Македонија
Странците воодушевени од Охридското Езеро: „Охрид е многу повеќе од Комо, дестинација богата со историја“
„Индепендент“ објави текст со наслов „Зошто треба да го замените езерото Комо со Охридското Езеро“ наведувајќи ги убавините на овој град во Македонија. Сарах Холт пишува за своето доживување во Охрид.
„Луѓето пијат аперол и еспресо и грицкаат пица, главите им се свртени кон пауни, зелената вода и ридовите. Сцената не би била на место на езерото Комо, но јас сум 1.300 милји оддалечена од северна Италија, во џебот на југозападна Северна Македонија наречен Охрид“, пишува за „Индепендент“, Сарах Холт.
„На повеќе од 138 квадратни милји, Охридското Езеро е повеќе од двојно поголемо од Комо, факт што најдобро се цени при патување со брод околу брегот. Карстните карпи, обоени во калај и розова боја, се гледаат со километри отстапувајќи му го местото на непреченото зеленило на Националниот парк Галичица“, вели таа за Охрид.
Бродот ѝ застанува пред манастирот „Свети Наум“, источноправославен манастир, првично изграден во 10 век. Воодушевена од погледот кон езерото и пауните, кои слободно шетаат, а за кои се мисли дека се симболи на воскресението во времето на свети Наум. Влегува и во манастирската црква и ја открива просторијата обложена со фрески, каде што е погребан свети Наум. „Легендата вели дека ако го ставите увото на површината на гробот, сè уште можете да го слушнете неговото чукање на срцето“, дополнува Сарах.
За Охридското Езеро вели дека е постаро од милион години и постаро од италијанските езера, а градот Охрид е признаен како една од најстарите човечки населби во Европа.
„Шетајќи низ стариот град и нагорнината до тврдината Цар Самоил од 11 век, добивам чувство дека чекорам низ историјата“, пишува таа.
Сарах дава историска перспектива за градот и дава податоци за творбите во градот. Не заборава да додаде дека Охрид е на листата на светско наследство на УНЕСКО од 1997 година. Областите на езерото се исто така вклучени во списокот бидејќи тие се дом на повеќе од 200 вида растенија и 17 ендемични видови риби.
„Потоа, тука се бисерите. Охридските бисери, што ги носеа кралицата Елизабета Втора и принцезата Дијана, се разликуваат од оние што ќе ги најдете на кое било друго место во светот бидејќи се рачно изработени“, вели таа.
„Охридското Езеро е исто така клучен играч во актуелната винска ренесанса во Македонија. Откривањето антички остатоци од зрно грозје сугерира дека виното се произведувало во областа на Македонија уште од неолитот. Сега, постојните поголеми винарници во земјата работат со експерти од цела Европа за да ја подигнат својата понуда и се отвораат зголемен број независни бутик-винарници со намера да ја направат Македонија новопочитуван играч на светската винска сцена“, додава Сарах.
Текстот го завршува со извонредни зборови за Охрид велејќи: „Додека уживам во виното и грицкам антипасти на сонце во областа за дегустација на винарницата, повторно добивам чувство дека би можела да бидам во Италија. Но, мислата набргу минува затоа што Охрид е многу повеќе од Комо. Таа сама по себе е дестинација богата со историја, исполнета со нијанси“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

