Македонија
Ковачевски во Тирана: Ја унапредуваме соработката во Западен Балкан на патот кон ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски заедно со заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, денеска, во Тирана, учествуваше на неформална средба на премиерите на земјите од Западен Балкан со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеjи.
„ Денес сме во Тирана на состанок со комесарот за проширување Оливер Вархеји заедно со домаќинот Еди Рама, со премиерката на Србија и премиерот на Црна Гора.Тука практично разговараме за темите во насока на подготовка на состанокот на Берлинскиот процес којшто ќе се одржи во октомври тука во Тирана, бидејќи оваа година Албанија претседава со Берлинскиот процес, исто како што ние претседававме во 2020 година. Клучни теми на кои разговаравме е планот на ЕУ за забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан, којшто се потпира на неколку основни столбови а тоа е прво, побрзо приближување на земјите од Западен Балкан до заедничкиот пазар на ЕУ. Второ зголемување на фондовите за финансирање на важни регионални проекти“, истакна Ковачевски.
Во фокусот како што рече се и зголемувањето на економската соработка и интеграцијата меѓу земјите од Западен Балкан и забрзување на клучните реформи во секоја од државите.
„Се работи за амбициозен план, се работи за амбициозна агенда на која ќе работиме сите заедно и она што исто така ќе биде дел од работата во периодот до октомври и после него е исто така ратификацијата и ставањето во функција на договорите кои веќе беа потпишани на состанокот во Берлин минатата година, на кои веќе земјите работат, тука пред се се мисли на меѓусебното признавање на дипломите, како и на другите договори кои беа потпишани во рамки на иницијативата на Берлинскиот процес, а кои договори се депонирани во нашето Министерство за надворешни работи“, информираат владините служби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Василевска бара изземање на Апасиев од претседавање со Анкетната комисија за Кочани
Пратеничката од редовите на ВМРО–ДПМНЕ, Иванка Василевска, на денешната седница на анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот побараа изземање на претседавачот Димитар Апасиев од Левица.
„Колега Апасиев, дозволете ми да ви посочам дека денешното постапување на постојаната анкетна комисија за човекови права е регулирано со Законот за постапување по поднесоци и претставки, каде во членот 10 се забранува да се постапува по претставка, каде веќе има судска постапка за истата работа, а колега Апасиев, вие како правник сте должен да го знаете ова, токму затоа вашето однесување изгледа уште посомнително“, истакна Василевска.
Василевска посочи дека според правните принципи, особено во ваков тежок предмет, и самиот сомнеж е доволна причина за изземање. Таа истакна дека болката и борбата на семејствата бараат непристрасност, а не однапред пресудени ставови за тоа кој и како ќе одговара.
„Пратеникот Апасиев со неговите изјави и ставови го изгуби кредибилитетот да ја води денешната комисија. Поради сето наведено, барам изземање на колегата Апасиев од претседавање со анкетната комисија. Правдата не смее да биде водена од оние кои однапред ја негираат“, рече Василевска.
Апасиев и одговори на Василевска.
„Почитувана колешке, искрено се надаев дека ќе го надминете вашиот вмровски примитивизам, но тој дојде со целото ваше правно и латинско незнаење. Вашето правно незнаење и глума како професор по право не треба да ни го продавате како теоретски аргумент. Она што го прочитавте беше допис на Обвинителот во врска со вашата вмровска анкетна комисија, а не со Постојаната анкетна комисија, која е уставна категорија, гарантирана во членот 76 од Уставот. На вистината, почитувани колешки, не ѝ е потребна поддршката на вмровците за да биде вистина. Гласот на мајките не може да биде замолчен дури ни од овој Парламент“, рече Апасиев.
Додаде дека Комисијата не врши истражни и други судски функции, но согласно Уставот, наодите на Комисијата се основа за поведување постапка за утврдување одговорност на носителите на јавни функции.
„Каква одговорност? Па се разбира дека политичка одговорност, за да немаме министер во актуелната Влада кој со службено возило оди на судење. Е, за тоа е оваа Комисија, за да утврдиме каде потфрливме ние како општество, а потоа и сите ние како пратеници”, рече Апасиев.
Македонија
Три огледала во центарот на Скопје со порака против говорот на омраза
Акцијата „Огледало“ претставува јавна уметничка интервенција чија цел е да ја поттикне личната и општествената свест за говорот на омраза. Поставени во централниот градски простор на малиот сквер кај Ким во порта Буњаковец, три големи огледала ја канат публиката да застане, да се огледа и да размисли за сопствените зборови, навики и ставови. Наместо да даваат инструкции или забелешки, огледалата суптилно нудат прашања и пораки што се читаат само одблизу, создавајќи интимен момент на самоиспитување.
Првото огледало ги истакнува последиците од говорот на омраза, потсетувајќи дека дури и најмалите навреди можат да повредат и да создадат култура на непријателство. Второто се фокусира на честите основи врз кои се шири омразата – национална, верска, етничка, политичка и сексуална, поттикнувајќи го минувачот да препознае колку лесно секојдневната комуникација може да ја репродуцира таа негативност. Третото огледало ги прикажува најтипичните конструкции на омразен говор, со јасна порака дека повторувањето или нормализирањето на вакви изрази го храни насилството и ја поткопува општествената кохезија.
Со ваквата поставеност, минувачите буквално „се судруваат“ со сопственото одразено лице и со можноста да размислат дали некогаш употребиле израз што повредува, понижува или стигматизира други. Инсталацијата создава тивка, но длабока интеракција – момент на искреност помеѓу човекот и самиот себе.
Целта на акцијата „Огледало“ е не да осуди, туку да охрабри: да ги поттикне граѓаните да развијат емпатија, да ја препознаат тежината на говорот што го користат и да станат активни учесници во создавање похумано, побезбедно и поповрзано општество.
Оваа акција е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје.”
Македонија
Манасиевски: Вториот стожер на стратегијата „Македонија 2030“ е економска конкурентност и нов модел на раст
Вториот стожер на Стратегијата Македонија 2030 е економска конкурентност и нов модел на раст, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“ поставува јасна цел за создавање на модерна и просперитетна држава што се потпира на работа, знаење и стабилни институции. Нашата економија мора да премине кон систем што создава вредност, а не зависност. Вториот стожер кој денес го претставуваме е економска конкурентност и нов модел на раст. Нашиот фокус е структурна трансформација, односно од економија базирана на ниски плати во минатото, да се стремиме кон економија базирана на знаење, иновации и висококвалификуван кадар“, рече тој.
Манасиевски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ има конкретни чекори и план како да стигнат до оваа реализација.
„Развој на индустрии со висока додадена вредност, како модерна технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација и инженеринг да бидат нашите двигатели на новата економија. Следен чекор е дигитализација и автоматизација во бизнис-секторот. Само модерни компании можат да влезат во европските производствени и технолошки синџири. Планираме голема поддршка за домашните претпријатија. Домашниот бизнис е мотор на економијата. Затоа, обезбедуваме подобри услови за инвестиции, пристап до капитал и намалени административни бариери. Стабилен и предвидлив даночен систем. Ниту една компанија не би инвестирала во држава која ги менува правилата според дневна политика, затоа стабилноста е суштинска“, рече Манасиевски.
Додаде дека последен чекор во овој стожер, но и многу важен е зелена транзиција и енергетска независност.
„Работиме на зголемени инвестиции во обновливи извори, модернизација на енергетските мрежи и развој на зелени технологии“, рече Манасиевски.

