Македонија
Левицата: Владата на СДСМ и ДУИ државата ја прават директен учесник во немирите на северот на Косово
Изминатите неколку месеци често сме сведоци на тоа како приштинските власти на чело со Аљбин Курти предизвикуваат нестабилност на северот на Косово и Метохија (КиМ) со тоа што спроведува репресивни политики вршејќи класично насилство над мирното српско население во КиМ, велат од Левицата.
„Репресии врз населението кое се обидува да ги заштити своите основни права на северот од Косово и Метохија би биле тешко возможни доколку не постоеше империјалистичката маша на КФОР. Имено, во многу наврати припадниците на КФОР употребуваа прекумерна сила за да ги задушат оние што протестираат, кои легитимно се бореа за своите права погазени од репресивната власт, застанувајќи на страната на посилните и вооружените, а против обичниот народ“, се наведува во соопштението на Левицата.

„Владата на СДС и ДУИ мината недела донесе одлука за испраќање 31 припадник на македонската армија да учествуваат во ‘операцијата КФОР на КиМ, во период од 6 месеци’! Со ваквата одлука марионетската Влада го продолжува директното учество во репресиите врз српскиот народ на Косово и Метохија, репресија што се спроведува во корелација и под палката на нашите „стратешките партнери“.
Левицата, како и над деведесет проценти од македонското население, го осудува ваквиот потег на Владата. Македонија не смее да зазема страна во ваков конфликт, уште помалку да биде соучесник во репресиите што ги врши воената алијанса.
Во духот на нашите платформски начела повикуваме македонските војници да бидат повлечени не само од КиМ туку од сите воени мисии на НАТО, спроведувани за лукративните и империјалистички интереси на одредени земји од колективниот Запад. Во согласност со програмските заложби, Левицата се залага македонската армија единствено да може да учествува во хуманитарни акции кои се под покровителство на ООН“, се додава во соопштението на Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

