Македонија
Покажувањето мускули е лошо: полициските контроли се закана за ноќниот живот – реакции по претресите на МВР
Рутинските контроли на полицијата според реакциите на граѓаните се закана за ноќниот живот во главниот град. Тие на социјалните мрежи пишуваат дека се загрижени дека контролите во претеран број, како што велат, може да го прекинат ноќниот живот, особено во летниот период кога треба да биде и екот на забавите.
Некои од нив прашуваат што ќе биде ова да се случува во Белград, Приштина или во Солун.
Сопственик на ПР-агенција, чии клиенти се и неколку скопски локали, на социјалните мрежи напишал дека ваквиот план на властите воопшто не им е добар.
На кој му пречи ноќниот живот во Скопје, прашува Дарко Панчевски.
„Дел сум од ноќниот живот на Скопје, уживам во седенките во кафаните, се потопувам во бучавата на баровите и се забавувам во клубовите до зората.
Но, од вчеравечер ме совлада огромно чувство на загриженост. ‘Рутинските’ контроли, кои се случуваа во претеран број, станаа закана за ноќниот живот и тој може да биде прекинат и уништен од рацете на властите. Полицијата, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд станаа сенки што владеат над ноќниот живот во Скопје и го уништуваат тој кревок свет во кој и ние младите како сите во светот уживаме.
Вчеравечер сите овие упаднаа во една локална дискотека и ја прекинаа забавата. Си ја ‘вршеа’ работата цел 1,5 час додека ние ‘сецнати’ чекавме да видиме дали ќе продолжи.
Епилогот беше уништена забава и уапсени млади“, пишува тој.
Вели дека покажувањето мускули ќе се одрази лошо.
„Па и тие малкутемина што останавме ќе тргнеме во странство. Замислете ова да се случи во Белград, Приштина или во Солун? Не ви е добар планот!
И ние се залагаме и сакаме ред, дисциплина и поредок, но не со овие севернокорејски техники!
Не ни смета контрола, ама таа да е незабележлива и да не ни ја уништува вечерта, сепак плаќаме билети, пијачки и инвестираме време и сè!
Скопје, мојата љубов, ништо не може да го уништи нашиот врвен пулс. Секоја ноќ е можност за нови приказни, нови врски и незаборавни моменти. Ноќниот живот е пожелен, далеку од контролите и репресијата, и ниту една институција не може да го ограничи неговото блескаво сјаење“, додава тој на социјалните мрежи.
Во државата, како што вели, има преголеми проблеми за да се стави акцент на ноќниот живот.
„Оставете нè нас младите да си живееме! На крајот, ги прашувам институциите дали овие акции се тенденциозни и имаат друга заднина? Ги замолувам сите што имаат некаква моќ да истражат и трајно да нè заштитат нас младите!“, порачува Панчевски.
На ист став и музичарите.
Панчо од ДНК оценува дека МВР, освен што знае да ги малтретира сопствениците на ноќните клубови, промоторите и другите угостителски објекти, другите покомплексни работи се научна фантастика за нив.
„За жал, сила покажуваат онаму каде што најмалку треба да се покаже, а воедно гледам дека силно решиле да го продолжат егзодусот на оние малкумина млади, кои, за жал, сè уште се решени да останат во Македонија.
Убеден сум дека овие млади за време на викендите сакаат само да се забавуваат и за момент да избегаат од суровата реалност на нефункционалното општество и сивото секојдневие, каде што реткост е да слушнеш убава вест од медиумите.
Јас сум сведок дека оваа станува ноќна мора за сите угостители и се случува насекаде во Македонија, особено во источниот дел, а тврдам дека најмногу во Скопје. Со оглед на мојата професија, повеќе од 20 години сум дел од ноќниот живот и најодговорно тврдам дека ваква репресија и притисок како последнава година се нема никогаш случено.
Капа му симнувам на секој угостител кој се труди чесно да заработи и не знам само што ги мотивира да не стават клуч на врата.
Жално, бедно, болно“, пишува познатиот пејач.
МВР викендов информира дека во рамките на оперативниот план „Безбедно лето“, во содејство со инспектори од Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд, спровеле акциски контроли во угостителски објекти на подрачјето на Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.
Македонија
Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди силната и континуирана поддршка на Министерството за нивниот развој, заштита на прирдоните вредности и одржливо управување.
„Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година, Министерството во својот Буџет обезбеди наменски средства за понатамошен активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој“, истакна министерот Хоџа.
На средбата беше нагласено дека националните паркови се клучен столб во заштитата на природното наследство, но и важен двигател на одржливиот туризам и локалниот економски развој.
Министерот Хоџа истакна дека Министерството ќе продолжи со поддршка на активностите на националните паркови преку подобрување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет, како и преку координација и мобилизација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери. Со тоа ќе се зајакне управувањето, ќе се унапреди заштитата на биолошката разновидност и ќе се развива зелена инфраструктура во националните паркови.
Националните паркови, како што беше нагласено на средбата, денес претставуваат не само заштитени подрачја, туку и значајни двигатели на одржливиот развој, атрактивни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси.

