Македонија
Истрага против уште едно лице за грабнувањето на внукот на Љубе Бошкоски
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека било вклучено во дејства на кривичното дело грабнување од член 141 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот, на 3 март, заедно со уште две други лица, против кои веќе се води истрага, учествувале во дејства на грабнување едно лице во Кисела Вода. Се преземаат дејства за лишување од слобода на осомничениот“, велат од Обвинителството.
26-годишниот Самоил Костадиновски, внук на Љубе Бошкоски, беше грабнат во март годинава. Исчезнувањето го пријави брат му. Потоа беа земени снимки од безбедносни камери, информации од очевидци, а беа сослушани и лица од кои беше можно да се добијат повеќе информации.
Во пукање пред неколку дена беше повреден татко му Љупчо Костадиновски.
Пукањето се случило кога таткото на Самоил се движел кон семејната куќа во Лисиче, а напаѓачот пукал од мотор во движење. Костадиновски доби две повреди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Очекувам тесна соработка за европската иднина на земјата“, евроамбасадорот Гир за изборната победа на Силјановска-Давкова
Амбасадорот на Европската Унија во нашата земја Дејвид Гир, утрово на Х и ја честиташе победата на Гордана Силјановска-Давкова на вчерашните претседателски избори.
„Честитки до Гордана Силјановска-Давкова за нејзиниот избор за претседателка на Северна Македонија. Очекувам тесна соработка со неа за европската иднина на земјата“, напиша Гир.
Според последните резултати објавени на сајтот на ДИК, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова освоила 560.170 гласови (65,14%), а нејзиниот противкандидат Сево Пендаровски од СДСМ 251.541 (29,25%).
Македонија
Орбан со честитки за изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ и на Сиљановска-Давкова
Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати честитки за изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори и победата на нивната кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори, додавајќи дека се радува на идната заедничка соработка.
„Им честитаме на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Сиљановски-Давкова за заслужената и историска победа на денешните претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија. Со нетрпение очекувам да работиме заедно за да дадеме нов поттик на процесот на пристапување на Северна Македонија до ЕУ!“, напиша Орбан на социјалната мрежа Х.
Македонија
Одбележување на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа
По повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, денеска Владата на Република Северна Македонија свечено ќе ги одбележи овие два значајни празника.
Во 11:00 часот, владина делегација предводена од Ристо Пенов, министер за локална самоуправа и Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик – министер за правда, ќе положат свежо цвеќе на Партизанските гробишта Бутел, Скопје.
Во 12:00 часот, владина делегација предводена од Талат Џафери, претседател на Владата на Република Северна Македонија, Ристо Пенов, министер за локална самоуправа и Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик – министер за правда, ќе положат свежо цвеќе пред Споменикот „Ослободители на Скопје“ на платото пред Владата на Република Северна Македонија.