Европа
Русија забранува промена на полот
Долниот дом на рускиот парламент усвои во трето читање сеопфатен нацрт-закон за забрана на законска или медицинска промена на полот. Законот ќе им забрани на Русите да го менуваат полот на официјалните документи за идентификација, што е легално од 1997 година, пишува Гардијан.
Дополнително, на здравствените работници ќе им биде забрането „да вршат медицински интервенции наменети за промена на полот на лицето“, вклучително и операција и препишување хормонска терапија. Претставниците на Државната дума додадоа одредби во нацрт-законот за забрана на трансродовите лица да посвојуваат или згрижуваат деца и да ги поништат браковите доколку еден од парот последователно го промени полот.
Лекарите и застапниците за правата на трансродовите предупредија дека забраната може да создаде црн пазар за замена на хормони и да доведе до зголемување на обидите за самоубиство кај младите луѓе кои немаат пристап до медицинска нега.
„За децата и тинејџерите, оваа ситуација изгледа како апсолутна безнадежност. Тие нема да можат да добијат никаква помош“, рече Еле Соломина, трансродова Русинка која живее во Грузија, пред Думата да продолжи со разгледувањето на законот оваа недела.
Забраната ја означува последната фаза на ограничувања на правата на хомосексуалците и трансродовите во Русија. Путин постојано повторува дека ЛГБТК+ стилот на живот е спротивен на традиционалните руски вредности, а дека Западот ги прифаќа е доказ за морално пропаѓање.
Минатиот декември Путин потпиша закон за проширување на ограничувањата за промоција на „ЛГБТ пропаганда“. Претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин рече дека овој закон „ги штити руските граѓани и деца“. Откако законот помина три читања во Државната дума, сега ќе биде испратен до Горниот дом, а потоа и до Путин за негов потпис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.
Европа
Напаѓачот на Фицо доби мерка притвор за да не побегне и да не го повтори делото
Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување денеска му одреди притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула, кој на 15 мај годинава во градот Хандлова со пет истрели го застрела премиерот Роберт Фицо и тешко го рани во стомакот.
Притворот за осомничениот е побаран поради опасност да не избега или да го повтори делото.
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска призна вина.
Адвокатите предупредија дека признавањето на вината е спорно, бидејќи Цинтула веднаш по атентатот и апсењето бил сослушан во шок, без присуство на адвокат.
Европа
Премиерот Фицо уште е во животна опасност, напаѓачот призна вина
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска пред Специјализираниот кривичен суд во градот Пежинок призна вина. Состојбата на премиерот Фицо и понатаму е сериозна.
Обвинителството вчера побара притвор за 71-годишниот Цинтула поради евентуално бегство или повторување на кривичното дело. Напаѓачот беше спроведен под силно полициско обезбедување, а ниту на новинарите им беше дозволен влез во Судот.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо на 15 мај беше застрелан во градот Хандалова додека се поздравуваше со насобраниот народ. Цинтула веднаш по нападот е приведен.
Тој се соочува со обвинение за обид за убиство од одмазда, за што е предвидена казна од 25 години до доживотен затвор.
Словачките политичари изјавија дека нападот врз Фицо не е политички мотивиран.