Македонија
Маричиќ: Уставни измени и преговори со ЕУ е планот што го поддржува Западот, не постои план Б
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во интервјуто за „Гласот на Америка“ рече дека не е време за предвремени избори, туку време за носење одлуки и дека предвремени избори може да има само доколку опозицијата се согласи веднаш да гласа за уставните измени.
„Само тоа е опција што ние како Влада би прифатиле предвремени избори. Мислам дека не е време за предвремени избори, туку е за понесување одговорност и за имплементација на она што ни е обврска. Граѓаните ќе ни бидат благодарни доколку ја завршиме таа обврска пред изборите за да не бидат изборите оптоварени со тоа кој е ‘за’, а кој против уставните измени, затоа што тоа ќе нè внесе во нов десетгодишен тунел, од кој не знаеме дали ќе можеме да излеземе, како што бевме изминатиот период со спорот со Грција. Тоа не ни донесе подобри позиции и не ни ја зајакна улогата, не ги подобри перформансите, ниту внатре во државата ниту не приближи до нашата цел – членство во ЕУ. Затоа не треба граѓаните да бидат предмет на пропаганда и илузија, треба да се зборува отворено и одговорно“, изјави Маричиќ.
Маричиќ зборуваше за посетата на САД и пораките што високите претставници на Стејт департментот ги испратија посочувајќи дека имаме шанса која не смееме да ја пропуштиме и која не се знае дали и кога би ја имаме повторно, за која стратешките сојузници бараат лидерство, одговорност и поттик Северна Македонија да оди напред, а не политикантство.
„Пораката е дека постои момент за Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, за приклучување кон европските интеграции, заедно со и поврзано со ситуацијата во Украина. Дека таа шанса не смееме да ја пропуштиме, втора шанса не знаеме кога ќе имаме, нема да има можност повторно да се преговара и разговара за оние исти прашања што ги решивме минатото лето со Бугарија во францускиот предлог, едноставно, време е за лидерство, за носење одлуки и за поттик на државата за напред.
Не е време за политикантство, не е време за избори и за партиски престрелки. Време е секоја партија и секој пратеник и секој политичар да покаже на дело дека е за исполнување на нашите стратешки приоритети во случајот – исполнувањето на членството во Европската Унија, истакна вицепремиерот Маричиќ.
Зборувајќи за тековни активности и процеси што ги води Владата во Скопје и во Брисел, Маричиќ напомена дека за тековните активности во Скопје и Брисел треба да се туркаат реформите и европските процеси, дека треба да се врати функционалноста на Собранието и да се работи на консензусот за Европската Унија.
„Партиите може да се расправаат на многу теми, но за темата ЕУ не смее и треба да бидат на една страна затоа што тоа е во интерес на граѓаните. Чувствувам дека консензусот за ЕУ е нарушен откако ВМРО-ДПМНЕ зазема премногу цврст став дека не ги поддржува уставните измени. Ние не можеме само декларативно да сме за ЕУ, мора да покаже на дело. Денеска, за тоа се уставните измени, кои треба да ги завршиме, утре ќе бидат многу други одлуки, кои ќе треба пак со 2/3 мнозинство да се носат, а се врзани со конкретни европски политики, дали се тоа реформи во правосудството, дали за системски закони, дали е за одлука поврзана со некоја важна политика во животната средина, која ќе треба да ја усвоиме, а ќе биде скапа и тешка, ќе има простор каде да се покаже консензусот, но мора да почне денес“, порача Маричиќ во интервјуто за „Гласот на Америка“.
Маричиќ укажа дека не постои план Б и дека поддршката што доаѓа од сите, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, е за реализација на единствениот план А, а како што вели тој, тоа е: завршување на уставните измени, продолжување на преговорите со ЕУ и членство на Северна Македонија во 2030 година.
„Секоја партија и секој политичар што ќе се спротивстави на овој план ќе носи историска одговорност за евентуален негов неуспех. Јас сум сигурен дека имаме доволно време до ноември да ја доведеме целата пратеничка група или дел да гласа за овој предлог бидејќи премногу е голем влогот за да ја изгубиме оваа шанса. Треба и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и партијата да дадат одговор зошто работат на тоа оваа шанса да ја пропуштиме бидејќи наредната година или таа по неа, бидејќи ќе имаме друг контекст, а ние веќе ќе задоцниме во однос на она како ќе се движи целиот регион, а веќе и доцниме. 17 години чекавме да ги почнеме преговорите, немаме веќе време ниту ден за губење“, потенцира вицепремиерот.
На прашањето дали борбата против корупцијата на Западен Балкан како главен приоритет на американската администрација е закана за националната безбедност, Маричиќ одговори дека е многу важно за заштита на развојот, просперитетот и безбедноста на нашата држава да се интензивираме борбата против корупцијата и дека најдобар начин да се справиме со ова прашање е да ги продолжиме преговорите и во текот на преговорите да ги зајакнеме нашите капацитети.
„Ние како Влада не сме бегале од оваа тема, сметам дека направивме многу, но има уште што да се направи и подготвени сме со нашите партнери да најдеме решение како да се зајакне улогата на независното судство и како да се зајакне капацитетот на Обвинителството како клучна алка во борба против корупцијата за да тоа има ефект.
Корупцијата е феномен и појава со која треба да се бориме на сите полиња и во сите области“, изјави Маричиќ додавајќи дека и досега покажале во многу случаи на корупција од високо ниво и многу актуелни случаи дека умеат да се борат против корупцијата, само, како што вели Маричиќ, потребна е силна поддршка и градење капацитети на институциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.
Македонија
Премиерот се пожали дека ССМ не сакале да потпишат колективен договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за 40 проценти
ССМ не сакаше да го потпише колективниот договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за 40 проценти во период од четири години, односно до април 2028 година, под услов во колективниот договор да се избрише делот кај што стојат платите и во тој период да репреговараат. Тоа го повтори денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по настанот на Економскиот факултет при УКИМ организиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмус+“ истакнувајќи дека ССМ не сакал да се откаже од општиот колективен договор што претходно го потпишал, а чија важност престанала.
Тој појасни дека ако просечната плата е 30.000 денари, сега во април за мартовската плата ќе имало нивелирање за минималната плата, која ќе се зголеми.
– Да претпоставиме дека таа ќе се зголеми за 1.500 денари. Тогаш овие 30.000 денари плус 1.500 денари зголемени за 8 проценти ќе дадат збир X парички. В година, април 2027, тие X парички повторно ќе се зголемат за минималната плата, да претпоставиме дека ќе биде повторно 1.500 денари. Тој збир X плус тие 1.500 денари ќе се зголемат за нови 8 проценти и ќе добиеме У парички. Третата година, 2028, во април овие У парички повторно ќе се зголемат за минималната плата од 1.500 денари и сето тоа ќе се зголеми повторно за 8 проценти и ќе добиеме Z парички. Овие Z парички ќе бидат за минимум 40 проценти повеќе од 30.000 денари – рече Мицкоски.
Го повтори условот за потпишување на овој договор, а тоа, според него, е во колективниот општ договор, делот кај што стојат платите, да се избришат и во периодот од три години да го репреговараат.
– Доволен период имаме од три години да постигнеме договор. А во меѓувреме, имаме колективен договор, имаме 95 отсто од вработените што се дел од одговорностите на Владата, која е работодавач и со тоа Владата со своите вработени си ги регулирала односите до 2028 година. И со тоа ние сме завршиле. Значи, остануваат сега уште овие 7.787 вработени од вкупната државна администрација – истакна Мицкоски.
Тоа, додаде, ССМ не сакал да го потпише.
– Велеа вака, „како сега ние ќе се откажеме од општиот колективен договор во тој дел кога ние сме го подпишеле со Тренчевска“. Јас велам, вие не се откажувате. Важењето на општиот колективен договор е престанато. Во завршните и во преодните одредби стои дека „тој останува во важност до носење друг“. А ние, ако го избришеме делот на платите, кој е дел од општиот колективен договор и е збунувачки, може да се толкува вака и така, ќе се повикаме на овој нов грански договор, што ќе го потпишеме со гранските синдикати за државната администрација – рече Мицкоски.
Според него, периодот од три години е доволен да преговараат за тој дел од општиот колективен договор.
– И во рок од тие три години ќе преговараме дел, што ќе биде повторно дел од општиот колективен договор. И тие тоа не го прифаќаат. Како, велат, ние сега сме го подпишале тој договор, како сега ние самите себе ќе си се бришаме. Тоа не е мој проблем. Јас нудам решение. Ако ние не сме доволно зрели како општество за помалку од три години да не потпишеме, тогаш не сме зрели ни за држава. Ама јас мислам дека сме зрели – истакна премиерот.
ССМ денеска ја повика Владата в понеделник да го потпишат колективниот договор, со кој, како што велат, ги зголемува платите на вработените за 40 проценти и наместо во 2028 година, да почне од февруари 2026 година. За следната недела најавија блокади, а останува и одлуката за генерален штрајк доколку не се зголемат платите.

