Македонија
„Дрисла“: Градоначалниците на Кисела Вода и Аеродром да кажат каде го фрлале ѓубрето досега бидејќи немаат договор со депонијата
Од Јавното претпријатие „Дрисла“ ги повикаа градоначалниците на општините Кисела Вода и Аеродром, Орце Ѓеоргиевски и Тимчо Муцунски, да кажат каде го фрлале сметот досега бидејќи договорите со депонијата им истекле уште од март.
Од Јавното претпријатие им порачаа на Ѓеоргиевски и Муцунски да бидат поодговорни кога даваат изјави и да престанат безочно да лажат, особено, како што велат, поради тоа што веќе e креиран сомнеж за извршување кривично дело од нивна страна против животната средина.
„Имено, ниту Општина Аеродром ниту Општина Кисела Вода нема потпишан договор со депонијата ЈП „Дрисла“ – Скопје бидејќи тој им е истечен во март. Се поставува прашањето каде го фрлале сметот овие две општини во изминатите месеци ако немаат договори со ЈП „Дрисла“ – Скопје, единственото предвидено место за одложување отпад?
Дали и колку диви депонии креирале? Колку од дивите депонии што ги исчисти Град Скопје повторно се претворени во хаос со отпад?“, прашуваат од „Дрисла“.
Оваа реакција следува по денешните изјави на скопските градоначалници, кои ја повикаа „Дрисла“ да ги отвори рампите за да може со нивната механизација да го достават сметот што се насобра деновиве на улиците на Скопје поради бунтот на вработените во „Комунална“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Крмов: Донесување посебен закон и финансирање државни центри за лица со попреченост
Денес во Штип, пратеникот од Левица и носител на листа од ИЕ3, Борислав Крмов, оствари средби со претставници и членови на неколку здруженија на лица со попреченост.
„Целта е да ја претставиме програмата на Левица за претстојните Парламентарни избори, 2024. Нашата Програма и од меѓународниот фактор е оценета како најинклузивна социјална програма. Бидејќи зборуваме поопширно за лицата со попреченост, ние имаме во Програмата: донесување на посебен закон; финансирање на државни центри за лицата со попреченост; зголемување на фондот на техничари, на луѓе коишто помагаат во домовите; пристапни рампи секаде – сè во интерес на подобрување на нивниот квалитет на живот“, истакна пратеникот Крмов.
Претставниците на здруженијата ја поздравија Програмата на Левица.
„Мило ми е што се среќавам со пратеникот Крмов и со членови на Партијата Левица. Се надевам дека ќе оствариме добра соработка во иднина и верувам дека сите наши идеи, планови, размислувања, предлози, ќе бидат преточени во закон во Парламентот, со поддршка на пратениците од Левица“, истакна на денешната средба, претседателот на Здружението на слепи лица, Драги Витанов.
Во текот на денешниот ден, пратеникот Крмов оствари средба и со претседателот на Здружението „Сплотени срца“, Зоран Мијалков.
Македонија
Бојмацалиев: Одделенијата за внатрешни работи Неготино и Кавадарци подготвени за изборите на 8 мај
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, беа во работна посета на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Велес каде што остварија работни средби со раководствата на Одделенијата за внатрешни работи во Неготино и во Кавадарци во рамки на серијата посети во сите сектори ширум земјава.
„Од страна на раководството на овие организациони единици бев брифиран за постигнатите резултати изминативе три месеци од оваа година ја оценивме безбедносната состојба поволна”, рече Бојмацалиев. Притоа, тој истакна дека колегите се подготвени за Претседателските и Парламентарните избори 2024, во насока на професионално извршување на своите надлежности.
„Дозволете да им честитам на колегите од СВР Велес за одличната организација и координираност во врска со првиот круг од Претседателските избори 2024 година со уверување дека и во вториот круг од Претседателските и парламентарните избори што ќе се одржи на 8 мај во среда ќе продолжат со професионално извршување на полициските работни ангажмани со цел гарантирање на демократски Изборен процес. Уште еднаш македонската полиција да покаже и докаже на дело дека е тука за граѓаните слободно да го искажат својот глас, без притисоци и уцени од било кого. Во одредени Сектори според сознанијата на Оперативниот штаб на МВР ќе биде направена реорганизација со зголемено присуство на полицијата на тие места на денот на изборите”, истакна Бојмацалиев.
Притоа, тој апелираше граѓаните доколку имаат било какви закани за нарушување на изборниот процес да пријават.
Во оваа прилика, Бојмацалиев истакна дека финансиите за бонус плата се обезбедени и ќе бидат исплатени по завршување на техничката Влада, во износ од 36000 денари. Воедно, Бојмацалиев потенцираше дека секоја година со покачување на минималната плата, се покачуваше и платата во полицијата, годинава не е покачена заради распишаните избори, но во кординациија со Македонскиот полициски синдикат, потпишани се сите документи, кога има законска можност платата на вработените во полиција ќе се покачи за 10%, односно со тоа покачување, и покачувањата од периодот 2017 до 2023 од 35%, вкупно покачувањето ќе биде 45%.
Македонија
Пуштен во употреба новиот парк на булеварот „Февруарски поход“ во Аеродром
Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, со интонирање на македонската химна и подигнување на македонското знаме, денеска официјално беше пуштен во употреба новиот парк лоциран на булеварот „Февруарски поход“ во Општина Аеродром.
На денешниот настан присуствуваше градоначалникот на Општина Аеродром, кој заедно со претседателот на советот Дејан Митески, извидниците и дечињата од детската градинка „Буба Мара“, го означија крајот на изведбата на еден важен проект реализиран од страна на општинското јавно претпријатие за комунални дејности.
Работните активности опфатија целосно хортикултурно и партерно уредување, поставување на нова урбана опрема, како и јарбол со македонското знаме.