Свет
Ердоган убеден дека Путин сака да го продолжи договорот за жито
Турскиот претседател Таип Ердоган изјави дека e уверен оти рускиот претседател Владимир Путин сака да го продолжи договорот со кој се дозволува извоз на украинско жито преку Црното Море откако Москва го прекина своето учество.
Ердоган додаде дека се надева на напредок по разговорот на турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и неговиот руски колега Сергеј Лавров.
Договорот за жито, постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција во јули минатата година, имаше цел да ја ублажи глобалната криза со храната со тоа што ќе овозможи безбеден извоз на украинското жито блокирано од руско-украинскиот конфликт.
Русија денеска го прекина учеството во договорот, соопшти Кремљ, додавајќи дека делот од договорот што се однесува на Русија не е спроведен.
„И покрај изјавата дадена денеска, верувам дека рускиот претседател Путин сака продолжување на овој хуманитарен мост“, рече Ердоган додавајќи дека двајцата ќе зборуваат при враќањето на Ердоган од неговото патување во земјите од Заливот в среда.
„Ќе разговараме и за тоа како можеме да дејствуваме за да го отвориме патот за транспорт на руско ѓубриво и жито“, рече Ердоган додавајќи дека двајцата лидери ќе се сретнат лично во Турција во август.
Договорот за жито беше продолжуван неколкупати, но требаше да истече денеска. Русија со месеци вели дека условите за продолжување не се исполнети.
Москва долго време се жали дека пречките остануваат за нејзиниот извоз на жито и вештачки ѓубрива, иако тие не беа директно санкционирани од Западот, и презентира низа барања за кои рече дека не се исполнети.
Москва соопшти дека ќе се врати на договорот веднаш штом ќе се исполни рускиот дел од договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иранскиот демонстрант Ерфан Солтани ослободен со кауција
Иранскиот демонстрант Ерфан Солтани, кој беше уапсен за време на антивладините протести и се стравуваше дека ќе биде осуден на смрт, е ослободен со кауција, објавија групите за човекови права и иранските државни медиуми. 26-годишниот Солтани беше уапсен минатиот месец додека земјата беше потресена од протести што предизвикаа насилна владина репресија, објави Си-Ен-Ен.
Тој беше приведен на 10 јануари во неговиот дом во Фардис, град на околу 40 километри западно од Техеран. Според државната телевизија IRIB, тој беше обвинет за „собирање и договарање против внатрешната безбедност на земјата“ и „пропагандни активности“ против режимот.
По неговото апсење, американскиот Стејт департмент и роднина на Солтани изјавија дека иранските власти имаат намера да го погубат. Иранското судство ги отфрли тврдењата како „измислени вести“, објави IRIB. Семејството на Солтани подоцна изјави дека неговата егзекуција е одложена. Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека добил уверенија од „доверливи извори“ дека Иран не планира егзекуции и го предупреди Техеран да не го прави тоа, велејќи дека САД ќе „преземат силни мерки“.
Во саботата, Солтани беше ослободен со кауција, потврди норвешката организација за човекови права „Хенгау“. Неговото ослободување го потврди и иранскиот државен медиум „Прес ТВ“ во објава на Телеграм.
Неизвесната судбина на Ерфан Солтани стана еден од најмеѓународно следените случаи за време на масовните антивладини протести што го зафатија Иран минатиот месец. Иранските безбедносни сили одговорија со брутална репресија и продолжено исклучување на интернетот низ целата земја.
Свет
Трамп: Мислам дека ќе постигнеме договор со Куба
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се во дијалог со кубанските власти што би можел да доведе до договор, по неговите бројни закани кон карипската земја.
„Разговараме со народот на Куба, со највисоките функционери во Куба“, изјави американскиот претседател за новинарите во Флорида.
„Ќе видиме што ќе се случи“, додаде тој, но „мислам дека ќе постигнеме договор со Куба“.
Откако беше соборен претседателот во Венецуела, главниот сојузник на Куба, Доналд Трамп постојано ѝ се закануваше на владата на комунистичкиот остров.
Зборувајќи за „неуспешна“ и „нестабилна“ земја, тој истакна дека Куба „веќе ја нема Венецуела да ја поддржува“.
Трамп, кој веќе ги прекина испораките на венецуелска нафта за Куба по апсењето на Николас Мадуро на почетокот на јануари, во четврток потпиша извршна наредба со која се предвидува дека САД можат да воведуваат тарифи за земјите што продаваат нафта на Хавана.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.

