Црна хроника
На Табановце кај 33-годишник пронајдени две фалсификувани возачки дозволи

Вчеравечер, во 22 часот, на Граничниот премин Табановце, при контрола и гранична проверка било констатирано дека 33-годишниот Љ. Ф. од село Отља, општина Липково, на увид приложил фалсификувана белгиска возачка дозвола, извести МВР.
„При контрола на багажот и возилото што го управувал била пронајдена и македонска возачка дозвола, која исто така била фалсификувана“, соопшти МВР.
Пронајдените предмети биле одземени и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Дрска кражба на мобилен телефон, поведена постапка против сторителот

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 40-годишник за кого постои основано сомнение дека извршил кривично дело – Тешка кражба на дрзок начин, согласно член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 4 октомври во вечерните часови, спроти катна гаража на улицата „Мирче Ацев“ забележал две лица од Валандово додека влегувале во такси возило.
Им пришол од зад грб и насилно им ја отворил вратата, а потоа со клоци го удрил едниот оштетен во нозете, така што на оштетениот му испаднал мобилниот телефон. Осомничениот го одзел телефонот и се дал во бегство, стекнувајќи се со противправна имотна корист во износ од околу 6.360 денари.
Поради ризикот од бегство и околностите кои укажуваат на можноста осомничениот да го повторува делото, особено имајќи предвид дека претходно повеќепати е осудуван за кривични дела против имотот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
Црна хроника
Две лица од Брвеница осомничени за илегална трговија со кокаин

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца жители на Брвеница, за кои постои сомнение дека биле соизвршители во кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
На 4 октомври, околу 2 часот по полноќ, осомничените пренесувале вкупно 110,31 грама наркотична дрога кокаин. Нивниот автомобил БМВ полицијата го забележала на автопатот Тетово-Гостивар, во непосредна близина на клучката за Брвеница, и бидејќи се движеле нестабилно, со цик цак движења, полициските службеници им дале сигнал да застанат. Кога подзапреле, едниот осомничен се обидел од под совозачкото седиште да исфрли ќеса со дрога, но полицајците го спречиле во намерата. Освен дрогата, кај осомничените била пронајдена и дигитална вага со траги од кокаин и поголема сума парични средства, односно 206 000 денари и 1150 евра во различни апоени, кои поради сомнение дека потекнуваат од илегална продажба на дрога привремено се одземени.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово поднесе предлог за определување мерка притвор за едниот осомничен, додека за другиот се предложени мерки на претпазливост.
Црна хроника
МВР: Лишен од слобода прилепчанец, палел кабли во близина на депонијата во Струга

Полициски службеници од ОВР Струга лишија од слобода прилепчанец кој палел кабли во близина на депонијата во Струга.
„На 04.10.2025 околу 22:00 часот, во близина на депонијата за отпад во Струга, полициски службеници од ОВР Струга од слобода го лишија С.В.(58) од Прилеп. Тој бил затекнат додека се обидувал да ги запали претходно собраните кабли од стари машини и од други предмети, за да може потоа, да ги извлече бакарните жици“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Од таму додаваат дека по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.