Регион
Најкритични точки во Грција на кои крадците масовно оперираат и упаѓаат во автомобили
„Внимание, крадци упаѓаат на плажата на Неа Каликратија“, „Во Солун обиени дури три автомобили еден по друг“, „Украдено бело ‘клио’ пред супермаркет на плажа во Пефкохори“, се само дел од предупредувањата што зачестија во последните неколку дена во фејсбук-групата „Грција инфо“, во која членовите разменуваат искуства за плажите, сместувањето, цените, храната… Крадците не се насочени само кон туристите од регионот, туку кон сите оние што, изгледа, оставаат ранец, очила или каков било личен предмет во автомобилот, а кои го привлекуваат вниманието на крадецот. Грчките власти апелираат до сите посетители дојдени на одмор да не оставаат ништо во возилата и да внимаваат при паркирање на одредени места, кои се чини дека ги фаворизираат крадците.
Туристите и граѓаните на Грција се целосно свесни за проблемите со обивање автомобили на паркинзи, кршење стакла и крадење работи, како и за фактот дека овој вид криминал во Грција е зголемен во последните години.
Крадците не се задржуваат долго на самото место, па тешко е да се фатат како крадат. Велат дека ваквите кражби траат од 10 до 15 секунди, а се случуваат во секое време од денот или ноќта.
Најчесто го кршат стаклото од автомобилот со цврст предмет (затоа што не им треба алат за тоа) или ја кршат бравата, грабнуваат што ќе најдат и бегаат. Добро ги знаат локациите на кои туристите најчесто оставаат скапоцености во своите автомобили.
Затоа, не оставајте ништо вредно во автомобилот, дури и кога ќе излезете на неколку минути, ниту на прометни улици ниту на јавни паркинзи, кои немаат чувар.
Конкретно, не смеете да оставате пари (дури ни ситни парички), картички, клучеви, куфери и чанти, техника, паричници, очила и парфеми на видно место во автомобилот.
Порталот „Грчкаинфо.ком“ ги објави клучните локации на кои врз основа на досегашните пријави од туристите крадците се сè почести.
Тоа не значи дека ќе ви се случи на истото место, но секако може да биде добар потсетник да бидете внимателни на слични места.
Според досегашните искуства, крадците најчесто оперираат на паркинзите на големите супермаркети и трговски центри, како ИКЕА, „Лидл“, „Џамбо“, потоа на отворени паркинзи во Солун, кај Белата кула, во околината на плоштадот Аристотелис, на паркингот кај аквапаркот во Солун, како и на паркинзите на некои плажи на Халкидик.
Порталот наведува туристите никако да не одат на шопинг во големите маркети директно од граница и во автомобили со куфери и други работи.
„Крадците многу добро знаат дека туристите најчесто купуваат храна веднаш по пат за да не мора да доаѓаат подоцна и знаат дека се полни со вредни работи. Немојте да го правите тоа, а ако треба, нека остане барем едно лице до автомобилот за да внимава на работите. Минимум 4 автомобили се обиени во последните три дена на необезбедениот паркинг до плажата „Сахара“ во Неа Ираклија и Неа Каликратија. Од едниот автомобил украдени се патики, а од другиот лаптоп и пасош“, наведува порталот.
Без разлика дали крадците ви украле нешто или само го скршиле стаклото или ја скршиле бравата, пожелно е целиот случај да го пријавите во грчката полиција.
Најдобро е да не допирате ништо, туку веднаш да повикате полиција на бројот 100 или да отидете во најблиската полициска станица.
Известете ја полицијата доколку сте забележале дека нешто е украдено бидејќи секогаш постои шанса украдените предмети да ви бидат вратени. Ако ви се украдени банкарските картички, јавете се во вашата банка и веднаш откажете ги сите картички за да не останете без пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

