Македонија
Војната меѓу Мицкоски и Јакимовски се разгорува: Не можам да верувам дека може да биде толку расипан
Лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, со реакција и порака до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Христијан, не можам да поверувам дека интелектуалец, универзитетски професор ќе биде толку расипан. Да праќаш на седница на Советот да се собираат граѓани за да создаваат хистерија во која вие, немајќи аргументи, ги повикувате наводно граѓаните на помош. Всушност, сценарио и режија на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ под твое раководство. Кога немаш аргументи, и Путин со тенковите да го викнеш, џабе ти е. Аргументите велат Јужниот булевар е планиран од 1964 година и сè што таму е изградено (шеталиште, фонтана, детско игралиште, урбана опрема, дрвореди) е на трасата на Јужниот булевар. Вие ги лажевте граѓаните дека јас сум тој што сакам да рушам нешто што сам сум го изградил иако и Јужниот булевар и неговата сервисна улица ја одредил Коце Трајановски, а ја потврдил Миле Јанакиески“, вели Јакимовски во својата реакција.
Лажевте, додава лидерот на ГРОМ, дека ќе се градат пет згради, а вистината е дека ќе се гради една зграда и таа е предвидена со претходните два плана. Интересно е што сте направиле есап колку пари ќе заработел Фатмир Етеми. И тоа наводно не го правиш ти есапот, туку некојси твитерџија, крајно сурово и простачки, а целта ти е јасна зошто го правиш есапот.
Јакимовски, како што споменува, никогаш на луѓето не им правел пресметки колку ќе заработат.
„Нивни пари вложуваат и со среќа нека им биде. Вие му правите есап на заработката за да пресметате колку да му земете мито или како што тоа вие у жаргон го велите, да го ‘чарџате’. Вашата весела математика вели дека ќе заработел осум милиони евра. Се поставува прашање дали јас имам интерес од изградбата на оваа зграда. Јас личен интерес немам, но имаат граѓаните и општината. Да се наплатат комуналии од кои ќе реновираме училишта. ќе градиме градинки, катни гаражи, ќе правиме фасади, ќе даваме стипендии на ученици итн. Толку за зградата во населба Козле“, појаснува Јакимовски.
Реагира и за зградата во населба Крњево.
„Според твоите пресметки ако за зграда од 12.445 м2 се заработи осум милиони евра, колку ќе се заработи со зградата што по твој налог ја гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, спроти ‘Ист гејт’ во Крњево, која има 18 ката и вкупно развиена површина од 33.724 м2. Според твојата весела математика, ако во Козле се заработи осум милиони евра, од оваа што ти и твоите советници ја гласавте ќе се заработат 23 милиони евра. Сега ти, весел математичару, кажи кој е твојот интерес сите твои советници да гласаат за изградба на оваа зграда, висока 18 ката, нема ниту еден сантиметар квадратен зеленило и не само во таа парцела, туку и пошироко, а мене во Карпош многу милуваш да ми бараш зеленило“, пишува Јакимовски.
Јавно го прашува Мицкоски кој бил неговиот интерес.
„Во Козле, на парцела од 4.700 м2, ќе се гради зграда со 12.445 м2, значи односот е 1 спрема 3, компарирана парцелата со станбената површина што ќе се изгради. На парцелата што ти ја поддржа, спроти Македонска телевизија или во Крњево има земјиште од 7.200 м2, а ќе се добие станбена површина од 33.724 м2. Значи односот земјиште – станбена површина за градба е 1 спрема 4,5. Како што гледаш, сè е во твоја корист. И полека, но сигурно се наѕира резонот зошто да се гласа – ти, борецу против бетонизацијата, љубител на зеленило“, вели Јакимовски.
Дополнително, според него, фрла сенка одлуката на Мицкоски што објектот ќе се гради на место каде што во моментов е јавен паркинг. „Како што милуваш да кажеш, се загрозува јавниот интерес, а во Козле ќе се гради на место каде што сега има стовариште и дополнителен бенефит за граѓаните е улицата што ќе ја поврзе ‘Козле’ со ‘Адолф Циборовски’. Очигледно контаминацијата од „Ист гејт“ те држи. И таму се инаетеше и не подржуваше градби за на крајот да дадеш поддршка. Некои велат, откако си лапнал бајадера. Јас нема да се кријам зад твитерџија и да ти праќам летоци, еве ти го летокот направен од мене и народот нека ги спореди и двата и нека каже кој е полош, ти или јас. Кој работи во свое име и за своја сметка, а кој работи во интерес на општината и граѓаните“, му порачува Јакимовски на Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По денешните протести, Синдикатот на „Македонска пошта“: Надминати се сите проблеми, декемвриската плата е исплатена
Незадоволството на вработените во Македонска Пошта денеска прерасна во организиран протест низ целата држава, а причина за ваквата реакција и револтот на вработените е доцнењето на платата, која до денешниот ден односно до 23-ти јануари сè уште не им беше исплатена, а работниците порачаа дека трпението им е исцрпено, извести Сојуз на синдикатите на Македонија.
Учесниците на протестот најпрво истакнаа дека бараат навремена исплата на заработеното, а наместо одговор добиле молк. Покрај доцнењето на платите, работниците алармираа и за лошите услови за работа нагласувајќи дека дел од објектите се без греење, со недоволна опрема, а во некои простории сè уште има азбест, што претставува опасност за здравјето на сите работници.
„Работиме во услови кои одамна не се достојни за 21 век. Немаме основни услови за работа, а сега и платата ни доцни. Ова е навреда за секој вработен“, велат работниците.
Имено овој протест следува по бојкотот на работата во месец ноември организиран исто така поради задоцнетата исплата на платите. Денешните протести покрај тоа што се организираа поради повторното побивање на сите рокови за исплата на последната плата, истите се одржаа пред објектите на поштенските служби во повеќе градови низ државата, а не само во градот Скопје. Синдикатот ја истакна сериозноста на ситуацијата и потенцијалот за ескалација доколку проблемот не се реши веднаш и најави можен штрајк.
Од вкупно 1.700 вработени, шеесетина отсто работат за минималец, а за напластените проблеми во ова акционерско друштво, кое постојано е во долгови се зборува подолг временски период без да се превземат конкретни активности за подобрување на ситуацијата и без да се слушнат барањата на Синдикатот. Претседателот на Синдикалната организација на Македонска Пошта, Сашо Димитриевски најави дека доколку до средината на следниот месец повторно им доцни платата тие ќе застанат со работа, за што ќе го известат и Управниот одбор, наведуваат од ССМ.
Тој рече дека идната недела ќе се донесе одлука за натамошните чекори, кои ќе бидат условени и од исплатата на јануарската плата. Доколку раководството и натаму нема слух за нивните барања, како што најави, не е исклучена и можноста за организирање штрајк.
„Денешниот протест е знак на револт на вработените, бидејќи е пробиен законскиот рок за исплата на плати. Ова е трети или четврти месец како ни доцни платата, но овој месец го проби дното, бидејќи денеска сме 23-ти јануари. Овој протест денеска е поради неисплатата на оваа плата, но веќе наредната недела синдикалните организации на Македонска пошта ќе донесат нова одлука до Управниот одбор дека ако наредниот месец не се исплати платата до 15-ти, продолжуваме со протести, што не значи дека нема да има и штрајк“, вели Димитриевски.
Вработените во Пошта, на денешниот протест добија поддршка од Сојузот на синдикатите на Македонија, чиј претседател, Слободан Трендафилов рече дека тие освен плата, бараат и соодветна опрема за работа. Претседателот на ССМ нагласи дека нема работа без плата и дека луѓе блиски до раководството на Пошта им се заканувале на вработените да не излегуваат на протест.
„Овие луѓе се оставени во најдолгиот месец без плата од страна на раководството. Луѓето повеќе од 45 дена се без апсолутно никакви приходи и додека ние се подготвуваме да протестираме за зголемување на платите, овие луѓе протестираат за исплата и на така ниската плата што ја имаат“, реагираше Трендафилов.
Одговарајќи на новинарско прашање, што доколку работниците на Пошта не ја добијат платата денеска, Трендафилов рече дека ССМ ќе ги подржи работниците и дека сите ќе бидат излезени пред поштите и нема да ги вршат работните задачи бидејќи „без плата нема работа“!
„Синдикатот предупредува дека доколку и следната плата не биде исплатена навреме и доколку не бидат слушнати нивните барања, ќе се пристапи кон целосен штрајк на ниво на целата држава. Протестот испраќа јасна порака – трпението на синдикатите и вработените во Македонска Пошта е дојдено до крајот, а институционалната неодговорност повеќе нема да се премолчува.
Македонска пошта соопшти дека го смета за крајно тенденциозно, несериозно и политички мотивирано организирањето штрајк во услови кога платата за сите вработени е веќе обезбедена.
Иако платата на повеќе од 1700 вработени во Македонска пошта не е исплатена со протестот, и 1700 семејства беа оставени без плата и за најголемите празници, раководството на Македонска пошта наместо да исплати плата, лиферува лаги и обвинувања кон синдикатите.
ССМ цврсто застанува позади работниците и синдикатите во нивната борба за исплата на нивната изработена и заработена плата и на раководството му укажува дека трите синдикати во Пошта, дури и партискиот синдикат кој беше формиран под присила, закани и уцени кон работниците, само за да не се бара исплата или зголемување на плата, заеднички го организираа денешниот протест што се потврдува со заедничкото ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ОПШТ ПРОТЕСТ !“, соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија.
По денешните протести, Синдикатот на „Македонска пошта“ информираше дека се надминати сите проблеми во врска со исплатата на декемвриската плата и дека веќе таа е намирена кон сите вработени.
Македонија
Тошковски: СДСМ и ДУИ се длабоко заглавени во сопственото политичко мочуриште, во кое партиските калкулации се ставаат над човечките животи
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, преку свој статус на фејсбук се огласи по повод денешното изгласување на Законот за прекршоци, со кој се овозможува целосна имплементација на системот „Безбеден град“, нагласувајќи дека станува збор за одлука што директно го штити животот и безбедноста на граѓаните.
„Денешното изгласување на Законот за прекршоци е јасна потврда дека кога постои политичка храброст и одговорност, можат да се донесуваат одлуки што директно го штитат животот на граѓаните. Искрена благодарност до сите пратеници кои го поддржаа законот и покажаа дека безбедноста во сообраќајот, заштитата на човечкиот живот и јавниот интерес се поважни од дневната политика. Со оваа одлука, Собранието испрати силна порака дека државата конечно презема системски чекори против сообраќајниот хаос и бесмислените загуби на човечки животи“, порача Тошковски.
Министерот упати и посебна благодарност до граѓаните, истакнувајќи дека токму нивното одговорно однесување во тест периодот е клучно за успехот на системот.
„Посебна благодарност до граѓаните. Во тест периодот тие покажаа дека знаат, можат и сакаат да бидат дел од решението. Со промена на однесувањето во сообраќајот, со почитување на правилата и со зголемена свесност, граѓаните директно придонесоа за поголема безбедност и за намалување на сообраќајните несреќи, повредите и жртвите. ‘Безбеден град’ не е систем за казнување, туку систем за спасување животи, а токму граѓаните први го препознаа тоа“, наведува Тошковски.
Во продолжение на статусот, министерот остро реагираше на денешното гласање на СДСМ и ДУИ, оценувајќи дека тие повторно покажале дека партиските калкулации ги ставаат над безбедноста на граѓаните.
„За жал, денешното гласање уште еднаш покажа дека СДСМ и ДУИ се длабоко заглавени во сопственото политичко мочуриште, во кое партиските калкулации се ставаат над човечките животи. Иако никогаш немаа храброст јавно да ја признаат својата коалиција, денес таа повторно излезе на површина преку заедничкото гласање против систем кој веќе дава резултати и спасува животи. Овој пат не се одлучуваше за функции, договори или политички пазари, туку за безбедноста на граѓаните, а тие наместо да направат чекор напред, свесно избраа да останат заробени во истите шеми, влечејќи ја државата назад. Имаа шанса да бидат дел од решението, но избраа да бидат дел од проблемот. Со тоа го направија својот избор и за тој избор ќе сносат политичка и морална одговорност пред македонските граѓани“, истакна Тошковски.
Законот за прекршоци стапува во сила од 1 февруари, со што започнува и целосната примена на системот „Безбеден град“, насочен кон превенција, зголемена безбедност во сообраќајот и заштита на човечките животи.
Македонија
Зајкова: Целосна поддршка за „Сејф Сити“ од мене како пратеничка и од ЛДП
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи изрази целосна поддршка за реализација на проектот „Сејф Сити“.
„ЛДП е за целосно спроведување на законите, за сите, без дискриминација и со еднакво третирање на сите граѓани. Кочење на закони кои водат до владеење на правото е неприфатливо, иако многу често го сведочевме и во блиското минато. Потребна ни е безбедна држава, правична држава. Денес, не утре! За 6 месеци ќе иницирам дебата со избирачите, особено во мојата изборна единица да се види како оди спроведувањето на законот и дали треба нешто да се подобри или промени во истиот“, пишува Зајкова во објавата.
Во врска со денешното гласање, Зајкова посочува дека начинот на кој функционира Собранието – како пазар, а не како парламент на европска држава со ред и правила – е друга тема.
„За тоа граѓаните ќе се изјаснат на избори. Пратениците не смеат да бидат спречени да имаат планирани активности со избирачите, со тие што им го дале мандатот, ниту во вршење на други службени обврски. Не може да има гласање само кога на мнозинството му одговара и кога тие имаат кворум. Дајте барем како Собрание да му покажеме европско однесување на народот ако веќе устата ни е полна за членство во ЕУ“, посочува претседателката Зајкова во објавата.

