѓани“, рече градоначалникот Костовски.
Иако тендерот го најавува на почеток на изборна кампања, Костовски уверува дека нема законски пречки да се распише оти поликлиниката е предвидена во програмата за работа многу време пред изборите.
За изградба на поликлиниката се обезбедени 117 милиони денари од кои 90 отсто се од Министерството за здравство, а 10 отсто се од Општина Бутел која ја го предвиде новиот објект во Деталниот урбанистички план и обезбеди проектна документација за него.
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека поликлинката во Бутел е пример за соработка на централата со локалната власт и најави дека за поликлиниката и покрај јасниот недостаток на кадар во јавните здравствени установи тој ќе обезбеди доволно лекари и медицински сестри кои ќе пружаат услуги и од примарно и од секундарно здравство во оваа поликлиника, а за тоа ќе извести на посебна прес-конференција.
Поликлиника во Бутел на местото на амбулантата се ветува на секои избори последниве триесет години. Таа беше предизборно ветување на сегашниот градоначалник Костовски и на минатите избори, кога уверуваше дека ако стане градоначалник додека се изгради нов објект на местото на пластичните контејнери во кои е сместена амбулантата, тој ќе им ја отстапи општинската зграда. Тоа не го направи, но денес кажа дека интензивно работеле на проектот со тоа што лани во февруари, едногласно во Советот го изгласале урбанистичкиот план, обезбедиле проект и успеале да договорат соработка со централната власт за да може тој да се реализира.
Македонија
(Видео) Редиците пред шалтерите треба да бидат минато, целта ни е да станеме центар на дигитални иновации во регионот, најави Мицкоски

Живееме во време кога дигиталните решенија не се прашање на избор, туку на опстанок и на напредок. Западен Балкан не смее да биде заостанат агол на Европа. Нашата иднина е поврзаност, иновации и знаење, истакна премиерот Христијан Мицкоски од Дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025 кој се одржува во Скопје.
Регионот, како што рече, покажува дека знае да работи заедно, дека може да создава заеднички дигитален пазар и дека може да биде дел од Европската дигитална декада.
„Долго време нашето општество беше заробено во бирократија – редици пред шалтери, печати и документи кои патуваат од канцеларија во канцеларија. Сите ние сме сведоци како луѓето губат часови, па дури и денови, за услуги кои треба да траат во суштина само неколку минути. Тоа мора да биде минато.
Дигитализацијата е нашиот начин да ја победиме таа инертност и да ја претвориме земјата во вистински сервис на граѓаните. Со дигитализацијата ја рушиме нееднаквоста меѓу оние кои имаат пристап и оние кои се оставени на маргините. Кога секој граѓанин ќе може со еден клик да добие документ, тоа е вистинска демократија. Кога секој земјоделец може брзо да добие субвенција, тоа е правда. Кога секоја компанија може дигитално да аплицира за проект, тоа е развој“.
Според него, со дигитализацијата нашите мали компании добиваат можност да излезат на глобалната сцена.
„Затоа нашата цел е јасна: да станеме центар на дигитални иновации во регионот, земја што ќе привлекува инвеститори и ќе задржува таленти. Но, да не заборавиме – дигитализацијата не е за машините, таа е за луѓето“.
Нашата визија, оценува Мицкоски, е држава која ќе биде целосно дигитална, транспарентна и ефикасна. До крајот на мандатот, најави дека сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн.
„Секој граѓанин ќе има свој дигитален идентитет и пристап до сите институции преку мобилен телефон. Ќе создадеме генерации со дигитални вештини – ученици кои ќе бидат конкурентни со своите врсници во Европа. Ќе градиме систем на сајбер-безбедност што ќе гарантира доверба во дигиталното општество.
Со дигитализацијата стануваме земја којашто ќе биде конкурентна со останатите земји во Европа и со регионот, во којшто заедно ќе чекориме напред“.
Македонија
(Видео) Радевска: Аларамантно лоша состојба на Онкологија, нема лекови, нема реагенси, нема апарати

Алармантно лоша е состојбата на Клиниката за онкологија, нема терапија, нема реагенси за испитувања, а дел од апаратите за зрачење не работат, тврди Eлена Радеска, од Комисијата за здравство на СДСМ.
„Пациенти во животно загрозувачка состојба, се оставени сами на себе, принудени да купуваат лекови од странство и да плаќаат приватно за дијагностички анализи. Додека граѓаните бараат спас, раководството на клиниката признава дека апаратот за гинеколошка брахитерапија не работи поради задоцнет договор за сервис. Пациенти се одложуваат, животи се ставаат во ризик, а оправдувањата се сведуваат на тендерски процедури и дистрибутерски грешки“, рече таа.
Според неа, ова не е прв пат и вели дека проблемите со недостаток на лекови се контиунирани поради неорганизираност и импровизации откако ДПМНЕ е на власт.
„Но денес, тоа веќе не е административен пропуст, туку прашање на живот или смрт за македонските пациенти. Итна одговорност од министерот за здравство и раководството на Клиниката за онкологија. Не може институции да се правдаат со „тендери“ додека луѓето бараат спас надвор од државата“, рече Радевска.
Таа побара независна контрола и ревизија на целокупниот систем во онкологијата за да се утврди каде е прекинатиот ланец и кој е одговорен.