Македонија
Ќе разговараме за одземање на ингеренциите на „Комунална хигиена“, ситуацијата не смее да се повтори, порача Герасимовски

По информациите дека градоначалниците, кои се кадар на ВМРО-ДПМНЕ, од синоќа почнаа со расчистување на сметот во Скопје, се јави и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, од СДСМ.
Од Општина Центар информираат дека таму од рано наутро почнале со чистење на сметот.
„Во акцијата, како што дополнуваат, биле вклучени речиси сите вработени од комуналната служба во ЈП ПОЦ со целата механизација, како и голем камион за кревање контејнери.
Според надлежните во оваа општина, покрај собирањето на ѓубрето, на терен била пуштена и цистерна, која ги миела контејнерите и просторот околу нив, каде што имало натрупано вреќи со отпад што предизвикуваат непријатна миризба.
„Уште рано наутро почнавме со чистење во цел Центар. Во сите населби има преполни контејнери и дојави од граѓани стигнуваат од секаде. Целата механизација е на терен и очекувам денеска да се исчисти голем дел од општината. Оваа ситуација во која се наоѓаме сите општини не смее да се повтори затоа денеска со сите градоначалници ќе разговараме за одземање на ингеренциите на ЈП ‘Комунална хигиена’. Воедно, им се заблагодарувам и на сите вработени, кои со зголемени капацитети се вклучија во акцијата со цел побрзо чистење на општината“, изјави Герасимовски.
„Герасимовски уште вчера најави чистење на општината со сопствени ресурси и ги поттикна другите градоначалници да го направат тоа“, информираа од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Свадба во струмичкиот затвор – осуденик го кажа судбоносното „да“

Во струмичкиот затвор денес се одржа невообичаен, но длабоко хуман чин – законска регистрација на брак на осудено лице кое моментално ја издржува затворската казна.
Настанот се реализира под покровителство на директорот на установата, Зоран Ристов, и заменик-директорката, Наташа Лазарова Донева, како дел од заложбите за почитување на човековите права и обезбедување правна сигурност за сите, без исклучок, соопшти Управата за извршување санкции.
Со оваа регистрација, лицето се стекна со правен идентитет – важен предуслов за пристап до здравствена, образовна и социјална заштита, но и чекор напред кон успешна ресоцијализација.
Од Управата додаваат дека ваквиот чин е резултат на добра координација меѓу затворската управа, стручните служби и релевантните институции, и покажува дека и во пенитенцијарниот систем постои волја за хуманост, инклузивност и правичност.
Македонија
Нов ЕХО апарат на гинекологија во Чаир за побрза и попрецизна дијагностика

Специјалната болница за гинекологија „Мајка Треза“ во Чаир доби нов ЕХО апарат, со кој значително се подобрува дијагностиката кај бремените жени и пациентките со гинеколошки проблеми.
Апаратот, вреден над 3,5 милиони денари, е обезбеден со поддршка од АД МЕПСО, која донираше над 2,7 милиони денари, како и со сопствени средства на болницата во износ од 800 илјади денари.
„Со новата апаратура ја зајакнуваме грижата за здравјето на жените, токму таму каде што е најпотребно. Зад секој апарат стои грижата за секоја жена, за секоја бремена мајка, за секој нов живот“, изјави министерот Азир Алиу за време на денешната посета на установата, придружуван од директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.
Оваа инвестиција претставува чекор кон унапредување на квалитетот на здравствените услуги и грижата за женското здравје.
Македонија
Со метален предмет го убил брата си, па го закопал во дворот од заедничката куќа: расчистено убиство во Кавадарци

Денеска (06.08.2025), ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против С.И.(43) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичнo делo „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
Тој се сомничи дека на 27.07.2025 во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И.(42) од Кавадарци, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа.
Имено, вчера (05.08.2025), нивната сестра В.О.(44) во 11:00 часот во ОВР Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.. Додека, во 13:00 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре.
Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И..
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С.И., по што го спровеле во јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото.