Македонија
Маричиќ: Целта е членство во ЕУ, но регионалната соработка е појдовна точка
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска во Вашингтон учествуваше на конференција на тема: „Западен Балкан: Трансатлантска и регионална соработка – градење силни сојузи“, на покана на Трансатлантската лидерска мрежа, на која рече дека регионалната соработка е многу важна, заедно со прогресот и стабилноста, и дека ЕУ од Западен Балкан очекува поврзување и заедничко дејствување во надминувањето на бариерите.
– Нашата цел е ЕУ, но регионалната соработка е таа која побрзо ќе спушти бариерите и ќе ги претвори во можности. Прогрес, соработка и стабилност очекува од нас ЕУ. Сите разлики што ги имаме меѓу себе мораме да ги решиме онака како што ЕУ ги решава, во рамки на регионална соработка и дијалог, рече Маричиќ.
Тој додаде дека соработката, поврзувањето и дијалогот нè прави кредибилен партнер на ЕУ и дека треба да биде научена лекцијата од досегашното чекање пред вратите во ЕУ, дека успехот на една држава е успех на сите во регионот и секој неуспех е неуспех на целиот регион.
Маричиќ зборувајќи за успехот на иницијативите Берлински процес и Отворен Балкан рече дека и двете одат и во иста насока и ги даваат посакуваните резултати, правејќи го бизнисот и секојдневното функционирање на граѓаните полесно. Во економска смисла според Маричиќ нема сомнеж дека многу брзо и лесно можеме да бидеме интегрирани во ЕУ, па како што рече тој, не е случајна и иницијативата за предвремено интегрирање во европската економска заедница.
– Со новиот план за забрзана интеграција на Западен Балкан имаме подадена рака од ЕУ да ги зајакнеме меѓусебните односи и можност да бараме јасен план за членство, не подоцна од 2030 година. Затоа сите инструменти кои ни се нудат треба да ги искористиме за целосно да го постигнеме членството во ЕУ и да го вратиме кредибилитетот на ЕУ и нејзината популарноста, преку конкретни резултати за граѓаните, потенцираше Маричиќ.
На крајот Маричиќ порача дека подобрување на регионалната поврзаност и соработка е основа ако земјите од Западен Балкан сакаат да напредуваат во ЕУ и во таа насока посочи дека заедничките предизвици како темите поврзани со енергетика, безбедност, зелена агенда, треба заедно да ги држиме отворени со ЕУ, со крајна цел-членство во ЕУ.
На конференцијата, во организација на Трансатлантската лидерска мрежа, а во соработка со Центарот за Европа на Атлантскиот совет, учествуваа американски експерти, професори, претставници на дипломатскиот кор и граѓанскиот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Започна изградбата на атмосферска канализација на улицата „Томе Арсовски“ во Бирарија
Денес, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, присуствуваше на почетокот на градежните работи за изградба на атмосферска канализација на улицата „Томе Арсовски“ во населбата Бирарија. Проектот има за цел трајно решавање на проблемот со собирање и задржување на отпадните атмосферски води, кои поради специфичната теренска конфигурација често предизвикуваат потешкотии, особено при пообилни врнежи од дожд. Станува збор за значајна инфраструктурна инвестиција, финансирана од буџетот на Општина Кисела Вода, информираат од општината.
-Изградбата и обновата на подземната инфраструктура, како што е и денешниот проект, се од суштинско значење за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и за долгорочен, одржлив развој на општината- истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска. Таа додаде дека вакви и слични проекти ќе продолжат и во периодот што следи, со цел системско унапредување на инфраструктурната мрежа.
-Ќе работиме во сите населби и населени места, со јасна заложба за рамномерен развој и еднаков пристап до квалитетна инфраструктура за сите жители, нагласи градоначалничката.
Македонија
Добивка за сите: Државна лотарија во служба на заедницата во 2025 година
Државна лотарија изминатата година ја потврди својата улога како голем поддржувач на културата и спортот во Македонија. Преку својата деловна активност, која е во симбиоза со општествената одговорност, компанијата ја демонстрира својата посветеност кон заедничкото добро и ја зајакнува својата позиција како активен член на општеството и партнер во неговиот развој.
Преку одговорно приредување игри на среќа за граѓаните над 18-годишна возраст, Државна лотарија ја потврдува својата мисија насочена кон заедничкото добро. Секое учество во игрите на среќа претставува придобивка за целата заедница бидејќи средствата се инвестираат во културни, спортски и хуманитарни иницијативи што ја збогатуваат општествената сцена и создаваат трајни вредности.

Во текот на 2025 година, компанијата беше присутна на многубројни културни настани, меѓу кои „Златна бубамара на популарноста“, фестивалот „Видик“, интернационалниот танцов натпревар „E-motion Dance Competition“ и инклузивната танцова претстава „Сонот на едно дете“ во организација на танцово студио „Еурека“, концертите на Пласидо Доминго (Placido Domingo), Масив Атак (Massive Attack), Ник Кејв (Nick Cave), Џејсон Деруло, (Jason Derulo), настапот на Армин ван Бурен (Armin Van Buuren), Пиво фестивал во Прилеп, концертите на Вејчеслав Поповски, Ареа, Ана и Игор Дурловски, новогодишниот концерт на Симон Трпчески, настапот на Махмут Орхан (Mahmut Orhan), како и новогодишните концерти на Sarah Mace & The Girlzz и големата новогодишна прослава на Плоштад Македонија.

Освен културата, Државна лотарија традиционално е силен поддржувач на спортот, кој денес сè повеќе се препознава како силен двигател на позитивни општествени промени и фактор со големо влијание врз младите генерации, што ја нагласува потребата од континуирана поддршка на спортски активности. Во 2025 година компанијата ја даде својата поддршка на ФК Превалец, ФК Тетекс, РК Пролет, РК Аеродром, МКК Куманово, КК МЗТ Скопје Аеродром, Јаковлевски Pro Basketball Training, ОК Наковски Волеј, КБК Викинг, Карате клуб Аеродром, Фудбалската федерација на Македонија, како и на Ветеранскиот шаховски фестивал во организација на ШКВ „Скопје 72“, потврдувајќи ја својата посветеност кон развојот на спортот и неговата улога во зајакнување на заедницата.

Компанијата вложува и во хуманитарни и здравствени иницијативи, меѓу кои поддршката за СОС Детско село и Здравствениот дом во Вевчани, потврдувајќи ја својата посветеност кон заедницата и нејзините потреби.
Со вакви активности, Државна лотарија ја зацврстува својата улога како компанија, која не само што приредува игри на среќа туку и активно придонесува за културниот, спортскиот и општествениот развој на Македонија.
Дополнително, преку континуирана поддршка на локални иницијативи и соработки со институции, Државна лотарија ја гради својата репутација како доверлив партнер, кој ја препознава важноста на културното и спортското наследство. Оваа стратегија ја позиционира компанијата како двигател на позитивни промени и пример за корпоративна одговорност во земјата.

Со визија за иднината, Државна лотарија останува посветена на создавање вредности што ќе ја унапредат заедницата, ќе ја поттикнат младата генерација и ќе ја зајакнат улогата на културата и спортот како темели на општествениот развој.
ПР
Македонија
Левица: Државна лотарија како мегафон на власта – јавните пари се користат за дворски трубадури
„Злоупотребите на Државна лотарија продолжуваат и под капата на ДПМНЕ и Мицкоски! Претходно како приватна фирма на Груби кој го пуштија во бегство, а сега како партиска каса за финансирање на апологети на власта и јавни личности чија примарна улога е да ја шминкаат реалноста и да го бранат неуспехот на власта“, велат од партијата Левица.
„Месечни хонорари од по 35.000 до 60.000 денари, односно над 4 милиони месечно се исплаќаат на инфлуенсери, професори, јавни личности, партнери на функционери од власта и други членови на владејачките политички партии!
Додека има пари за купување на лојалноста, нема за покачување на платите, за лекови, социјални програми, реална поддршка на младите, подобрување на условите во училиштата и болниците, достоинствен живот на граѓаните.
Овие лица како платени факели ја осветлуваат сцената по вкус на власта, додека во заднина се крие мракот на сиромаштијата, иселувањето и распадот на јавните услуги. Јавните пари, наместо да бидат семе за развој, се фрлаат како трошки за одржување на ехото на партиските мантри на мрежа на привилегирани креатори на јавно мислење кои се хранат од народната каса.
Ова е учебникарски пример на клиентелистичка држава, во која институциите се користат како ПР-агенции на власта, а јавните средства како гориво за партиска самопромоција.
Бидејќи народот не е публика во ПР-спектаклот на власта, туку сопственик на буџетот, Левица бара Државната лотарија, односно директорот Александар КЛИМОВСКИ, итно и јавно да одговори:
– По кои критериуми се ангажираат овие лица?
– Кои се нивните конкретни задачи и резултати?
– Каков е јавниот интерес од нивниот ангажман?
– Зошто овие лица се скриени и не се наоѓаат во базата на јавни информации?
Во Македонија има пари, но тие течат по канали ископани од алчност и партиска привилегија. Наместо да се вложуваат во општествено корисни политики и јавен интерес, тие се крадат, се претвораат во патни трошоци, хонорари за непродуктивни улоги, во сценографија на власта која сака да изгледа коректна и силна, додека суштински ја празни државната каса.
Државата не е сиромашна, туку е ограбена и злоупотребена“, се наведува во соопштението на Левица.

