Македонија
Адвокатот Митровски: Стручни соработници од Обвинителството се држени во модерна форма на заложништво
Адвокатот Јанаки Митровски го обвини раководството на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на Република Македонија за, како што вели, против статутно и недругарско однесување.
„Имено, ангажиран сум од страна на петнаесет стручни соработници од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, членови на Синдикатот, кои се држени во модерна форма на заложништво од страна на посочениот Синдикат, чии членови се. Па, така, иако тие во согласност со статутарните одредби барале исписници од страна на Синдикатот, барањата им се одбиени. Одредбите од статутот на Синдикатот налагаат дека здружувањето е на доброволна основа и дека секој член може да истапи со просто барање, што е и сторено. Наместо да им даде исписници, Синдикатот се повикува на измена на статутот, направена десет години откако овие членови му пристапиле во согласност со која немаат право на истапување доколку користеле дел од солидарниот фонд на Синдикатот во рок од три години од користењето на средствата. Под користењето средства, се повикуваат на користење адвокатски услуги од адвокат ангажиран од Синдикатот“, посочува адвокатот Митровски и додава дека токму тука лежи проблемот бидејќи работниците сами си го плаќале адвокатот за што имаат докази во форма на потврди, а кој, пак, не смеел да им наплаќа услуги бидејќи веќе зема пари од Синдикатот.
„Сето ова му е предочено на раководството на Синдикатот и поткрепено со соодветни докази, но тие ги игнорираат и ги држат петнаесетина членови во заложништво, не им даваат исписници и им земаат средства на име членарина. Поради тоа, ме овластија да поведам постапка за истапување, но и да поднесам кривична пријава поради злоупотреба на службената положба и овластувањето. Како сведок ќе го предложам и адвокатот, кој е познат скопски адвокат, да посведочи на околноста дека му било плаќано лично, а ќе доставиме и писмени докази како поткрепа на тоа“, вели Митровски.
Според него, жално е што наместо да ги штити, Синдикатот ги условува своите членови, ретроактивно применува одредби и ги држи во заложништво не давајќи им да истапат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.