Економија
Ангеловска-Бежоска на конференција на ЕЦБ: За повисок економски раст на земјите од Западен Балкан, потребна е повисока трговска и финансиска интеграциј
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваше на 9. конференција на Европската централна банка на тема „Менување на геополитичкиот пејзаж – економски последици за Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ)“, кој го отвори претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард. Станува збор за настан од висок профил на кој учествуваат челниците на ЕЦБ, како и гувернерите на централните банки на земјите од ЦИЈИЕ.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска на годинешната конференција посочи дека по глобалната економска криза, процесот на доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан забави во голема мера како резултат на структурните пречки поврзани со фундаменталните фактори на растот – човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста. „Симулациите покажуваат дека доколку продолжиме со истата релативна брзина на растот како досега, ќе ни требаат 40-ина години да го достигнеме просечното ниво на доход во ЕУ. Ризикот од геокономска фрагментација, доколку не е соодветно следен, може дополнително да ја забави конвергенцијата. За малите и отворени економии како нашата, кои треба да ги надминат структурните пречки за раст, потребна е посилна глобална интеграција, а не дезинтеграција“, истакна гувернерката. Таа посочи и на одредени анализи, кои покажуваат дека повисоката интеграција во глобалните синџири на вредност може да придонесе за повисоко ниво на домашниот бруто-производ за 3 до 10 % кај земјите од Западен Балкан.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска учествуваше со излагање во рамките на панел-дискусијата што ја водеше Франк Елдерсон, член на извршниот одбор на ЕЦБ, а учествуваа и главниот економист на ЕБРД, главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија и гувернерите на централните банки на Хрватска и Албанија.
Во своето излагање гувернерката се осврна на досегашните придобивки од интеграцијата на регионот, вклучително и на македонската економија, во глобалните трговски и финансиски текови. Во изминатите две децении трговската отвореност на регионот значително се зголеми, а особено на македонската економија, која достигна околу 160 % од БДП. Паралелено со трговската, се зголеми и финансиската интеграција, која достигна околу 200 % од БДП. Овие два паралелни процеса придонесоа за пораст на конвергенцијата, која од приближно 20 % се зголеми на 40 % од БДП.
„Сепак, неодамнешните засилени геополитички тензии наметнуваат сериозни ризици за натамошниот тек на глобалната економска интеграција, со можни последици во повеќе области, вклучувајќи ги трговијата, финансиите, глобалните синџири на вредности и целокупниот процес на економска конвергенција. Притоа, во случај на фрагментација на глобалната економија трошоците би можеле да бидат високи, особено за малите отворени економии во развој одразувајќи се со повисоки увозни цени, помали и сегментирани пазари, намален пристап до технологии и работна сила и севкупно, намалена продуктивност и стандард на живеење. Но, колку ќе бидат погодени земјите ќе зависи, меѓу другото, и од напорите на носителите на политиките за справување со ризиците, особено во поглед на искористувањето на можностите од евентуалниот процес на преместување на производството на мултинационалните компании на поблиски локации, што би било од интерес за земјите од Западен Балкан, кои имаат географска и културна блискост со земјите од Западна Европа. Активна и многу важна улога во овој процес, но и поопшто, за справување се структурните предизвици, може да имаат и меѓународните и европските институции преку нивната поддршка на земјите од регионот, кои сѐ уште немаат пристап до структурните и инвестициски фондови на ЕУ“, порача Ангеловска-Бежоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

