Култура
Друштвото на филмските работници: „Банана филм“ удира со лаги по филмските работници за да ги прикрие своите скандалозни злоупотреби
Друштвото на филмските работници најостро реагира и ги осудува обвиненијата за нивните членови Бранко Петровски и Игор Шокаровски како неточни и неосновани, креирани врз основа на манипулативни претставки, без никаква правна основа или поткрепа.
Друштвото на филмските работници на Македонија вели дека е единствено релевантно струково здружение од областа на филмот и аудиовизуелната дејност и од своето основање е силно посветено на спроведување на сопствените фундаментални принципи за рамноправност, транспарентост и бескомпромисно почитување на законите при аплицирањето и отчетот за користењето на средства од државните и европските јавни фондови.
Оттука, сметаат дека лажните и неосновани обвинувања, кои се однесуваат на угледни членови на ДФРМ, се креирани и се пропагираат со цел да се наштети на филмската фела и уметност за одредени „актери“ да ја злоупотребат таквата ситуација за сопствена доминација и монопол во индустријата. Затоа, во име на честа на филмската професија и честа на филмските работници бараме целосно расчистување на оваа бурлеска од обвинувања.
Бараат сите надлежни институции да ги проверат сите наводи пласирани во медиумите за работата на ДФРМ за кои тие тврдат дека се целосно неточни, непотврдени и измислени.
И во исто време ги повикуваат Управата за финансиска полиција, Државната комисија за спречување на корупција, Основното јавно обвинителство – Скопје и „Транспаренси интернешнл Македонија“ темелно да ги испитаат сите факти, индиции, документи и докази што се однесуваат директно и индиректно на работата на продукцијата „Банана филм“.
Бараат да се провери:
– Стечајот и незаконското згаснување на продукцијата „Сенка филм“ и префрлувањето на побарувањата, но не и на обврските на оваа продукциска куќа кон новооснованата продукција „Банана филм“;
– Потпишувањето на договорот за финансирање на филмскиот проект „Мајки“ (работен наслов„“Како бебе“) и добивањето на средствата пред завршувањето на постапката и објавувањето на резултатите од конкурсот за финансирање од страна на Филмскиот фонд на РМ;
– Не поднесувањето извештај за потрошени 55.800.000 денари (907.317 евра) за филмот „Мајки“;
– Префрлувањето н900.000 денари без претходно потпишан договор за меѓународна промоција и кандидатура за „Оскар“, пари на државата за кои исто така не е доставен финансиски извештај;
– Повеќекратното поднесување нотарски заверени изјави со невистинита содржина (исправа со невистинита содржина) од страна на „Банана филм“ при постапките за аплицирање во АФРСМ;
– Префрлувањето 5.300.000 денари (85.000 евра) од средствата наменети за продукција на филмскиот проект „Врба“ од „Банана филм“ – Скопје кон „Милкман“, продукција од САД, при што и двете фирми се сопственост на истиот субјект продуцентот на филмот;
– Префрлувањето над 7.700.000 денари (125.000 евра) наменети за продукција на филмот „Мајки“ кон „Квантум комуникации“ од САД за наводна промоција на истоимениот филм спротивно на буџетот и договорот за финансирање на проектот;
– Недефинирана исплата за прикажување на филмот „Мајки“ на Интернационалниот филмски фестивал во Торонто во висина од 12.000 долари од средствата наменети за продукцијата на филмскиот проект;
– Нереалната висина на авторските хонорари од страна на „Сенка филм“ и „Банана филм“ за сценарио, режија и продукција, кои многукратно го надминуваат европскиот просек за овој тип на работа кога станува збор за парични средства од јавните фондови, во случајот исплаќани од средства од буџетот на Република Северна Македонија.
Бараат да се проверат и другите, како што велат, евидентирани индиции и докази за злоупотреба на државните пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Факултетот за музичка уметност го најави годишниот концерт „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“
Факултетот за музичка уметност – Скопје го најави годишниот концерт насловен „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“, кој ќе се одржи во петок, 5 декември, со почеток во 20:00 часот во Големата концертна сала на Македонската филхармонија. Настанот е дел од одбележувањето на 59-годишнината од постоењето на институцијата.
ФМУ – Скопје истакнува дека како алма матер на голем број уметници од земјата и регионот, останува централниот столб на музичкото и балетското образование, создавајќи генерации изведувачи, педагози и творци кои го обликуваат уметничкиот живот во Македонија.
На концертната програма ќе настапат Симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“, Оркестарот од народни инструменти со солисти, студенти од Катедрата за балетска педагогија, од Катедрата за џез и популарна музика, како и дувачкиот ансамбл на ФМУ, под водство на проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски.
Публиката ќе има можност да слушне дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, македонска традиционална музика, како и нови композиции од студентите А. Голчева и М. Цветановска.
Влезот на настанот е слободен.
Култура
Сè што ни е заедничко“ – во МСУ изложба што го иницира прашањето „Дали навистина го дишеме истиот воздух?“
Сè што ни е заедничко (Институција во дишење) – нова изложба во МСУ-Скопје од 27 ноември
Во Музејот на современата уметност – Скопје на 27 ноември 2025 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција во дишење)“, кураторски проект на Мира Гаќина и Јованка Попова.
Во изложбата учествуваат Forensic Architecture, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и Палестинскиот музеј.
Проектот тргнува од прашањето дали навистина го дишеме истиот воздух. Изложбата го поставува воздухот како ресурс што формално го делиме, но не и еднакво, укажувајќи на токсичните атмосфери – буквални и политички – и на позицијата на маргинализираните заедници.
Инспирирана од концептот на Фанон за „борбено дишење“, поставката ги истражува уметничките практики што откриваат колонијални, империјални и капиталистички структури впишани во воздухот што го дишеме. Авторите визуелизираат токсични облаци, архиви на насилство и невидливи атмосфери што влијаат врз секојдневието.
Паралелно со изложбата, која ќе трае до крајот на февруари, ќе се одржат јавни програми. Во рамките на проектот „Институционални градини“ на Зорица Зафировска ќе има детски работилници за садење и изработка на семенски топчиња, активности за чистење и обновување на просторот околу МСУ, поставување компостна кутија и прикажување едукативни видеа.
Со оваа поставка МСУ-Скопје се претставува како „институција во дишење“ – отворена, инклузивна и ориентирана кон заедницата, со повик за заедничко размислување и акција. Визуелниот идентитет на проектот е дело на Албана Бектеши.
Култура
Промоција на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска
Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.

