Регион
Поради големите горештини, на чуварите на Акропол им се скратува работното време
На чуварите на Акропол во Атина и на другите археолошки локалитети во Грција, поради екстремните горештини, ќе им се скрати работното време за четири часа во текот на денот, објави грчкиот синдикат ПЕЈФА.
Почнувајќи од четврток и, веројатно, до недела нема да работат од 16 до 20 часот.
На археолошките локалитети и музеи, кои се отворени за посетители само од 8.30 до 15.30 часот, чуварите нема да работат од 13.30 до 15.30 часот.
Чуварите во последните неколку дена работат на екстремни температури над 45 Целзиусови степени, наведува синдикатот додавајќи дека одлуката за намалување на работното време е мерка за „заштита на здравјето и на чуварите и на посетителите“, кои се невообичаено многубројни оваа година.
Персоналот на Црвениот крст од минатиот четврток им помага на туристите кои може да бидат жртви на сончев удар или несвестица во подножјето на Акропол оставајќи чадори и натстрешници и делејќи шишиња вода.
Од синдикатот изјавија дека и покрај оваа превентивна работа, повеќе од 20 посетители се онесвестиле од горештините последните денови на Акропол.
Акропол во Атина, најпосетуваниот археолошки локалитет во Грција, обично прима посетители секој ден од 8 до 20 часот.
Минатиот петок грчките власти одлучија да ги затворат местата на светското наследство на листата на УНЕСКО во најтоплиот период од денот – почнувајќи од 11.30 или 12 часот и завршувајќи во 17 или 17.30 часот.
Грција, која минатиот викенд ја зафати првиот топлотен бран летово, в четврток, петок и в сабота повторно ја очекува голем пораст на температурата до 44 Целзиусови степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

