Македонија
Дарлишта од фамилијата вработена во „Комунална хигиена“: Ние сме со генерации тука, камо да се вработевме на друго место, а не во ѓубре
Избрканиот синдикалец од „Комунална хигиена“, Дели Дарлишта, ги потврдува тврдењата на градоначалничката Данела Арсовска дека дел од неговата фамилија е вработена во претпријатието. За него, ова не е спорно, посочувајќи дека се е законски. За изјавата на Арсовска дека фамилијата има вработено се што им е род до шесто колено, тој посочува: „Што да коментираш, таа може што сака да каже“.
„Ние вистина е дека сме големо семејство, но секој своја куќа има, секој со своите деца си живее. Ние сме со генерации тука, не е дека некој вчера ги вработил луѓето. Имаме луѓе со по 40 години стаж, овде што работат“, вели Дарлишта за „Макфакс“.
Тој посочува дека нема ништо спорно во овие вработувања.
„Се е легално, согласно закон. Секој има право да се вработи. Камо да имавме среќа на друго место да се вработиме, а не во ѓубре. Татковците наши, сите во пензија отидоа од таму. Јас имам 33 години, а има по 40 години што работат тука. Што е спорно?“, додава Дарлишта за „Макфакс“.
Прашан за коментар околу изјавата дека мафијашки структури го контролираат претпријатието, теза која беше посочена од Арсовска кога зборуваше за вработувањата на фамилијата, Дарлишта вели: „Гледам мафијаши, ѓубре товараме, а мафијаши. Има право да нѐ обвинат за се кога, 365 дена работат луѓето, а ни денови за одмор не добиваме. Нека им служи на чест“.
Дели Дарлишта беше избркан од „Комунална хигиена“. Тој беше синдикален претставник на вработените. Вчера, градоначалничката Арсовска покажа список со вработени лица од иста фамилија, а на кој стоеше презимето Дарлишта.
„Од документот можете да видите дека едно презиме, односно една фамилија, во јавното претпријатие „Комунална хигиена„ има вработено се што му е род до шесто колено. Од една фамилија има над 40 вработувања. Од втора фамилија има над 30 вработувања. И овие мафијаши нема да бидат повеќе толерирани во Градот Скопје“, рече Арсовска.
Дарлишта беше избркан во четвртокот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.

