Свет
Лавров: Не слушнав нови предлози за договорот за жито во Црното Море
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска рече дека не слушнал за какви било нови предлози за договорот за жито, кој истекува следната недела, но дека работи со Турција на начини да се обезбеди руски извоз на жито, без оглед на каков било договор.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, му предложи на претседателот Владимир Путин да го продолжи договорот во замена за поврзување на подружница на руската земјоделска банка со меѓународниот платен систем SWIFT, изјави „Ројтерс“.
Русија се закани дека ќе го раскине договорот за жито, кој истекува следниот понеделник, бидејќи не се исполнети нејзините барања да обезбеди пратки со сопственото жито и ѓубриво. Последните два брода што патуваат според Црноморскиот договор моментно товарат во украинското пристаниште Одеса пред крајниот рок.
Запрашан за забелешките на турскиот претседател Таип Ердоган, кој рече дека Путин дал некои сугестии за договорот за жито, Лавров рече: „Не сум запознаен за какви било нови предлози“.
Лавров рече дека Путин и Ердоган долго разговарале за плановите да обезбедат дека испораките на пченица во земјите во развој ќе продолжат независно од која било друга страна.
„Турција беше заинтересирана да помогне во преработката на нашето жито и да учествува во шема што ќе ни овозможи да им помогнеме на земјите во развој, без оглед на било кој и било што“, рече Лавров.
Обединетите нации и Турција посредуваа во Црноморската иницијатива за жито минатата година за да помогнат во справувањето со глобалната криза со храна влошена со инвазијата на Москва на Украина и блокадата на нејзините црноморски пристаништа.
За да се убеди Русија да се согласи со иницијативата, во јули минатата година беше склучен и тригодишен пакт, во кој Обединетите нации се согласија да ѝ помогнат на Москва да ги надмине сите пречки за сопствената испорака на храна и ѓубрива.
Украина е главен производител на жито, а прекинот на нејзиниот извоз на почетокот на конфликтот ги турна глобалните цени на храната на рекордно високо ниво. Сегашниот договор помогна да се намалат цените и да се олесни глобалната криза со храна.
Путин рече дека договорот за жито може да биде завршен поради, како што рече, дволичноста на Западот за континуираните пречки за сопствениот руски извоз на земјоделски производи на светските пазари.
Клучно барање на Москва е повторното поврзување на руската земјоделска банка Роселхозбанк со меѓународната платежна мрежа SWIFT.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

