Култура
Последен повик за учество на традиционалниот меѓународен конкурс за стрип „Велес 2023“
Стрип-центарот на Македонија во Велес објави последен повик за учество на традиционалниот меѓународен конкурс за стрип, на кој може да учествуваат автори од целиот свет, без разлика на полот и возраста.
Како што извести Томе Трајков, програм-координатор на Центарот, и оваа година ја следи голема масовност во пријавувањето, што ѝ прилега на најстарата и најреномирана стрип-манифестација во државата.
Според критериумите, должината на стрипот треба да биде од 1 до 6 табли, и тоа на А4-формат (мин. 300 дпи ако се испраќа по електронски пат). Доколку стрипот е на една страница, треба да биде со најмалку 5 сликички, а доколку стрипот е во боја, препорачливо е тој да се испрати преку пошта или да се достави лично.
Tемата на стрипот е слободна. Секој автор (билo цртач, туш, колор) може да учествува со само еден стрип. Според организаторот, исклучок има за сценаристите, каде што се дозволува едно лице да направи сценарио за повеќе стрипови.
На еден стрип може да работат повеќе автори (притоа да се напише кој што направил: сценарио, молив, туш…)
Сите пристигнати стрипови ќе бидат земени во конкуренција за изложување во склоп на изложбата на салонот на стрип со реална можност за друг вид промоција. Тричлена интернационална комисија ќе направи избор и ќе ги додели следните награди:
• Прва награда, 300 евра – „Златен стрип“, изданија и диплома за прво место.
• Втора награда „Сребрен стрип“ и диплома за второ место.
• Трета награда, „Бронзен стрип“ и диплома за трето место.
• Награда за најдобро сценарио, диплома.
• Награда за најдобар млад автор до 18 години, диплома.
• Други специјални награди.
Стриповите треба да се пратат до 10 август оваа година на адресата на „Стри-центар на Македонија“ – Велес или на електронската адреса [email protected].
Овој конкурс е во склоп на 20 интернационален стрип-салон „Велес 2023“ – 5. меѓународна стрип-колонија, финансиски поддржана од страна на Министерството за култура на РС Македонија и Општина Велес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Претставатата „Земја на штркови“ вечерва гостува во Свети Николе
Вечерва со почеток од 20:00 час. во ДК “Крсте Мисирков” – Св.Николе, гостува Театар Провокација со претставата “ЗЕМЈА НА ШТРКОВИ” во режија на Роберт Ристов.
Претставата „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до каде – тоа сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума!
Играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.
Истата оваа претстава на 26.11 гостува во Пробиштип, на 06.12 Велес, на 10.12 по втор пат ќе гостува во Охрид, а на 11.12 ќе ја има и скопската премиера во МКЦ.
Култура
Овации за маестро Дијана Имери-Илкоска во Софија
По неодамнешниот успех во Грузија, нашата реномирана диригентка, маестро Дијана Имери-Илкоска, продолжува со нови меѓународни претставувања. Неодамна настапи со Софиската филхармонија како гостин-диригент на концертот со наслов „Виолините на Бах“, на кој како солистки се претставија реномираните виолинистки Зорница Иларионова и Божидара Кузманова.
Илкоска одново ја покажа својата „енергична, храбра, страствена и уникатна музичка експресија“ во својата работа со овој престижен оркестар, во чија актуелна сезона настапуваат светски реномирани ѕвезди од класичната музичка сцена.
Стручната критика нејзиниот настап го нарече величествен, а дополнителна потврда за тоа беа стоечките овации од многубројната публика присутна во салата „Бугарија“.
Во оваа музичка вечер прозвучеа три капитални дела од творештвото на Јохан Себастијан Бах – Концертите за виолина и оркестар бр. 1 во a-moll и бр. 2 во E-dur, како и Двојниот концерт во d-moll. Во оживувањето на овие партитури маестро Илкоска покажа почитување кон карактеристичниот барокен стил на изразување, особено на Баховиот композиторски печат, кој останува автентичен и препознатлив по речиси три века. Истовремено, таа успеа да внесе сопствена интерпретација на овие дела со карактеристичен звук на оркестарот, кој станува нејзин препознатлив потпис.
Инаку, маестро Илкоска е основач и главен диригент на камерниот оркестар ИД, а во досегашната кариера соработувала со реномирани оркестри, меѓу кои и со: Tbilisi Youth Orchestra, Дубровачкиот симфониски оркестар, Оркестарот и Хорот на БНР, Македонската опера и Балет, Симфонискиот и Камернииот оркестар на ФМУ, Македонската филхармонија…
Култура
Самостојна изложба на фотографии „Постоиш ли, Алиса?“ во Музејот на Македонија од 23 ноември
Оваа сабота (23.11.2024) попладне со почеток во 13:30 часот во Музејот на Македонија ќе биде отворена самостојната изложба на фотографии “Постоиш ли Алиса?“ на авторката Јелена Белиќ. Изложбата ќе биде отворена до 5-ти декември и во себе вклучува портретни фотографии во простор на членовите на инклузивниот ансамбл на Колектив Ветерница и Трисомија 21. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Музејот на Македонија, Колектив Ветерница и Партизанска штампа.
Изложбата „Постоиш ли Алиса?” на Јелена Белиќ претставува визуелна наратива на едно исклучително патување на портрети во простор каде фотографиите се движат од лик до лик, формирајќи единствена целина во црно бело. Секоја фотографија суптилно и директно комуницира со гледачот, за на крајот – односно, на почетокот – да открие една заедница која патува на аголот на времето. Портретирањето нè носи до возвишеното – каде протагонистите цврсто стојат наспроти белината како една метафора за минливоста на времето и човековата маленкост пред моќта на природата.
Фотографиите од изложбата се реализирани во рамки на сетот за краткиот црно-бел нем филм на Колектив Ветерница и Трисомија 21 со работен наслов „Чуда во земјата на Алисите“ сниман од 15-ти до 18-ти јануари 2023-тата година во фоајето на Македонската Опера и Балет. Инспирирана од принципот на мултиплицирање на ликот на Алиса, задржувајќи ја сценографијата, костимографијата, шминката и актерите на филмот, авторката застанува надвор од целото сценарио и во соработка со целиот тим наместо документирање позади сцената создава своја приказна спроти камерите, во која прави сублимат помеѓу архитектурата, фотографијата и човекот.
Во изложбата се вклучени портрети на 18те членови на инклузивниот ансамбл на Колектив Ветерница и тоа Маша Блажева, Матеј Петровски, Нана Танеска, Елизабета Петковска, Филип Ангеловски, Ана Јовановска, Ена Ковачевска, Софија Поповска, Марио Мицкоски, Стефан Трпковски, Кристина Петровска, Мартин Манчевски, Маша Блажева, Матеј Петровски, Ена Митревска, Нана Танеска, Оливер Блажевски, Матеј Аларов, Ирина Прокопиева, Коста Аризанов. Костимографијата е на Магдалена Таневски и Ангела Бикова, додека шминката е на Моника Грковска. Филмот е во фаза на постпродукција и наскоро се очекува негова премиера.
Јелена Белиќ работи како архитект, а паралелно се занимава и со фотографија и цртање. Била официјален фотограф на различни културни настани во Скопје каде што и живее. Активен член е на колективот Партизанска Штампа.
„Постоиш ли Алиса?“ е нејзина втора самостојна изложба и ќе биде отворена за посета до 5-ти декември.
Оваа изложба е поддржана од Министерството за култура на РСМ, Музејот на Македонија, Партизанска штампа и Колектив Ветерница.