Македонија
Компромисот е избори, велат од Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз смета дека наш врвен национален, стратешки и државен интерес се одржување предвремени парламентарни избори и договор за стратешките правци на Македонија. Со најбитната цел – Македонија да се придвижи напред.
„Компромисот е одржување на парламентарни избори во септември. Тој компромис зависи од СДСМ и ДУИ, чија главна цел е да останат на власт уште неколку месеци по цена и на целосен колапс на државата. Македонија направи тешки и болни отстапки и компромиси, од промена на Уставот, знамето, името, склучување на Преспанскиот договор, па и потпишување на контроверзниот договор за добрососедство со Бугарија. Сите тие компромиси и отстапки беа непринципиелни и надвор од европските и цивилизациските вредности и не обезбедија отворање на вратите на Европската Унија. За последните условувања, промена на Уставот со цел Бугарите да бидат внесени во него, без реципроцитет и гаранции од ЕУ, нема компромис“, се наведува во информацијата од ДС.
СДСМ и ДУИ, како што оценуваат, цела година темата за уставни промени ја држат отворена на највисоко ниво, но досега не подготвија ниту доставија предлог за уставни промени до парламентот.
Додаваат дека уставните измени се користат за замајување на јавноста и дискредитација пред меѓународниот фактор на сите што не прифаќаат уставни измени под диктат и блокада на евроинтеграциите од страна на Бугарија.
Затоа, Демократскиот сојуз предлага:
„Прво, договор за стратешките цели и коренити реформи во правосудниот систем, владеење на правото, борба против криминалот и департизација на сите институции.
Второ, донесување нов Устав, ослободен од Бадентер, балансер и други решенија кои ја задушуваат демократијата и развојот на државата.
Трето, одржување парламентарни избори во септември.
По изборите, веднаш формирање коалициона Влада, составена од сите партии застапени во Собранието, со тоа што премиерот да го предложи партијата/партиите кои ќе имаат најголем број пратеници“.
Според оваа партија, само со нова Влада со силен политички и развоен концепт може да ја извлече државата од кризата во која сѐ повеќе запаѓаме и да отвори перспективи за сите, посебно за младите.
Обединувањето е неопходно за да ги заштитиме нашите витални национални интереси. Македонија треба да ги искористи геостратешките раздвижувања и да бара прием во ЕУ во следните две до три години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски нема одговор на прашањето кој е Адамовиќ, повторно Харис Џиновиќ и Дубаи, велат од СДСМ
Денеска, во Собранието, граѓаните имаа можност да го видат видно изнервираниот Христијан Мицкоски на говорница, истакнуваат од СДСМ.
„Покажа голема нервоза а немаше одговори на прашањата од претседателот Филипче. Нема одговор Кој е Душан Адамовиќ? Како е избран за почесен конзул на Македонија во соседна Србија и кои критериуми се испочитувани? На неговиот Твитер-профил видовме дека за Македонија вели „Српска Македонија“ била окупирана? Дали со тоа го исполнил критериумот за „докажан пријател“ на нашата држава? Имајќи предвид дека неговиот автомобил му беше дигнат во воздух, а потоа му беше и пукано во нозете, дали АНБ направило проверка“.
Од опозициската партија додаваат, како член на навивачка група, не делува дека може од МВР да добие потврда дека немал кривични пријави или судски постапки.
„Кое професионално делување има, освен што е високо позициониран во вашата сестринска партија СНС? Покрај бројните афери со кои се поврзува, непостоечка биографија и отсуство на каков било бизнис освен политиката. Адамовиќ се фали со свои контакти и врски во Русија. Дали е тоа исполнет критериум? Како држава членка на НАТО, дали Македонија има потреба од човек кој има врски со Москва, особено сега кога Русија е под санкции од целата Европска Унија“.
Заклучкот, како што велат е јасен. Очигледно , според нив, дека именуваниот Душан Адамовиќ не ги исполнува клучните критериуми за да биде поставен за почесен конзул.
„Со оглед дека во вторник во Македонија доаѓа генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, што ќе каже Мицкоски за Стоиљковиќ и „Ноќните волци“, или за тоа дека Владата дала одлука за почесен конзул на човек кој на социјалните мрежи се фали со своите контакти во Москва?
Мицкоски треба да одговори каков однос има со Душан Адамовиќ и зошто е избран за конзул?
Македонија
Хоџа-Касами: силен инвестициски фокус на животната средина во Тетово
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска одржа работен состанок со градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
Во фокусот на разговорите беа инвестициите кои Министерството ги реализира во Тетово, вклучувајќи ја реконструкцијата на главниот водовод од Попова Шапка до градот, проширувањето на примарната мрежа во населбата „Вонвардарска“ и изградбата на колектори за атмосферска канализација во Фалише и Дарданија, проекти кои се во различни фази на реализација.
На средвата беа разгледани проектите финансирани од Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој, вклучувајќи ја втората фаза на реконструкција на водоводот и изградбата на Станицата за трансфер на отпад во Тетово, како и тековните IPA проекти.
Соговорниците се обврзаа на тесна институционална соработка за ефикасна реализација на проектите и одржливо подобрување на условите за живот на граѓаните на Тетово.
Македонија
Интересот за докуп на стаж не се намалил и во 2025 година: управниот одбор на Фондот на ПИОМ ја усвои завршната сметка
Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ја одржа триесет и втората седница.
Директорот на Фондот, Никола Мемов ги информира членовите на Одборот за активностите што се остварени по претходната седница. Тој рече дека предвидените активности на Фондот се одвиваат согласно плановите и при тоа нагласи дека процесот на дигитализацијата на архивата се одвива непречено согласно СИАП проектот и се очекува да заврши до 30 јуни оваа година.
Мемов, исто така, информира дека состојбата со решавањето на предметите е подобрена, а особено во Комисиите за процена на способноста, и нивниот број е намален.
Управниот одбор ја усвои Завршната сметка на Фондот за 2025 година. Директорката на Секторот за финансии, Фатиме Неџипи рече дека од податоците изнесени во Завршната сметка произлегува дека Фондот навремено и во целост ги извршувал сите обврски во текот на 2025 година. Таа додаде дека приходите и расходите се избалансирани и се во согласност со предвидените параметри.
Членот на Одборот, Станка Трајкова рече дека од Завршната сметка се гледа дека финансиското работење на Фондот е позитивно, што е задоволувачки резултат.
Управниот одбор на седницата ги разгледа и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината на издадениот станбен простор во домовите за живеење на корисниците на пензија за период 01.01 – 31.12.2025 година и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината за издадениот деловен простор во домовите за живеење и клубовите за дневен престој на корисниците на пензија за истиот период.
Директорот на Секторот за човечки ресурси, правни и општи работи, Влатко Ѓуроски рече дека наплатата на закупнините кај станбениот простор се одвива непречено, поради тоа што истата се одвива со задршка од пензијата на корисниците. Кај издавањето на деловниот простор, додаде тој, во два случаи се прекршени одредбите од Договорот за закуп и истите се раскинати. Ѓуровски рече дека овие простори ќе бидат дадени на лицитација за изнајмување откако ќе биде извршена проценка на вредноста за давање под закуп по метар квадратен.
Управниот одбор ги разгледа и Информацијата за остварените права од двостолбниот пензиски систем и Информацијата за утврдување на стажот на осигурување – „докуп на стаж“ во 2025 година. Директорката на Секторот за остварување на права од ПИО, Билјана Стојанова информира дека во вториот столб има 410.602 активни осигуреници. Според евиденцијата на Фондот досега 130 осигуреници оствариле право на старосна пензија со исплата од двостолбниот пензиски систем. Од нив 57 корисници кои ги потрошиле средствата од индивидуалната сметка примаат минимална пензија од Фондот.
Во однос на докупот на стаж, Стојанова рече дека интересот не се намалува и во 2025 година се поднесени 840 барања. За 791 барање е донесено позитивно решение, за 21 негативно, а 11 предмети се во тек на решавање. Стојанова рече дека по овој основ до 31.12 2025 од Фондот се наплатени 4 милијарди 222 милиони 217 илјади и 2 денари.

