Македонија
Денеска протест против рудникот во Иловица

Еко активистите од „Здрава котлина“ денеска од 11 часот ќе протестираат против рудникот во Иловица. Блокадата ќе се одржи на крстосницата во центарот на Струмица веднаш до градскиот пазар „Глобал“.
„Здрава котлина“ ги објави на својот фејсбук-профил барањата, како што велат, за заштита на јавниот интерес, здравјето на луѓето и животната средина:
1. Бараме итно и неодложно одземање на криминално споената концесија за рудникот Иловица-Штука, поради прекршување на Законот за минерални суровини во однос на условите за добивање концесија и за спојување на концесии. Особено отежнувачка околност е залогот врз концесијата во финансиска кредитна трансакција со Ројал Голд, кој се јавува како трето лице. Целата оваа конструкција не е законска!
2. Бараме разрешување на претседателите на Управниот и на Вишиот управен суд, поради тендециозна и погрешна примена на законите и постапките, како и поради донесување сосема различни пресуди во зависност од моментот. Врвот беше последната пресуда за враќање на концесијата, што е различна од сите претходни 11 пресуди во пинг-понг процесите изминатите 4 години, а е директно поврзана со влезот на НД Груп со 25% удел во Еуромакс Ресурси.
3. Бараме одговорност од сите одговорни лица од Владата и од надлежните министерства, кои биле вклучени во овој нелегален процес на спојување на концесиите. Сите што се огрешиле пред законот треба да бидат соодветно казнети, зашто е груба манипулација тврдењето дека спојувањето е принудно поради одлука на судот. Во пресудата е јасно наведено дека судот одбива да ги спои концесиите и оти е тоа дискрециона одлука на Владата, дали ќе ги спои или не.
4. Бараме Државната комисија за спречување корупција да поведе постапка за испитување на дејствувањата и релациите меѓу сите вклучени одговорни лица, од аспект на тргување со моќ и политичко влијание, инсајдерско тргување, злоупотреба на службена положба и овластување, како и здружување и заговор помеѓу политичко-економски структури со извршната и со судската власт за потенцијално огромно оштетување на буџетот на државата. Постојат силни индиции за можна корупција и организиран економски криминал на повеќе нивоа, почнувајќи од влез во сопственичка структура, преку влијание во судот и извршната власт, до обезбедување документи и дозволи.
На протестот присуство најави и министерката за животна средина, Каја Шукова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обилни дождови, студ и снег на планините – од среда промена на времето

Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималните температури ќе се движат од 5 до 14, а максималните од 17 до 24 степени.
Во Скопје ќе преовладува слично време – променливо облачно со сончеви периоди и слаб северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 12, а дневната ќе достигне до 22 степени.
Од среда попладне до петок се очекува нов влажен бран со врнежи од дожд, локално пообилни над 30 литри на метар квадратен. Во четврток и петок, со продор на постудена воздушна маса и засилен северен ветер, на повисоките планини ќе има услови за повремен снег. Температурите значително ќе опаднат.
За време на викендот се очекува стабилизирање на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Судот оваа недела ја завршува оценката на обвинението за „Пулс“

Скопскиот Кривичен суд најави дека до петок ќе ја донесе одлуката дали обвинението за пожарот во кочанската дискотека ќе биде прифатено. Судиите треба да утврдат дали актот е јасен, правно издржан и поткрепен со доволно докази.
Постапката се одолговлекуваше поради тоа што дел од адвокатите на обвинетите не биле достапни за прием на документацијата, но сега, според судот, сите рокови истекуваат на 3 октомври.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази незадоволство од начинот на кој обвинителството ја води постапката и порача дека сите поврзани со случајот мора да одговараат. Од опозициската СДСМ, пак, обвинија дека власта ги штити своите функционери кои биле чести гости во дискотеката.
Во пожарот загинаа 62 млади луѓе. Паралелно се води и истрага за 29 полициски службеници, за кои сè уште се анализираат доказите.
Македонија
Можност за воведување на нови авиолинии, тема на средбата меѓу вицепремиерот Николоски и шведскиот амбасадор Солстром

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со новоименуваниот амбасадорот на Шведска, Ола Солстром.
На средбата, вицепремиерот Николоски го запозна амбасадорот со владината програма во делот на капиталните проекти и вклученоста на Македонија во регионалните инфраструктурни проекти со што сe дава придонес во развој и промоција на регионалната соработка.
Се разговараше и за можностите и услови за инвестирање што ги нуди Македонија и јакнење на економската соработка.
Исто така, вицепремиерот Николоски ја отвори и темата за поквалитетна поврзаност меѓу двете земји и можностите за зголемување на авиолиниите меѓу Македонија и Шведска.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Шведска кои традиционалнo се пријателски. Двајцата соговорници ја нагласија потребата од интензивирање на соработката во дејностите од заеднички интерес за двете земји.